итајќи ги тезите на Љубчо
Георгиевски изнесени на 18 април, 2003 година, во весникот "Дневник",
останав шокиран од налудничавите замисли, изненаден од "храброста" конечно
да застане пред мислите кои претходно ги унапредуваше преку туѓи истапи, но
и благодарен што маските конечно паднаа. Ова покажува дека Љубчо Георгиевски
е веќе потрошен политичар со изабен ум и дека неговата психичка нестабилност
веќе станува опасност за опстојувањето на Република Македонија и нејзино
прифаќање како сериозен чинител на Балканот и во Европа. Веќе неколку пати
Љубчо Георгиевски ги произнесува и унапредува тезите за промена на територии
и население, но овој пат едноставно покажува дека ова не се тези на некои "академици",
туку дека тие се лично негови тези, тези кои еве сега веќе има храброст да
ги претстави како свои.
Разработувајќи ги тезите, Георгиевски зборува за етничкото чистење врз
Македонците, за губењето на самостојноста и унитарноста на македонската
држава, за неповолните (се мисли за етничките Македонци) демографски
поместувања, за македонскиот безбедностен систем итн., но сето тоа го
зборува како да паднал или е испратен од Марс за да ни ги реши проблемите.
Зарем веќе заборави дека тој ја "водеше" Република Македонија за последните
4 години, дека имаше 101 можност да ги исправи, или барем правилно да ги
насочи, сите неправилности за кои тој сега зборува во неговите тези.
Проблемот не е во тоа што Георгиевски не реши ништо, туку напротив, тој
беше срцевината на проблемот, чинителот кој ги отежна постоечките проблеми и
ни донесе нови, потешки и поопасни. Токму тој е чинителот кој овозможи некои
доселеници етнички да го чистат македонскиот народ од својата татковина,
оставајќи една третина од државата во рацете на неговиот криминален брат,
Арбен Џафери. Георгиевски ја продаде самостојноста на Република Македонија
со самиот чин на повлекување од северозападните делови на државата на скоро
сите воено-полициски сили. Истовремено, целосно го уништи безбедносниот
систем и тој негов "успех" конечно доведе до губење на унитарниот карактер
на државата.
Понатаму, господинот Георгиевски изгледа сака демографските поместувања
да ги "решава" во полза на етничките Македонци со непризнавање на
Македонците во соседството и иселеништвото и со зголемено иселување на млади
македонски семејства, како што тоа тој добро го разработи за време на
неговото "владеење".
Понатаму, во своите тези, господинот Георгиевски исфрла еден друг
ново-стар бисер: дека "македонскиот менталитет, познат низ историјата по
немањето чувство за национално единство, се потврди уште еднаш". Па,
господине Георгиевски, македонскиот народ опстоил досега токму затоа што
имал и има спротивен менталитет од вашиот. Македонскиот народ секогаш имал
чувство на национално единство и тоа единство се покажувало секогаш кога
народни водачи биле на кормилото, додека секогаш (иако понекогаш како во
вашиот случај) со задоцнување, им го свртувал грбот на изродите од вашиот
калап кои имале чувство за национално разединување и уништување. Овие тези
дека македонскиот народ е проклет и дека има својство на самоуништување да
си ги чувате за себеси, како што треба да си ги чувате за себе и вашите тези
дека Македонците се делат на Македонци - Срби, Македонци - Грци и Македонци
- Бугари.
За ваша информација, господине Георгиевски, Македонците се делат на две
категории: национално свесни Македонци кои истовремено се и огромното
мнозинство, и втората група, во која спаѓате и вие, а тоа се национално
несвесни продадени изроди, кои во едно минато време беа нарекувани Јаничари.
Понатаму, гласно размислувајќи, Георгиевски се прашува "Зошто да поминат
уште десет години, папсувајќи да стигнат (Албанците) до својата цел: 'Голема
Албанија' и нивниот историски копнеж сите Албанци да живеат во една држава".
Значи, Георгиевски е толку загрижен за Албанците што жали кутрите да не се
мачат залудно 10 години да го постигнат нивниот историски копнеж, па затоа
ете, тој сега веднаш ќе им помогне да ја остварат својата идеја за "Голема
Албанија", со тоа што ќе им го даде западниот дел од Република Македонија.
Ако Георгиевски е толку загрижен за Република Македонија и за балканскиот
мир, зошто не спомне дека на Балканот не може да има мир се додека не се
обезбедат човековите / етничките / јазичните / културните / верските /
имотните / повратните и други права за сите Македонци на Балканот? Па
конечно, зошто и да не рече: се додека не се оствари македонскиот историски
копнеж за Обединета Македонија, Балканот нема да има мир! Или можеби
Георгиевски е толку национално "свесен" што за тоа не може да размислува,
или пак едноставно за тоа размислување се уште не го платиле!
