|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПРЕОСТАНАТИТЕ ДЕЛА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ (7)
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Македонскиот крал Димитрија се подготвувал повторно да ја освои цела
Азија, овојпат војувајќи против македонските владетели кои владееле со
азиските територии!
- Познатиот македонски крал Филип Петти бил роден правнук на Димитрија.
П родолжуваме со те-мата од
минатиот број, т.е. со презентирање на делови од Биографијата на
македонскиот крал Димитрија Први (294 - 287), напишана од Плутарх во 75
година.
Откако завршила војната со Пир, Димитрија и натаму не мирувал. Почнал
опсежни воени подготовки за напад на Азија. Плутарх пишува дека такви
подготовки за напад врз Азија не биле забележани уште од времето на
Александар (Македонски).
Во врска со оваа забелешка на Плутарх треба да се потенцира дека
разликата помеѓу Димитрија и Александар Македонски е во тоа што тогаш
Александар се борел против Персија и на негова страна биле сите Македонци,
но и извесен број Грци и Тракијци. Сега, пак, воинствениот Димитрија
практично правел подготовки за воен поход против државите на Селевкидите и
на Птолемеите во кои, исто така, на власт биле негови сонародници -
Македонци.
КОАЛИЦИЈА ПРОТИВ ДИМИТРИЈА
Во продолжение Плутарх пишува дека поради воените подготовки на Димитрија,
Птолемеј и Селевк, заедно со Лизимах од Тракија склучиле воен сојуз против
него. Тие испратиле делегација и кај Пир во Епир со повик и тој да се
приклучи на сојузот. Уште додека траеле воените подготовки на Димитрија,
сојузниците ги нападнале неговите територии од сите страни. Лизимах извршил
упад во Македонија од Тракија, а Пир од Епир. Птолемеј, пак, ги нападнал
градовите на денешната грчка територија што биле под власт на Димитрија.
Димитрија го оставил својот син да ги брани градовите на денешната грчка
територија, а тој заминал да му се спротивстави на Лизимах. Но, тогаш
разбрал дека Пир влегол во градот Бероја. Кога оваа вест дошла и до
македонските војници, тие револтирано реагирале против Димитрија.
Дисциплината нагло почнала да опаѓа и мнозина војници отворено изјавиле дека
ќе се вратат кај своите семејства. Тогаш Димитрија помислил дека Македонците
не сакаат да се борат против Лизимах, затоа што и тој бил Македонец.
Димитрија мислел дека нивната лутина сега е насочена кон Пир, кој како
странец навлегол во Македонија (овде пак ќе направиме забелешка, затоа што
Плутарх јасно пишува дека Пир, кој бил Епирец, бил сметан за "странец" од
страна на Македонците). Но, Димитрија и овој пат погрешил во своите проценки.
Пир бил смел војсководец и хумано се однесувал кон заробениците. Македонците
во војската на Димитрија тоа добро го знаеле и затоа кога тој ги повел во
борба против Пир, тие почнале да дезертираат и да се приклучуваат кон
војската на Пир.
Всушност, на Македонците им дошле преку глава бескрајните војни што ги
водел Димитрија, како и неговата ароганција кон своите потчинети и биле
подготвени кого и да било да го прифатат како крал на местото на Димитрија.
Плутарх пишува дека отпрво само групи дезертирале, но подоцна целата војска
се распаднала. Тогаш некои Македонци отишле во шаторот на Димитрија и
отворено му кажале дека (цитат): "Македонците повеќе не сакаат да ги
ризикуваат своите животи за да го задоволат неговото живеење во луксуз и
лични задоволства". Тие му кажале дека е најдобро за него да ја напушти
Македонија. Димитрија тогаш се облекол во обични алишта и побегнал од
Македонија. Лизимах и Пир навлегле во Македонија и ја поделиле.
Димитрија (заедно со своите приврзаници) се стационирал во Касандреа.
Таму неговата жена Фила, во знак на очај поради лошата среќа и неуспесите
што речиси постојано ги следеле, испила отров и се самоубила.
Потоа читаме дека Димитрија успеал да собере нова војска од градовите што
останале под негова доминација. Тој бил примен во Теба, на која и ја вратил
автономијата. Но, кога посакал да влезе и во Атина (како во град што бил под
негова доминација), повторно доживеал разочарување од атињаните. Имено,
откако атињаните разбрале дека тој не е повеќе крал на Македонија, го
совладале неговиот гарнизон и побарале заштита од Пир (новиот крал на
Македонија). Димитрија се налутил и го опсадил градот, но подоцна бил убеден
да се повлече, по што заминал кон Мала Азија со намера да ги одземе
териториите на Карија и Лидија од Лизимах. Во Милет Димитрија се оженил за
Птолемеја (ќерка на Птолемеј Први од неговата разведена жена Евридика).
