"МИА и столетието Илинден"
Македонската информативна агенција МИА ја промовираше специјалната
Интернет страница по повод 100 годишнината од македонската илинденска
епопеја. Адресата на проектот "МИА & столетието Илинден" е www.mia.com.mk/mak/ilinden_naslovna.asp.
Оваа страница ги содржи рубриките "Вести Илинден", "Фото Илинден" и "Биднина",
во кои редовно ќе бидат презентирани автентични сведоштва од епопејата.
Гоце Делчев не ги помири Премиерот и Претседателот
Претседателот на РМ, Борис Трајковски, премиерот Бранко Црвенковски и
првиот парламентарец, Никола Поповски, на 4 мај во црквата "Свети Спас" во
Скопје му оддадоа почит на Гоце Делчев, полагајќи цвеќе на неговиот гроб по
повод 100-годишнината од загинувањето во селото Баница, Егејска Македонија.
Цвеќе положија и претставници на Армијата, на МВР, на Сојузот на борците и
на манифестацијата "Гоцеви денови". По повод смртта на големиот македонски
револуционер беше отслужена и архијерејска литургија.
Инаку, посебно беше интересно како ќе се однесуваат првите луѓе на
државава кои по повод 100-годишнината од убиството на Гоце се најдоа на едно
место, по меѓусебните обвинувања преку медиумите. Меѓутоа, Гоце Делчев не
успеа да ги помири Премиерот и Претседателот. Тие само куртоазно се
поздравија, а и посебно се поклонија на моштите на револуционерот.
Македонците на едно место во чест на Делчев
По повод 100 годишнината од убиството на великанот на македонското
револуционерно движење, Гоце Делчев, во МПЦ "Свети Спас" на Калето во Скопје
присуствуваа и 100 Македонци од Пиринскиот дел на Македонија, 30 Македонци
од Егејскиот дел на Македонија од Костурско и Солун, 20 Македонци од Гора на
Косово и дваесетина Македонци од Мала Преспа, Голо Брдо и Тирана. Тие
положија свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во МПЦ "Свети Спас", заедно со
преостанатите присутни државни претставници и невладини организации. Меѓу
Македонците од сите делови на Македонија присуствуваа и претставници на
Македонците од Австралија, САД, Канада и Чешка со претставници на Сојузот на
организациите на Македонците од егејскиот дел на Македонија.
Осуда на идеите за поделба на Македонија
Илинденското востание и Крушевската Република како идеен феномен се
издигнаа над своето време и ја надминаа историската ограниченост, рече
претседателот Борис Трајковски на отворањето на научниот собир по повод
стогодишнината на Илинден, кој се одржа во Македонската академија на науките
и уметностите.
Претседателот на Академијата, Матеја Матевски, најостро го осуди секој
обид и идеја за разградување и разнебитување на македонската држава и нација.
Споменот на Илинденското востание со неговите историски пораки продолжува
да не исполнува, да не восхитува и да не образува, како што не восхитуваат и
не образуваат АСНОМ со оживотворените илинденски идеали и оваа наша денешна
македонска држава.
Печати од македонски фирми во Србија
Белградската полиција соопшти дека двајцата сопственици на огромната
фабрика за производство на синтетички дроги, откриена во февруари во Србија,
поседувале печати од македонски, американски, унгарски и од кипарски
компании, јави радио "Б-92". Милан Зарубица и Срѓан Ѓелекар биле уапсени
поради производство и продавање дрога и за перење пари. Според истиот извор,
тие имале печати што носеле ознаки на компании од нашата и од другите три
земји, а имало печати и од разни српски компании. Полицијата се уште не ги
соопштува имињата на компаниите.
Специјалците патуваат за Ирак
Македонскиот армиски контингент војници определен да даде свој скромен
придонес во стабилизирањето на ситуацијата во постконфликтен Ирак, за
Заливот, поточно во Кувајт, ќе замине на први јуни. Првично планираното
фазно заминување на трите структури војници, поради пребукираност на
капацитетите и камповите во Кувајт, во меѓувреме се промени и сега се
планира 39-те војници и старешини да заминат наеднаш за заливскиот шеикат со
американски транспортни авиони.
Според декларираната подготвеност на Македонија да & помогне на
коалицијата скромно и симболично, во Заливот ќе заминат двајца офицери за
врски: потполковник Љупчо Стојановски и мајор Зоран Секуловски, деветчлено
медицинско одделение и 28 припадници на вод за специјални намени.
АРМ ќе ги амнестира дезертерите
Министерството за правда е задолжено да направи предлог-закон за да се
реши проблемот со 1.444 регрути за кои од 2000 година биле поднесени
кривични пријави затоа што ја избегнале воената обврска.
Македонија доби 27,6 милиони долари
Бордот на директори на Меѓународниот монетарен фонд го одобри стенд-бај
аранжманот во вредност од 27,6 милиони американски долари, кои Македонија ќе
ги добие во следните 14 месеци. Аранжманот ќе се реализира во периодот од
април 2003 до јуни 2004 година. Бордот го усвои и извештајот за тековната
макроекономска состојба и среднорочните економски политики кои Владата има
намера да ги спроведува.
Поскапува струјата
Можна е корекција на цената на електричната енергија, и тоа веќе од
наредниот месец, кога мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе дојде во
земјава да се увери во спроведувањето на обврските што земјава ги презеде со
потпишувањето на аранжманот за подготвеност (т.н. стенд-бај). Ова го најави
Петар Гошев, министерот за финансии, по завршувањето на разговорите со
Франек Розвадовски, специјалниот претставник на мисијата на ММФ за
Македонија.
Аргументирајќи го овој пресврт во политиката на цените на електричната
енергија, Гошев рече дека ММФ и Светската банка нема да дозволат струјата да
се третира како социјална категорија, туку како економска, и како таква таа
треба да има своја цена. Неофицијално, сметките за струја во јули ќе бидат "потешки"
за околу седум отсто, но тоа допрва треба да се утврди.
|