нгел беше единствената впечатлива
фаца во Редакцијата на дневниот весник "Вечер" што ја забележав во
комуналната рубрика, кога по неколку години пауза се вратив да продолжам со
новинарството. На почетокот не можев да се прилагодам на сите тие нови лица
кои не беа таму кога јас си заминав, па и не забележував колку тој, всушност,
е интересна личност. Тогаш не можев ниту да претпоставам колку многу ќе ми
недостасува сиве овие години откако го нема.
Комеморацијата во "Вечер", првиот ден од петтиот месец во 1998 година,
беше најголемата траума што дотогаш ја доживеав. Верувам дека никогаш повеќе
не ќе можам да почувствувам болка со толкав интензитет, како тоа мајско утро
кога тргна погребната поворка до вечниот дом на Ангел Николиќ. Мојот
најдобар другар и колега.
"Знам дека сум болен од рак и ќе умрам", ми рече едно попладне додека
седевме во "Штрк", неколку месеци пред и навистина "да го направи" тоа.
Признавам дека и јас бев загрижана заради неговото нарушено здравје, ама не
сакав ниту да помислам на дијагнозата која набргу потоа сите не тресна од
земја. Никогаш нема да си простам што не успеав да го убедам порано да отиде
на лекар. Често пати се прашувам дали времето ќе изменеше нешто. Тешко се
прифаќа загубата.
Ангел беше новинар кој знаеше од половина зборче да направи комплетна
информација. Со наслов и поднаслов. Тој беше цар за репортажи. Понекогаш му
завидував на леснотијата со која ги пишуваше текстовите. Многу често Ангел
ми помагаше при пишувањето на моите текстови, особено кога од "црната
хроника" се префрлив во "комуналната" и од Весна го наследив секторот
сообраќај. Дотогаш ништо пострашно ми се немаше случено во животот! Го
загубив сиот ентузијазам за новинарството. Затоа и си заминав. Од
комуналната рубрика. Од Редакцијата која почна да наликува на бордел. Од
уредникот кој подобро умееше да "меша" со стомакот, отколку да прави весник.
Заминав оставајќи го Ангел таму каде што го затекнав. На бирото спроти моето.
Меѓу ѕидовите излепени со наши фотографии од разни настани и прослави.
Заборавив да им кажам да се грижат за него.
Просториите на дневниот весник во кој се префрлив во потрага по малку
повеќе мотив за работа, беа на само неколку чекори од станот на Ангел, во
кој тој живееше со неговата мајка. Тетка Драгица, која почина набргу по
смртта на нејзиниот син, беше во поодминати години. Дали поради тоа, или
поради нејзиниот карактер, имав впечаток дека некако не се грижи доволно за
мојот другар.
Не познавав дете кое не беше заљубено во Ангел. Меѓу многуте и мојот син,
кој беше најсреќен кога ќе го оставев кај Ангел додека јас одев во шопинг.
Станот на Ангел беше во центарот на градот. Од балконот се гледа Вардар и
целиот Плоштад. Тој и син ми играа "макао" и редовно ме бркаа, ако се вратев
порано од договореното.
Во истата таа соба во која Ангел ги припазуваше нашите деца, со недели ги
гледаше врапчињата од прозорецот спроти креветот, речиси секогаш кога ќе
наминев по или во тек на работното време да го ѕирнам. Дури и кога се му
стана јасно околу неговата болест, Ангел остана најдуховитиот човек што го
познавав. Еднаш во Охрид, во една од тамошните дискотеки, на едно наше
службено патување, толку многу се изнапи алкохол што почна да ги чести сите
што стоеја на шанкот. Меѓу нив и еден осуденик кој токму тој дена излегол од
затвор. Кога сфати дека јас него толку многу пати сум го напишала во моите
текстови во "црната хроника", не можеше да се изнарадува што и лично го
запознал. За Ангел тоа беше многу интересен момент. Чековите ги трошеше се
уште не земени од банка. Знаеше и последната пара да му ја даде на првиот
просјак што ќе го сретнеше на улица. Не можеше да сфати дека има такви кои
не знаат да ги поделат ниту емоциите, ниту пак материјалните добра. Тој
можеше во половина скопски кафеани да пие и да јаде "на рабуш". Никој не се
сомневаше во неговата чесност. Ние двајца знаевме да ги поделиме чувствата.
И радосните. И тажните. Подеднакво. Имавме толку многу заеднички планови и
идеи. Не викаа "петок и сабота". Ама ме зезна. Не стасавме многу работи да
направиме заедно. Тој не стигна да го види нашиот стан што се градеше. Ние
не стасавме да го собереме грозјето од неговиот вилает и да направиме вино,
по рецептот на свекор ми.
Не познавав некого што не го сакаше Ангел. Особено девојките многу лесно
се заљубуваа во него. Имаше една која не можеше да разбере дека нашата љубов
е како меѓу брат и сестра. Близнаци. Мојата пуста неостварена желба за брат.
