а еден од верните соборци на
Сандански - Коста Василев од селото Скребатно, Неврокопско, раскажува
неговиот внук, 77-годишниот Петар Крстин од истото село.
Мојата мајка Христа била тримесечно бебе кога Коста заминал во четата на
Јане Сандански. Во едно пролетно утро Коста и жена му Митра тргнале за на
нива и го зеле во еден кош бебето - тримесечната Христа, додека во другиот
кош ја ставиле пушката. Работеле цел ден на нивата и пред сноќување ги
испратил жена си и детето, а тој ја зел пушката и се упатил во четата на
Јане во Пирин Планина, раскажува Петар.
Селото Скребатно е на најзападниот дел на Родопите кое обилувало со
револуционерен дух и каде четата на Јане често навраќала и тоа во куќата на
Коста Василев, а за тоа говорат голем број случувања. При еден состанок во
домот на Коста Василев четата била откриена од страна на еден шумар,
муслиман, кој веднаш побрзал да ги предаде на турските власти. Но, шумарот
бил предупреден со закана за неговиот живот да не ја кажува тајната за
четата на Јане која била во селото. Шумарот ја сфатил пораката и до крајот
на животот ја чувал тајната. Друг еден случај говори дека во селото
Скребатно имало веселба на плоштадот по повод некој христијански празник.
Најјаките мажи од селото биле фатени на оро. Тогаш се појавил некој Турчин
со чалма на главата. Четворица мажи се пуштиле од орото и започнале
расправија со дојдениот Турчин. Тој потоа исчезнал и никој не дознал дали е
жив или мртов. Макар што Јане, "Царот на Пирин" како што го нарекувале,
често обиколувал по селата во Родопите на неврокопската околина, сепак
најчестите состаноци биле во куќата на Коста Василев каде што навраќале и
истакнати револуционери од селата Осиково, Рибново, Огнаново, Ковачевица и
други.
ПОДАРОК
Сандански му дал пиштол на Коста, а за тоа говори и доказот- пиштолот со
посвета кој за жал исчезнал. Таткото на Петар Крстин - Атанас околу 1950-55
година започнал да гради куќа во близината на куќата на Коста Василев. Тој
ја урнал старата куќа за да собере материјал за изградба на новата. Одеднаш
при паѓањето на една греда нашол нешто завиткано во волнена ткаенина. Кога
ја одмотал ткаенината видел добро подмачкан, заштитен пиштол, револвер со
куршуми. На десната страна на дршката имало сребрена плочка на која пишувало
"За спомен на Коста - од Сандански". Пиштолот доаѓа до рацете на селскиот
управник во село Скребатно, роднина на семејството Кристини кој потоа истиот
го предава во музејот во Благоевград. За пиштолот со посвета се
заинтересирал и првиот братучед на Петар Крстин, Васил Крстин. Заменикот
кмет, тогашен претседател на Општинскиот народен совет во Софија во периодот
1960-67 година, отишол во Благоевградскиот музеј да го бара пиштолот. Добил
одговор дека во музејот таков пиштол немаат. Тој тогаш разговарал со
Александар Ботев, тогашен управник на селото Скребатно кој му кажал на Васил
Крстин дека е можно пиштолот од музејот да бил испратен во музејот во Софија.
И таму проверил тогашниот заменик кмет на Софија, Васил Крстин, и од таму
добил одговор дека таков пиштол нема кај нив. И така до денес не се знае
судбината на пиштолот подарок од Јане за Коста Василев.
СПОМЕН-ПЛОЧА
Никој од блиските не знае кога точно, каде и при какви околности загинал
верниот пријател и комита во четата на Јане Сандански, Коста Василев, но
населението од Пиринско поставило надгробна плоча близу до Пирин помеѓу
патот до Роженскиот манастир и родното место на Јане, месноста "Папа-Чаир"
каде на надгробната плоча се испишани имињата на 12-те комити од четата на
Јане загинати за слободата на Македонија, меѓу кои е и името на Коста
Василев од село Скребатно, Неврокопско. Според кажувањата на внукот на Коста,
тој бил висок, силен и бестрашен.
Бестрашни и храбри биле и другите комити во четата на Јане Сандански кои
ги оставиле сопругите вдовици со мали деца и го дале животот за слободата на
Македонија. Полагајќи цвеќе на гробот на Јане, си спомнуваме за илјадниците
млади мажи кои "ставиле пушка на рамо" да се борат за слободна Македонија.