РЕПОРТАЖА

На гробот на Јане Сандански по повод 88-годишнината од неговата смрт

БУГАРИЈА ДА ГО ПРИЗНАЕ МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Бугарските власти им дозволија на Македонците да ја одбележат 88-годишнината од смрта на македонскиот револуционер Јане Сандански, но нема никаква промена во нивниот однос кон македонското малцинство во Бугарија.
  • Присутните на Собирот упатија порака до бугарските власти дека Бугарија може да влезе во Европската унија само ако го признае македонското малцинство кое живее во неа.

Македонци од сите делови на Македонија и пошироко на 20 април оваа година се собраа кај Роженскиот манастир да ја одбележат 88-годишнината од смртта на пиринскиот цар, Јане Сандански. Неколку илјади Македонци од Македонија, Грција, Албанија, како и од дијаспората, потсетувајќи се на вековната борба на македонскиот народ за слобода, пропејаа за Јане, за Гоце и за многу други македонски револуционери.

Покрај положување цвеќе на гробот на Сандански, одбележувањето на годишнината од смртта беше збогатено и со културно-уметничка програма.

ПРАВА

Бугарските власти, и покрај тоа што оваа година им дозволија на Македонците да се соберат на Роженскиот манастир, нема никаква промена во нивниот однос кон македонското малцинство во Бугарија. Македонците од Пиринска Македонија се уште се борат за основните човекови права. Тие средбата на Роженскиот манастир ја искористија да проговорат за својата судбина и за бугарската антимакедонска медиумска пропаганда според која во Бугарија нема Македонци, а се што е македонско се претставува како бугарско. Според кажувањата на Македонците од Пиринско, стихот "Македонија цела да е" од нашата песна, во Бугарија е преработен и гласи "Бугарија цела да е". Наместо текстот од македонската песна кој гласи "Има уште два-три дела за да биде цела", Бугарите пеат "Бугарија има уште 7-8 дела за да биде цела" итн.

Нашите од Пиринско упатуваат апел до македонската Влада да & се спротивстави на бугарската антимакедонска политика. Тие велат дека за време на државни празници примот на сателитската програма на МТВ и на Македонското радио е со сериозни пречки, а понекогаш и воопшто не може да се следи. Македонците од овие краишта се убедени во тоа дека бугарските власти тоа намерно им го прават. Македонците од Пиринско бараат македонските песни од овие краишта да се прикажуваат по медиумите во Македонија, бидејќи на тој начин ќе докажат дека во Пиринска Македонија живеат Македонци, а не Бугари.

АПЕЛ

Македонците од Бугарија велат дека се лојални граѓани на Република Бугарија и затоа од бугарските власти бараат да ги почитуваат нивните човекови права. Тие најавија дека наскоро ќе се формира Заедница на Македонците од Бугарија чија цел ќе биде заедно да се борат за своите права.

Од името на Македонците од Албанија на Собирот проговори и Кимет Фетаху, а од името на Македонците со исламска вероисповед, Исмаил Бојда. На собирот присуствуваа и претставници на Светскиот македонски конгрес. Од Собирот на Рожен беше упатена порака до бугарските власти дека Бугарија може да влезе во Европската унија само ако го признае македонското малцинство.

Иако одбележувањето на 88-годишнината од смртта на Јане Сандаски помина без инциденти, секој чекор на Македонците беше будно следен од бугарската полиција.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"