На крајот, мудрецот Георгиевски нуди предлог-решенија "за опстанок на
македонската нација и држава". Предлага "најитно враќање на тезите изнесени
од некои академици за размена на територии и население или поточно,
разграничување меѓу Македонците и Албанците". Иако тука Георгиевски отворено
не кажува, но сега сите знаеме дека тие "тези од неколку академици" во
стварност се лично негови тези, кои беа едноставно протурени преку некои
наивни "академици".
Георгиевски продолжува со предлог-решенијата велејќи дека "основата на
нашиот интерес е во етничкото спасување на Куманово, Скопје, Кичево и Струга,
што подразбира иселување на албанските граѓани од овие области преку трампа
на финансии и имотни добра". Меѓутоа, Георгиевски кукавички испушта да каже
дека со тоа истовремено се подразбира дека етничките Македонци од Тетово,
Гостивар и Дебар ќе треба да се иселат од една македонска област во друга
македонска област. Со други зборови, создавање на една помала Македонија.
Дали потоа, кога ќе има повторно притисок од некоја етничка група,
Георгиевски наново ќе предлага да се отстапи еден друг дел за спас на уште
помала Македонија? И така натаму се до моментот кога ќе ја снема Македонија?
Дали Љубчо Георгиевски е платен да ја оствари таа непријателска цел? Само ме
интересира кој и колку го платил?
Понатаму, "мудрецот" Георгиевски вели дека "новиот почеток" Република
Македонија "треба да го направи со враќање на АСНОМ-скиот устав", односно
Република Македонија да стане "држава на македонскиот народ и другите
рамноправни граѓани". До вчера Георгиевски плукаше и фрлаше камења по
АСНОМ-ска Македонија, а сега бара истата да се врати, само нешто помала.
Потоа, Георгиевски предлага да се "создаде Македонски национален совет
составен од главните политички државни функционери, претставници на
поголемите политички партии, претставник на МАНУ и Македонската православна
црква, кои ќе бидат носители на стратегијата". Секој свесен и здрав човек ќе
се праша: Зошто Георгиевски не создаде таков Македонски национален совет
додека беше на власт, за да се разработи Македонска национална стратегија?
Ако, пак, се вади дека СДСМ немаше да се согласи, можеше тоа да го направи
со сите, минус СДСМ. Зошто не дозволи сите македонски иселеници, без разлика
на местото на раѓање и живеење, да станат македонски државјани, со право на
глас во местото на живеење? Спасот на Република Македонија беше во негови
раце, но ако тоа го оствареше, не ќе можеше да ја дели државата на два
пашалака, едниот (мораме да признаеме нешто поголемиот) за себе, а другиот
за Џафери.
Но, за да не бидеме осудени за критизерство, наместо осумте налудничави
предлози од господинот Георгиевски, јас предлагам неколку мои предлози кои
ќе доведат не само до опстанок на македонската нација и држава, туку и до
целосна преродба, претворајќи ја Република Македонија во вистинска
демократска и високоразвиена индустриска земја:
1. Отстранување од Владата и од Собранието на Република Македонија на
сите народни изроди од типот на Георгиевски и компанија;
2. Целосно, некомпромисно и доследно справување со и уништување на
криминалот, корупцијата и непотизмот во Република Македонија;
3. Под итно, доделување македонски државјанства на сите етнички
Македонци кои тоа ќе го побараат, без разлика на местото на раѓање или
живеење;
4. Обезбедување право на глас на сите македонски државјани во местото
на живеење, вклучително и тие кои живеат во поробените делови од Македонија
и во иселеништвото;
5. Обезбедување 20 пратенички места за сите македонски државјани кои
живеат надвор од границите на Република Македонија;
6. Создавање поволни услови за сите странски вложувања во Република
Македонија, посебно за македонските иселеничко-повратнички вложувања, без
барање поткуп и со крајно поедноставени правила и закони за регистрирање
фирми и за стопанисување;
7. Осмислена и сеопфатна повратна политика за иселените Македонци и
создавање поволни услови за нивно забрзано вклучување во македонскиот
стопански, научен, културен и политички живот. Посебно место треба да се
обезбеди за сите Македонци кои во белиот свет оставија посебен белег на
стопанско, научно, културно или друго поле;
8. Осмислување работен план за здобивање права на поробените
Македонци и отворено и доследно залагање пред соседите и светот за здобивање
и целосна заштита на етничките, јазичните, културните, верските и други
права на Македонците во соседните држави.
9. Создавање духовно единство на сите Македонци на Балканот и
претварање на целиот Балкан во област со слободен проток на идеи, луѓе и
материјални добра.Има уште многу предлози, но кога деветте горни предлози и
делумно би се оствариле, нема да има потреба да размислуваме дали
македонската држава и нација ќе опстојат, туку напротив - ќе размислуваме за
и ќе работиме кон поголем напредок.
Драги Стојковски