ИСТОРИЈА

Сто години од Солунските атентати

СУДБОНОСНО СОВПАЃАЊЕ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Солунските атентати не биле терористички напади, како што сакаат да ги претстават некои денешни политичари, туку акции организирани од гемиџиите кои сакале да го свртат вниманието на европската јавност кон положбата во Македонија. Од 28 април до први мај 1903 година гемиџиите извршиле повеќе диверзантски акции: го дигнале во воздух францускиот брод во Солунското пристаниште "Гвадалкивир", Отоманската банка, гасоводната инсталација за осветлување во Солун, австриската пошта и телеграфската станица во Солун.

Под влијание на анар- хистичките идеи на руските и ерменските анархисти, кон крајот на 19 век во Македонија се појавил Гемиџискиот кружок. Него го сочинувале повеќемина младинци на возраст од 18 до 22 години: Јордан Попјорданов - Орцето, раководител на Кружокот, Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Попјорданов, Алексо Минов, сите од Велес, како и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Унгарката Ана Шапец и други.

Формирајќи се како македонски револуционери, гемиџиите се стремеле да ја заинтересираат европската јавност за моменталната состојба во Македонија и преку индивидуални акции да ги предизвикаат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење.

НИВНАТА ЦЕЛ...

... била иста со таа на Револуционерната организација. Но, додека Организацијата сметала дека ослободувањето на Македонија ќе може да се оствари само преку едно добро подготвено востание на обесправените и угнетуваните маси, гемиџиите на масовната борба & ги спротивставиле индивидуалните револуционерни акции.

Повеќето од гемиџиите биле интелектуалци коишто доброволно се здружиле меѓу себе, формирајќи го Кружокот. Нивната саможртва требало да ја убеди Европа дека народ што е способен да раѓа такви херои е достоен за човечки живот. Никој, освен нив десетина, не знаел што точно подготвуваат и како ќе ја изведат својата акција. Тие се подготвувале да се жртвуваат за Македонија и освен своето дело не сакале да остават никаква трага за себеси во историјата.

Гемиџиите биле верни до фанатизам еден кон друг и не чувствувале потреба за водење документација. Тие не објавиле ниту еден весник, проглас или нешто слично преку кои на јавноста би им ја соопштиле својата програма и средствата на нивната борба. Податоците за нив ги оставиле двајца од останатите живи гемиџии - Павел Шатев и Тодор Органџиев.

Велешката група дефинитивно се конституирала во Кружок со името "Гемиџии" во 1899 година. Постојат повеќе верзии за тоа како Кружокот го добил името "Гемиџии". Една од нив е дека гемиџиите го добиле ова име затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун (гемија) во бурното море со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат.

ПОДГОТОВКИ И ПЕРИПЕТИИ...

... се вршеле речиси три години. Судбоносното совпаѓање било што гемиџиите биле готови за акција токму тогаш кога во Македонија се очекувало да почне востанието. Солунскиот конгрес решил во претстојната пролет во Македонија да се дигне општо востание. Гемиџиите, наводно, се согласиле атентатите да ги одложат за по востанието, но не се откажувале од својата акција.

Гоце Делчев, широк и хуман по својата природа, ценел и сакал секого во кого верувал дека искрено се бори за ослободување на Македонија. Акциите на гемиџиите тој ги сметал како придонес во општите напори да се постигне големата цел.

Затоа и гемиџиите, останувајќи без доволно средства, побарале помош од Делчев. Гоце ги известил дека од Задграничното претставништво на МРО ќе добијат поголема сума пари, но барал од нив да не брзаат со своите атентати. По барање на Гоце, МРО на гемиџиите им дала 250 лири (добиени од "откупот" за Мис Стон) за нивните потреби, но овие пред Задграничното претставништво ја примиле обврската за осум месеци да не преземаат никаква акција, зашто Организацијата очекувала преку Солун голема количина пушки од Грција. Во времето кога на гемиџиите им се давала помош и се барало од нив да не брзаат, уште не се знаело кога ќе се дигне востанието.

Динамитот добиен преку Кочани и Велес во Солун пристигнал во февруари 1903 година. Во тој период повеќето од гемиџиите се наоѓале во Солун. Со правење на бомбите биле завршени сите материјални подготовки за атентатите. Но, гемиџиите не сакале да ги започнат акциите без претходно за тоа да ја предупредат Организацијата. Димитар Мечев остварил средба со Даме Груев кој само што бил пуштен од заточение, на која се обидел да го убеди во праведноста на атентатите. Груев побарал од Мечев атентатите да се одложат за по востанието и да дојдат како последен удар врз Европа. И Гоце Делчев бил категоричен против тоа гемиџиите да дејствуваат на своја глава, односно самостојно.

Гемиџиите решиле атентатите да започнат на 15 април, односно на 28 април по новиот стил, во 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод; да се минира пругата во близина на солунската станица; да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот; да се дигне во воздух Банката; да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темница требало да биде знак за почетокот на акцијата. Улогите биле поделени. Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Условот бил апсолутна волја за смрт за започнатото дело да се смета за успешно.

Шатев се зафатил со најризичната работа - уништување на бродот "Гвадалкивир". Оваа акција излегла двојно успешно, бидејќи бродот бил запален, но и патниците сите до еден спасени.

Во средбата на 16/29 април 1903 година, започнале главните динамитни акции во Солун. Парабродот бил запален претходниот ден околу 11 часот претпладне.

Во средата во договореното време, сите гемиџии биле на определеното место. Акцијата започнала во 20,30 часот со оштетувањето на гасоводните и водоводните цевки под еден мал мост во близина на морето. За миг целиот град потонал во мрак и останал без вода. Тоа било знак за почеток на акцијата. Банката била запалена, но и во неа немало жртви, бидејќи бил предупреден директорот и неговото семејство. Диверзија е извршена и врз австриската пошта, Бошнак-ан, телеграфската станица во Солун, плоштадот.

Планот на гемиџиите главно бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известувале своите влади за солунските настани. Билансот на атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале "Гвадалкивир", Отоманската банка, кафеаните "Ал хамбра" и "Ноњо" и "Бошнак-ан". Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната "Египет", како и некои куќи.

Од гемиџиите херојски загинале: Јордан Попјорданов - Орце, Коста Кирков, Димитар Мечев, Владимир Пингов, Илија Трчков и Цветко Трајков. Останале живи: Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков.

Додека траеле атентатите, македонското население во Солун де факто било оставено надвор од законот. Тоа важело за сите Македонци без разлика дали припаѓале кон Егзархијата или Патријаршијата. Сепак, егзархистите се нашле во исклучително тешка ситуација. Сметајќи ги за револуционерен и "опасен" елемент, властите решиле да го исползуваат поводот што го давале атентатите за да се пресметаат со македонското население во Солун и што поголем дел од него да го истераат или да го принудат да го напушти градот. И покрај ветувањата на валијата кон европските претставници, масакрите во Солун и Македонија не можеле да се спречат.

Хероизмот и саможртвите на гемиџиите ги стопија илузиите кај некои чесни луѓе дека преку индивидуални акции ќе се постигне успех во ослободителната борба на еден народ.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"