е знам уште колку време ќе паѓаме.
Тоа што ни се случува е страшно, ни се случува на очиглед- на сите: видовте
дека со Амди Бајрам и оној негов јатак од Штип, чие ајдутство е
парадигматично, не се прави економски јака држава, оти сета политика што ја
носел со себе бившиот Ром-пратеник, почивала на грозна пљачка. Добро е
секогаш да си со власта, но во онаа власта која краде, или аминува да се
краде!
На Велгденските и Првомајските празници, заборавив кога последен ден
нешто - сработив. Затоа сите што побегнале од оваа држава дембелија,
посакале да се вратат во неа и да продолжат со "патриотизмот на неработењето"!
Барем да знаеме да празнуваме. Не рекле бадијала дека човек што се
излежува прави повеќе грешки, отколку кога човек нешто работи. Нам
историјатот и чествувањето на историските датуми, настани и личности ни ги
бројат сите наши гафови, и ни ги "бележат" како нови историски страници: се
сеќавате на Крушево, за Илинден пред неколку години, а ќе се сеќавате и на
црквата "Свети Спас", на 4 мај 2003 година.
Се поука до поука, како не треба да работиме. А, ние упорно по наше, од
празник на празник, со сиот инает, да му покажеме на светот кои сме и што
сме.
И да знаете, не е ништо случајно. Нашиот примитивизам има корени од
тоталитаризмот. Диктатурата не го ослободува човекот, туку доброволно го
испраќа во сопственото ропство. А, најтешко било да му робуваш на
простотилакот!
Што ни се случува нам, на неутешените? Најпрво ни пресушуваат амбициите,
како планинска суводолица, а потоа кога ќе не наваса
празнично-потрошувачкиот популизам и на лицата ќе ни се разлее слатката
насмевка на глупаците, ние сме веќе во колективна хипноза... Забораваме на
производството на сопствените несреќи: безаконието, самоволието, одземањето
на човековите права, отпорот кон другото, туѓо мислење. Некој очигледно
влече назад, кога веќе треба да се оди напред!
Чуден е овој народ. Не можете ни да го експортирате, ни да го импортирате...
Можете колку сакате лажни претстави да му режирате, салите ќе ви бидат
празни, игрите ненаградени, стадионите пусти, а црквите се помалку посетени.
Театар од суети, па уште ако се политички, не бидува.
Прочитајте ги последните извештаи од посетата на Првата фудбалска лига?
Само роднини и блиски пријатели на фудбалските властодршци, оти изгледа
единствено ним им се исплаќа да доаѓаат на стадионите, кај што нивните преку
фудбалот вртат неконтролирани пари!
А, театрите? Дури и без пари, не се повеќе интересни. Нема вистински
драми. Исто како и црквата во која верниците се воздржуваат да доаѓаат, оти
знаат дека сложните попови мрсат во петок, а рајата ја тераат да пости!
Јавето ни е посилно од сонот. Не во позадината како во Тајванскиот театар
на сенките, туку ептен напред, се гледа длабокиот морален пад... Дно на -
дното: прекупци се пазарат со поткупливи чиновници за мртви и живи души;
сикофанти клеветат, денунцираат и ласкаат; лажни пророци претскажуваат
герилски проекти; фукари стануваат мега чауши!
Хамураби, првиот владар на Вавилон, не ни помислуваше колкава штета ќе му
направи Садам Хусеин, и неговата тиранска ортодоксија на парчето земја околу
Тигар и Еуфрат. Но, така е, ако така ти се чини, запиша Пирандело.
Еднаш, во една прилика, на еден наш политичар, му дадов книга за
новинарството. Очигледно не ја прочитал. Штета! Мислев дека кога ќе ја земе
и кога ќе ја пушти власта, првата лекција што треба да ја научи е да не ги
обвинува новинарите.
Некој, време е, да го сопре нашето паѓање!