|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ЗА ЕДНИ ПАРИ, ЗА ДРУГИ ДРЖАВА
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Грото од американските сили, околу 50.000 војници, по сегашните
планови ќе бидат распоредени на подрачјето на Србија. Американците притоа
планираат и изградба на свои бази во Србија. Клучната база треба да се
наоѓа на подрачјето на Ниш.
- Враќањето на Косово под суверенитетот на Белград не доаѓа предвид,
бидејќи тоа автоматски би предизвикало вооружена побуна на Албанците,
додека пак независноста би била побезболно решение - Србите не би се
кренале на оружје затоа што тие веќе и онака сметаат оти Косово им е
изгубено.
К ако поминуваат деновите од
поствоената ситуација во Ирак, така вниманието на светската јавност повторно
со едно рамномерно темпо се враќа на нашиве простори. Отсекогаш балканското
подрачје било во фокусот на вниманието на големите сили и од истокот и од
западот, но повремено ете некоја мас-кампања на Блискиот Исток, во
Авганистан или Источен Тимор ќе ни го открадне за малку приматот што со
децении наназад сме го имале. Сега повторно се враќаме на "пиедесталот" кој
го "заслужуваме". Сакале - нејќеле туторите стојат отстрана и диригираат.
Некој тоа го слуша и доследно го спроведува.
За да не биде само нагаѓање и нафрлање на безвредни факти и аргументи,
редно е да се направи своевидна анализа на проектите кои од поодамна се
пуштени во оптек, но се чекаше погоден временски термин за отпочнување на
реализацијата.
НОВИ ДЕМОКРАТИИ
Се чекаше завршувањето на ирачката криза и кревкото смирување на
состојбата за да може да почне процесот на казнување на непослушните и
наградување на лојалните во текот на кризата. Првата последица од одлучното
противење на Франција и Германија на нападот врз Ирак беше брзата промена на
американската стратегија во Европа. Уследи прилагодување на новонастанатите
околности во кои НАТО веќе не е добра потпора за Американците. Меѓутоа, се
поставува прашањето зошто Колин Пауел во екот на војната во Ирак допатува на
Балканот, поточно во Белград. Тоа може да се согледа од ексклузивните
информации кои се вртеа во највисоките кругови на српско-црногорската армија.
Американските стратези сега се свртуваат кон т.н. нови демократии за кои
сметаат дека ќе им бидат верни сојузници. САД во рамките на новата европска
стратегија ќе ги преместат своите сили на нови локации, односно околу 70.000
свои војници од Германија ќе ги префрлуваат во Полска, Унгарија и Србија.
Тоа ќе биде новата основа за понатамошно напредување кон истокот, но и некој
вид ѕид меѓу француско-германската оска и нивниот се поизвесен сојузник
Русија. Грото од американските сили, околу 50.000 војници, по сегашните
планови ќе бидат распоредени на подрачјето на Србија. Американците притоа
планираат и изградба на свои бази во Србија. Клучната база треба да се наоѓа
на подрачјето на Ниш. За почеток треба да биде користен постоечкиот нишки
аеродром, а планирана е изградба на американски бази и аеродроми недалеку од
Ниш на подрачјето на Меросина. Ниш е клучната точка на моравската
трансверзала која пак е важна за поврзувањето на овој дел со јужноевропскиот.
Во војската на Србија и Црна Гора веќе не е тајна дека освен намалувањето на
бројот на армијата, предвидено е и од Нови Сад, Белград и Ниш сите воени
сили да се повлечат и да се разместат по центрите за обука. Тоа би требало
да бидат сили за брза интервенција, а САД повремено би ги користеле. Една
таква инфомација е пласирана веднаш по посетата на Пауел на Белград. Со
реализацијата на овој план, сметаат воените стручњаци, САД би ги запоседнале
најважните точки на Балканот, а со запоседнувањето и на Полска и Унгарија
практично би ја поделиле цела Европа. Вакви планови за поширокиот регион на
југоисточна Европа се бележеле и поодамна, но со развојот на настаните на
Средниот исток како да добиваат на интензитет и темпото на нивното
поттикнување и реализирање се забрзува. Едно е јасно - геополитичката и
геостратешката карта на европскиот континент е во фаза на промена со големи
последици по неговиот економско-стопански развој, но и по безбедноста и
сигурноста. Моќта на големите сили оди дотаму што се гази врз постулатите на
меѓународните правни норми, зацртани начела и демократските форми на
управување. Опстојува само оној кој е соучесник во целата драматургија за
побивање и анулирање на спротивниот и послабиот државен или политички табор.
ПОСВЕТЛА ИДНИНА
Каде сме ние како држава и како граѓани во овој глобален и хаотичен
лавиринт? Познато е дека Република Македонија како поборник во справувањето
со глобалниот тероризам застана на страната на коалицијата предводен од САД
за елиминирање на глобалното и модерното зло на 21 век. Македонските
институционални органи поткрепени со искуството од воениот виор пред две
години застанаа покрај Американците за соборувањето на режимот на Садам со
очекување дека утре би не очекувала посветла иднина на ова немирно парче
земја. Раздвижувањата на светската политичка сцена не може да не одминат и
нас како територија која по многу нешта претставува крстосница за интересите
на истокот и западот. Оттука, колку и да звучат неверојатни плановите на
американската администрација за прелокација на своите сили и бази од
централна во југоисточна Европа, нашите погледи треба да бидат свртени кон
развојот на секакво можно сценарио кое на ваков или онаков начин би можело
да не погоди.
