ИСТОРИЈА

Гоце Делчев, апостол, идеолог и организатор на македонското национално и револуционерно движење, учител и војвода - 100 години од смртта

ГОРДИОТ ОРЕОЛ НА МАКЕДОНИЈА ВЕЧНО ЌЕ ЖИВЕЕ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Ја расветлуваме смртта на Гоце Делчев во спомените на современиците. Сите патишта водат кон предавство. Неговото исчезнување го посакувале многу фактори. Но, кој е предавникот или предавниците, ќе одговорат понатамошните истражувања.

Димо Хаџи Димов - револуционер:

"Пред 21 година Гоце Делчев пред нашите очи падна убиен во с. Баница, Серско. Од нашето сеќавање веќе исчезнуваат многу од спомените за борбата што ни го одзеде најголемиот човек на Македонија. Но, ние останатите уште еден-двајца живи од учесниците во таа борба, нема да ја заборавиме и до последната своја минута позата на Гоце откако куршуми веќе му ги беа раскинале градите. Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија.

И кога настапи часот и за нас да умираме или да излеземе од огнениот обрач, ние во мислите се простивме за момент со него и го оставивме ... да плаче. За нас што го оставивме, тој и сега е таму на истото место, во истата положба, тој и денес плаче над своето кобно место каде што го оставивме...".

Ѓорче Петров - револуционер:

"... Ние сме пред последниот момент од дејноста и животот на виновникот на нашата беседа... Тој замина преку Самоков и Разлог за Пирин. Неговото бакнување со мене, со Никола Малешевски беше топло, проштално, како другпат никогаш. По негово настојување тројцата се фотографиравме. Неспорно, тој имаше претчуство за својата судбина. Во врска со предупредувањето на старите војводи - арамии, дека човек на пушката штом ќе се очае од неа, оди во сигурна смрт. Тоа предупредување, споделувано и од нашите чети, го беше заразило и него лично.

Имаше уште една цел на неговото патување во Македонија. Даме Груев во тоа време беше во Солун. Ставот негов по прашањето за востанието Гоце не го знаеше, зашто ниту тој му се имаше јавено некому, ниту Централниот комитет му го споменуваше името.

Како што разбра подоцна, Даме кој бил согласен со Централниот комитет по прашањето за востанието, го држел Делчева во својата соба 3-4 дена со цел да го убедува. Делчев потоа си заминува за Пиринско кај Јане Сандански, дефинитивно очаен и без секаква надеж за избегнување на катастрофата. На патот за таму во с. Баница, еден ипол час над градот Сер, бил откриен од потера и убиен во селото....".

Михаил Чаков - војвода:

"Токму во зори тукушто бев заспал, слушам по скаличката брзи и тревожни чекори. Тоа беше Георги, полјакот на селото, кој ја турна и ја отвори вратата. Јас веднаш погледнав кон вратата што се отвори со силно трескање и пред неа се испречи Георги со зборовите: 'Господин Чаков, Свршено!'. Запрашав: 'Што има бре Георги?'. Полно е, вели, аскер!

Го запрашав дали знае Делчев за тоа. Одговори: 'Му кажав'. Му реков: Трчај и кажи му на Делчев да излеземе колку се може поскоро и да ги фатиме последните куќи, зашто овде живи ќе не испечат!' Тргна да му јави на Делчев. Меѓутоа, штом излезе од портата да ја претрча улицата и да влезе во куќата кај Гоце Делчев, аскерите кои веќе беа влегле во селото, го видоа и го повикаа кај нив, та така тој не можеше ништо да јави.

Со другарите слегов во дворот на куќата, оградена со ѕид и појдов до самата порта. Отспротива беше портата на куќата во која беше Делчев. Оттаму излегоа две девојчиња за да влезат во соседната куќа. Ги запрашав: 'Што прават другарите?'. Едното од нив одговори: 'Рекоа да дојдете ваму'. Меѓутоа, девојчето го рекло тоа без никој да & каже така да рече. Му реков на Таската дека јас ќе ја пресечам улицата и ќе влезам кај Гоцета. Со трчаница влегов во портата и Делчев, кој беше излегол до самата порта со пушката и ножот во неа, одеднаш се нафрли на мене и за малку ќе ме набодеше, а истовремено и ќе пукнеше. Кога ме виде, изненадено извика: 'Леле, Чаков, што ќе сторев! Добро што дојде. Фати го левото крило на портата и кажи им на другите да стојат во нивната куќа!'.