Тогаш некои од малоазиските градови се побуниле против Лизимах, а некои од
неговите офицери поминале на страната на Димитрија. Но, набргу потоа во овие
области пристигнал Агатокле (синот на Лизимах), кој го потиснал Димитрија во
Фригија. Тогаш на помош на Агатокле се приклучил и Селевк, кој ја нападнал
војската на Димитрија во Киликија. Димитрија (чија војска веќе била
преморена и десеткувана од епидемија на болест) испратил писмо до Селевк,
замолувајќи го да му дозволи да остане со неговата војска во неговото
кралство среде независните барбарски племиња и таму да се стационира
ветувајќи дека повеќе нема да војува. Димитрија побарал и храна за своите
војници преку зимата. Селевк му одговорил дека може да остане во областа
Катаонија, но само во период од два месеца. На ова Димитрија одговорил со
напад врз Сирија (главниот дел на државата на Селевк), иако пред тоа
прележал тешка болест.
Селевк тргнал со голема војска против него. Димитрија се обидел ноќе да
ја нападне војската на Селевк, но еден дезертер од неговата војска го
известил Селевк за ова додека спиел во својот шатор. Селевк скокнал на нозе,
ја алармирал војската и додека се облекувал им издал наредби на своите
офицери да се подготват за борба. Тогаш Димитрија, кога слушнал врева во
кампот на Селевк, се откажал од ноќниот напад.
Утредента војската на Селевк извршила напад против војската на Димитрија.
Тогаш мнозина од платениците на Димитрија го напуштиле и поминале на
страната на Селевк. Димитрија побегнал заедно со малубројните приврзаници
кон една планина, надевајќи се дека преку ноќта ќе стигне до брегот и ќе
отплови на некое посигурно место. Но, набргу сфатил дека тој план тешко може
да му успее затоа што војската на Селевк била на сите страни околу него.
Тогаш некои негови пријатели го наговориле да му се предаде на Селевк и тој
го сторил тоа.
КРАЈОТ НА ДИМИТРИЈА
Од страна на Селевк, Димитрија бил коректно третиран. Селевк му дозволил
да живее во неговата држава како во еден вид полу заробеништво.
Димитрија испратил писма до управниците на неговите територии, во кои ги
известил дека отсега натаму нивни господар е неговиот син Антигон. Тогаш се
случиле некои интересни настани. Кога дознал за заробеништвото на својот
татко, Антигон напишал писмо до Селевк, со молба да го ослободи неговиот
татко, а во замена да го земе него како заложник. Писма за ослободување на
Димитрија упатиле и управниците на некои градови. Но, Лизимах од Тракија
испратил до Селевк писмо со сосема поинаква содржина. Тој му понудил на
Селевк голем износ пари за да го убие Димитрија. Селевк не одговорил
позитивно на овие писма, туку го задржал Димитрија.
Во продолжение читаме како Димитрија го минувал своето време во
кралството на Селевк. Тој можел слободно да се занимава со лов и со јавање,
а правел и физички вежби. Но, подоцна почнал да пие. Откако поминал три
години во заробеништво, Димитрија се разболел и починал на возраст од 54
години. Неговите посмртни останки со сите кралски почести биле испратени на
неговиот син Антигон, кој тргнал со целата флота за да ги пречека.
Посмртните останки биле сместени во најголемиот кораб, а народот во
градовите кои биле под негова власт искажал голема почит кон својот покоен
крал. Плутарх детално го опишува погребот на Димитрија.
На крајот од биографијата за Димитрија, Плутарх пишува за неговото
потомство, па вели:
"Димитрија немаше други деца од својата сопруга Фила, освен Антигон и
Стратоника, но имаше уште два сина кои го носеа неговото име. На едниот (кој
го носеше прекарот Тин) мајката беше Илирка, а другиот (кој владееше во
Кирена) беше од Птолемеја. Од сопругата Дидамија, Димитрија го имаше синот
Александар, кој живееше во Египет, каде и умре. Некои велат дека имал син и
од Евридика, кој се викал Кораб. Неговото семејство продолжи да владее се до
Персеј, кој беше последен крал. Во негово време Римјаните ја освоија
Македонија. Со ова заврши македонската драма...".
Значи, син на Димитрија е Антигон (кој го носел прекарот Гонат), а негов
син бил Димитрија Втори. Син на Димитрија Втори е познатиот македонски крал
Филип Петти, а негов син е Персеј во чие време Македонија престанала да
постои како држава. Практично Филип Петти е роден правнук на Димитрија
опишан во Биографијата на Плутарх.
Да го кажеме и тоа дека Димитрија во грчките извори е познат по прекарот
"Пиолиоркет" (опседнувач на градови) секако поради своите бесконечни
војувања, во кои опсадите на градовите со воени машини биле нивни составен
дел.
Од сето досега напишано може да се заклучи дека Димитрија во својот бурен
живот проживеал низа неуспеси, но имал и успеси (кои не знаел како најдобро
да ги искористи). Практично, тој бил опседнат да ги врати под своја
доминација сите територии што ги држел неговиот татко Антигон, па затоа
животот му поминал во бескрајни војувања. Иако неколку години бил крал и на
Македонија, тој не оставил добар впечаток кај Македонците, кои иако отпрво
добро го прифатиле, подоцна гледале да се ослободат од него по секоја цена,
па макар и да потпаднат под власта на Епирецот Пир.
Неговиот син Антигон успеал да ги задржи под своја доминација териториите
кои ги наследил од Димитрија, а подоцна и самиот станал крал на Македонија.
Ликот на Димитрија до денес е сочуван на монети и во уметнички дела.
(Продолжува)
|