СПОРТ

Младите кадети на европското првенство

НА МАКЕДОНСКИОТ БАСКЕТ МУ ТРЕБА КРПЕЊЕ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Слабиот квалитет на нашето првенство е една од причините, ако не и главната, поради која нашите млади играчи не успеваат да созреат и да се развијат во она што сите ние го очекуваме и посакуваме.
  • За еден играч да успее да се развие во она што од него се очекува и за што има потенцијал, основен услов е да се има квалитетно првенство, да се имаат екипи кои би биле ривали и меѓу кои би постоел натпреварувачки дух, да има дерби натпревари, да има регуларно првенство!

Македонската кадетска кошаркарска репрезентација се пласира на европ-ското кадетско првенство кое ќе се одржи во Хрватска. Овој убав успех нашите млади кошаркари го постигнаа откако на квалификациите за ова европско првенство, убедливо го освоија првото место во групата, притоа не претрпувајќи ниту еден пораз.

Под импресивната игра на нашата кадетска репрезентација подлегнаа и репрезентациите коишто доаѓаат од далеку пореномирани лиги како на пример репрезентациите на Италија и Литванија.

КОНТИНУИРАН УСПЕХ

Пласманот на кадетската репрезентација претставува само продолжување на успесите кои оваа репрезентација ги постигнува последните години. Имено, треба само да потсетиме дека токму оваа репрезентација е редовен и постојан учесник на натпреварите од европските првенства, а најголемиот успех го има постигнато генерацијата на Гечевски и Чековски кои го освоија и највисокиот пласман на една наша кошаркарска репрезентација на едно европско првенство. Трендот на добра работа со младите генерации и пронаоѓањето и продуцирањето на таленти продолжи и понатаму, а најдобар доказ за тоа е токму овој успех на сегашната генерација кадети кои навистина убедливо и без некој поголем проблем, триумфално се пласираа на европското првенство кое ќе се одржи во Хрватска.

ШТО ПОТОА

Вистинското прашање кое сега треба да се постави е што се случува понатаму со играчите кои на таа возраст постигнуваат навистина одлични резултати и се надмоќни во однос на своите врсници? Факт е дека сениорската репрезентација се уште не го постигнала оној успех на кој се надеваме и кој сите го посакуваме! Се случува нешто кое најпросто може да се објасни на начин кој и не треба да биде прифатлив и не треба да дозволуваме да се случува, но ете некако во интервали постојано и постојано ни се случува.

Имено, кадетите кои биле во европската кошаркарска елита на ниво на својата генерација, не можат да го повторат истиот успех кога стануваат сениори или кога сите се надеваме дека ќе бидат носители на промената на генерации во македонските кошаркарски селекции. Има некоја тенденција кошаркарските бисери кои ги имаме како несомнени потенцијали да ги загубиме, или да не ги дооформиме поради некои наши суети или поради наша недоволна работа. Тоа нешто е навистина неприфатливо, затоа што ретко која држава може да се пофали дека е толку голем извор на таленти за кошарка.

СИТНИ ИНТЕРЕСИ

Причини за таквата загубеност која ни се случува при преминот од генерација во генерација треба да се бараат во општите состојби во македонската кошарка кои владеат еве веќе подолго време. Слабиот квалитет на нашето првенство е една од причините, ако не и главната поради која нашите млади играчи не успеваат да созреат и да се развијат во она што сите ние го очекуваме и посакуваме. Имено, за еден играч да успее да се развие во она што од него се очекува и за кое има потенцијал, основен услов е да се има квалитетно првенство, да се има екипи кои би биле ривали и помеѓу кои би постоел натпреварувачки дух, да има дерби натревари, да има регуларно првенство! Тоа кај нас се уште го нема и, за жал, ако некогаш можевме да се пофалиме дека имаме квалитетно првенство и дека ја негуваме квалитетната некогашна југословенска кошаркарска школа, сега можеме само да констатираме континуиран пад на квалитетот на македонската кошарка што е резултат на слабото македонско првенство.

Друго нешто што може да се истакне како причина за падот на квалитетот на македонските млади кошаркари е секако несредената состојба во самата Кошаркарска федерација. Постојаните превирања се постојан генератор на проблеми кои не можат, а да не се рефлектираат врз општите состојби на македонската кошарка. Ситните интереси на некои поединци и нереалните апетити секако претставуваат голема кочница за младите играчи и воопшто за македонската кошарка.

Како следна причина за губењето на талентите во периодот кога се преминува од една генерација во друга и кога товарот кој треба да се преземе е поголем, секако е неможноста на нашите играчи да се пробијат на странските кошаркарски лиги каде што и првенствата се појаки. Ваквата неможност не е поради тоа што нашите играчи немаат квалитет, туку поради неорганизираниот настап на играчите и нивната недоволна промоција. Само треба да се спомене дека Илиевски и Антиќ, играчи кои успеаја да заиграат во странство, сега се носители на играта и нејзини главни креатори во екипите каде што појдоа. Стефанов, според многумина, е меѓу најдобрите европски плејмејкери, а Илиевски е во континуиран квалитативен играчки подем. Сега само може да замислиме кои би биле можностите на македонската кошарка ако се во нашата Федерација функционира како што треба и ако се направат напори македонските надежи, кои се толку убедливи како кадети и младинци, да станат големи играчи и како сениори.

Се надеваме дека оваа генерација предводена од селекторот Амди Муса нема да ја снајде истата судбина како претходните и дека навистина играчите кои се главни во оваа генерација ќе прераснат во идни носители на играта на македонската сениорска репрезентација. Ако не успееме да направиме напор да ги моделираме во големи играчи овие кадети, уште долго ќе бидеме вбројувани во Б репрезентациите во Европа каде што сме сега.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"