Штом забележавме дека турската војска навлегува во куќите и ги претресува, Гоце рече: 'Чаков, ајде да фатиме низ село, па што ќе даде Господ!'. Излеговме и тргнавме по уличката. Среќа што уличките беа тесни и кривулчеа меѓу куќите, па не можеа да не забележат. Излеговме сите четиринаесет души, со исклучок на Георги Радев, кој го напушти селото уште ноќта, не јавувајќи се никому.

Дојдовме до крајот на селото и последната куќа остана лево од нас. Врвевме по полјанката, а отспротива, на околу триесет-четириесет чекори пред нас, имаше ѕидчиња, седумдесет сантиметри високи, со какви што се заградуваат нивите.

Како што врвевме двајцата, од зад ѕидовите аскерите се покажаа со пушките насочени кон нас.

Гоце веќе ги виде и, како што ја носеше пушката на лактот од левата рака, извика: 'Верата ваша!'. Првата пушка ја пукна тој. Сите легнавме наземи, а Гоце стана простум - ја полнеше пушката. Како луд му свикав: 'Легнувај Гоце!' Легна, но но самото легнување еден куршум го пронижа во левата града и тој падна врз својата пушка. Во првиот миг јас помислив дека се затскрива, меѓутоа тој ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи во другарите што се беа растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните свои зборови: 'Ах момци, рани...' и ја испушти душата".

Андреј Хрлев - предавникот(?):

"По слушање, македонскиот револуционер Пеју Јаворов во својата биографија на Делчева ме посочува мене како човек за кого може да се претполага дека го предал Делчева... Во минатото раководно тело во с. Броди - Жилев, Михалев, Пилатев, Радев, Чаков и Таската - извршија истрага и го демантираа напишаното од Јаворова во врска со претпоставката дека јас сум предавник... Признанијата што ги дадов пред властите немаат ништо општо со предавањето на Делчева. Напротив, ако сум јас тој предавник што се бара - немаше да се најдам во положбата на маченик, туку во положба на близок и пријател на властите. Таската, да беше жив, ќе дадеше исцрпни информации за тој глас на кој поетот Јаворов без да провери му дал место во биографијата на нашиот голем учител и револуционер Гоце Делчев. Таската беше серски околиски војвода. Тој се расправаше со шпионите, ги откриваше и ги казнуваше... Но, во случајов не беше предаден Делчев. Предавниците не знаеја за неговото пристигање. Беше предаден не Делчев, туку четата на Гуштанов, кај која тој пристигнал ноќта, истата ноќ кога и војската, водена од двајца врховисти, пристигнала и оддалеку го опсадила селото Баница".

Агенцијата "Ројтер" за убиството на Гоце Делчев:

"Следните детали беа примени во врска со прашањето за скорешната борба кај Баница, близу до Серез. Една чета од 20 луѓе... вооружена со пушки манликерки ја преминала границата, носејќи со себе големо количество муниција и динамит, со цел, како што е речено, да направи еден "анархистички" напад на Серез... Во борбата што следувала и која траела повеќе од 24 часа, востаниците се бранеле упорно со пушчен оган и бомби додека само еден од нив останал жив. Поголемиот дел од селото било разурнато, 30 куќи комплетно било урнати. Помеѓу убиените бил и раководителот Делчев...".

"Тајмс" за смртта на Гоце Делчев:

"Еден настан што ја вознемири дипломатската рамнотежа, која од друга страна се засили со смртта на познатиот водач Делчев по триесетчасовната борба... За Делчев е соопштено дека бил вистинскиот водач на познатата организација и главен поттикнувач на целокупното движење. Тој го ангажира грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон, веројатно со цел да се прибават средства за организацијата".

Соопштение на Турската амбасада во Лондон за смртта на Гоце Делчев:

"Генералниот инспектор на европските провинции во Отоманската Империја & телеграфираше на царската Влада дека Делчев, еден од водачите на Комитетот, падна убиен со единаесет негови следбеници во едно судирање со отоманските трупи во селото Баница, близу до Серез. Телата на другите комити од истата чета лежат секако под урнатините на куќите од тоа село, кои беа разурнати како резултат на употребата на динамитни гранати".

 

Српскиот конзул во Скопје за убиството на Гоце Делчев:

"... Исто така од Хилми-паша разбрав дека во борба кај Серез загинал од поранешните рапорти познатиот... четоводител Ѓорѓе Делчев со уште 11 другари од неговата чета, во која имало 60-70 четници. Кај Делчева била најдена карта во која било означено разместувањето на комитските чети. Делчев е познат како еден од најнекористољубивите комитски првенци и затоа беше популарен...".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"