Сервилноста на државните водачи досега не даде конкретни позитивни
резултати, или подобро речено не си ја наплативме цената која неколкукратно
ја заслуживме овие години. Водењето на таква надворешна политика и
дипломатија без конкретен и цврст политички став, а со претерана дарежливост
и попустливост, односно со буквално просење пред големците на Вашингтон и
Брисел, само ќе не дотолчи во широкото опкружување во кое се наоѓаме. Ете,
шпекулациите велат дека Србија е таа држава која треба да прибере дури
50.000 американски војници од базите во Германија. Информациите аматерски и
индиректно ги потврди и американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд,
со зборовите "почнува дислокација на нашите сили", но притоа не прецизираше
кое ќе биде местото на дислокацијата. Зошто? Што сега подготвуваат западните
стручњаци при новото преуредување на овие набиени простори? Зошто токму
Србија е одбрана како база за новите американски полигони, пред се ако се
има предвид дека на Србите се уште им се свежи сеќавањата од ужасите што ги
претрпеа при НАТО-бомбардирањата во 1999 година?
По сите овие прашања доаѓаме до еден заклучок. Косово е точката околу
која треба да се концентрираат десетиците илјади американски воини поради
фактот што наскоро треба да се објави акциониот план за неговиот статус.
ПРОЕКЦИЈА ЗА БАЛКАНОТ
Плановите за независност на овој меѓународен протекторат се веќе
изготвени и ставени на испитување во дипломатските лаборатории на Стејт
департментот. За неколку месеци треба да започнат преговорите меѓу Белград и
Приштина, а најдоцна до јуни 2005 година Косово треба да биде признато како
суверена и независна држава. Проектот носи наслов "Постигнување договор за
конечниот статус на Косово" и е изготвен од страна на неколку познати
светски аналитичари и креатори на новиот светски поредок меѓу кои Јануш
Бугајски како главен автор, потоа Брус Хичер и Пол Вилијамс. Студијата е
изработена за потребите на четири организации: Центарот за стратешки и
меѓународни студии од Вашингтон, Проектот за дејтонскиот мировен договор,
Националниот албанско-американски совет и Групата за јавно меѓународно право
и политика. Во моментот кога американската надворешна политика доживува
жестоки критики поради случувањата во Ирак, на Белата Куќа & е повеќе од
неопходно да почне со решавањето на горливите прашања како што е Косово.
Затоа "американскиот проект" на Балканот мора да биде доведен докрај колку
што е можно поскоро. Освен тоа, решавањето на косовското прашање под
директива на Америка ќе му овозможи на Вашингтон подолгорочно останување на
овие стратешки подрачја. Тешка задача ќе биде како да се натера Белград да
го прифати планот на овие светски институти и практично да биде доведен пред
свршен чин, да го има Косово за свој сосед. Но, лекот и за тоа е најден. До
крајот на оваа година Србија треба да добие голема финансиска помош, а можно
е и експресно зачленување во Северноатлантската алијанса, доколку реформите
во армијата се забрзаат. Значи, и српско-црногорската федерација би имала
полза од независноста на Косово. Еден од условите за позитивна завршница на
оваа стратегија е сите страни во договорот да се обврзат дека независноста
на Косово нема да го загрози територијалниот интегритет на соседните земји,
пред се Македонија и Босна. Според планот, преговорите треба да бидат
организирани по примерот на Дејтон, а работната група би била составена од
претставници на САД, ЕУ, ООН и НАТО. Интересно е тоа што во преговорите се
планира да се вклучат и претставници од Македонија и Албанија, бидејќи тој
договор би влијаел на новите државни граници. Притоа, сите делегати ќе бидат
потписници на договорот. Белград и Приштина ќе треба да се откажат од своите
аспирации кон соседните земји - Србија кон Република Српска во Босна, а
Косово кон западниот дел од Македонија. Вашингтон ќе биде гарант на сето тоа.
Со тоа на Македонија и на Босна би им се пратил јасен сигнал дека етничката
поделба е погрешна и неостварлива цел. Креаторите на овој план сметаат дека
враќањето на Косово под суверенитетот на Белград не доаѓа предвид, бидејќи
тоа автоматски би предизвикало вооружена побуна на Албанците, додека пак
независноста би била побезболно решение - Србите не би се кренале на оружје
затоа што тие веќе и онака сметаат оти Косово им е изгубено. Лоша
алтернатива би била и поделбата на покраината по примерот на Кипар, онака
како што се залагаше покојниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ. Стратезите
сметаат дека тоа на долг рок е неодржливо, бидејќи примерот со федерална
Босна го потврдува тоа. Структурата на федералните институции би била
релативно слаба, нема да може да се обезбеди владеење на правото,
економскиот развој би стагнирал, а проблем би било и националното помирување
на ентитетите. Од сето ова јасно се гледа проекцијата на идниот Балкан.
Сега малку чудни доаѓаат размислите, идеите и концептите на екс-премиерот
Љубчо Георгиевски за територијално разграничување меѓу Македонците и
Албанците. Како што тргнале работите во западните институти, тоа не влегува
во модерната стратегија. Но, дали таквите идеи се и дефинитивно исклучени од
опциите, или се остава простор за доразвивање на сценаријата. Веројатно
наскоро ќе ни стане јасно. Летово се очекуваат првите чекори во тој правец.
Старите би рекле "аирлија работа".
|