Неговата класна од гимназијата "Јосип Броз" во која матурираше истата година
кога и јас во "Корчагин", рече дека тој беше многу паметно дете и земјата
едноставно не можела да го додржи. "Секогаш бараше нови видици", рече таа
дента кога поворката патуваше на гробиштата во Бутел.
Последен пат го слушнав на телефон пред Велигден. Имаше добар изговор за
да не ми каже дека повеќе не може да стане од кревет, одбивајќи да дојде во
"Медиум" на чај. Тоа беше пијалакот што го конзумиравме откако му се влоши
состојбата. Стануваше се понервозен. На последната наша прошетка на неколку
метри од дома, ми призна дека ја губи силата. Се договоривме да ја победиме
болеста. И толку!?
Една вечер, на едно друго наше патување за потребите на "туристичкото
катадневие" што заеднички го подготвувавме за "Вечер" (Ангел го правеше, јас
само му помагав) успеа да испуши четири кутии цигари и да ја отвори и
петтата. Утрото, откако ја констатиравме количината на алкохол и на никотин
што тој ја имаше во себе, се случи и нашата прва кавга. Ангел не знаеше да
држи лутина. Додуша, само еднаш се случи да не зборуваме два-три дена уште
додека седевме биро спроти биро во "Вечер". Јас бев виновна. И неговото
трпение имаше граници.
Не отидов да го посетам. Не сум сигурна дали навистина не можев да
одвојам време последната недела или две, или потсвесно не сакав да го гледам
како се мачи. Имаше многу болки. Почнуваше да не личи на себе. Вечерта пред
да отпатува на небото, неговата братучетка ми рече дека заспал. Се јавив
повторно. Тој пак спиеше. Се откажав. Цело време знаев дека крајот е извесен
и дека нема друг излез. Сепак, следното утро, кога го слушнав гласот на
Весна на телефонската слушалка, првата помисла ми беше дека таа не разбрала
добро. Не можев да прифатам дека крајот се случи.
Ангел лежеше на истиот тој кревет од којшто го анализираше јазикот на
комуникација на врапчињата кои се собираат на гранките од дрвјата крај
неговиот прозорец. Мајка му го облекла во матурското одело. Кога го видов во
него, преполовен и безживотен, посакав истиот момент да го пресоблечат во
последниот пар "карера" што не стаса да ги износи и карираната кошула која
заедно ја одбравме за една, за него посебна прилика. Немаше ништо да биде
поинаку. Ангел и онака веќе не знаеше ништо што се случува околу него.
Единствено зракче кое ми ја олеснуваше болката беше тоа дека повеќе ништо не
го боли.
Покрај сандакот на гробиштата во Бутел една жена, малку помлада од мајка
му на Ангел, за која имав информација дека му е тетка, тивко плачеше. Како
да мораше да ги потиснува емоциите. Нејзината тага, и покрај се, не можеше
со ништо да се прикрие. Болката беше насекаде. Ангел го спуштија во дупката
во најубавиот месец од годината. Мајка му рече: "Синко мој, се е зелено и
расцутено, само ти ми овена". Од моментот кога повеќе го немаше ни мртвото
тело на мојот најдобар пријател и колега, не се сеќавам како поминуваа
деновите. Знам само дека многу болеше. Долго и интензивно. Чувствував вина
за се што ќе направев како живо суштество. Мислев дека ме гледа од некаде и
ми се лути. Бев себична, затоа што кога не можев да се справам со
проблемите, ми беше потребен. Тој умееше сите работи да ги гледа од смешната
страна. Така и мене ме одржуваше во добра форма.
Денес, по пет години од неговата смрт, ми станува јасно зошто жената
толку болно и кротко плачеше врз гробот на Ангел. Таа го родила. Тоа Ангел
неколку пати се обидел да ми го каже. Јас, како и секогаш, веројатно сум
била зафатена со моите "проблеми" и не сум го разбрала. Ми го даде
задоволството да мислам дека јас сум му единственатата сестра, иако имал
своја родена и брат.
Во "Штрк", честото свртувалиште на Ангел Николиќ, новинарот на "Вечер",
кое до ден денес го заобиколувам, прв пат се собравме, речиси сите од
старата постава на "комуналната рубрика" на весникот кој на некој специфичен
начин не зближи мене, Ристе, Цариќ, Ранко, Анита, Џас, Маја, Весна... првиот
30 декември, по неговата смрт. Се напивме за негова душа. Средбата ја
завршивме смеејќи се на наговите шеги. Тој е тука некаде секогаш кога сме
заедно или одвоени. Без разлика. Маја често знае да каже: "...сега не гледа
одозгора и ни се смее...". Се уште се сеќевам на неговата толку впечатлива
насмевка. Можеби и затоа секое сеќавање на Ангел, несвесно ми го оптегнува
лицето во насмевка. Тоа ми го признале и многумина други кои го познаваа
Ангел Николиќ, нашиот пријател и колега, засекогаш.
Почивај во мир!
Скопје, 2003 година, февруари