КУЛТУРА

Триесетина дела на малиот уметник Стефан Плескоњиќ

КРЕАТИВНОСТА КАКО НАГРАДА ОД СЕВИШНИОТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Стефан не е кое и да е дете! Не е ни кој и да е "потенцијален уметник"! Ниту пак Стефан крие или открива некаков "талент"! Децата можеби "цртаат", ама Стефан слика, вели директорот на "Даут пашин Амам", Теодосиевски.
  • Младиот Плескоњиќ, иако има само осум години, зад себе има 300 дела и пет самостојни изложби.

Во Уметничката галерија "Даут пашин Амам" неодамна беше отворена изложба на слики на најмладиот сликар во Македонија, Стефан Плескоњиќ. Осумгодишниот уметник пред публиката, која барем досега пројавуваше интерес за тоа што тој со својата возраст го твори, се претстави со триесетина дела работени во техника акрил на картон. Изложбата ја отвори директорот на Уметничката галерија, Златко Теодосиевски.

Оваа е петта самостојна изложба на младиот Стефан, а негови слики се претставени и на неколку меѓународни изложби во Њујорк, Варшава...

СЛИКАР

Стефан Плескоњиќ е роден на 01.04. 1995 во Скопје. Своите први уметнички чекори ги имаше на скоро три години, а веќе има реализирано пет независни изложби. Неговиот креативен опус се состои од околу 300 слики во техника еколошки акрилни бои на картон.

За него директорот на Уметничката галерија "Даут пашин Амам", Златко Теодосиевски, ќе рече:

Да, сите деца "цртаат". Да, секој човек е "потенцијален уметник". Да, во сите нас се крие некаков "талент"... Ама, Стефан не е кое и да е дете! Не е ни кој и да е "потенцијален уметник"! Ниту, пак, Стефан крие или открива некаков "талент"! Децата можеби "цртаат", ама Стефан слика. Ние сите сме можеби "потенцијални", ама овој мал човек е - конкретен. Не сум сигурен дека до денес имаме објективно толкување на креативноста. Сите теоретичари, филозофи, уметници... во нивните објаснувања можеби допреле само по некој сегмент, но ниту еден не ја заокружил целосно. Дали можеби Стефан е алката што недостасува? Или креативноста е Божја дарба, умисла на Севишниот со неа да награди само малкумина меѓу нас? А, што друго би можело да ги објасни сликите на Стефан, неговата импулсивна или опсесивна потреба да се изрази преку сликарството?

ДАРБА

Стефан е дете кое поседува огромен талент, нешто што наликува на дар даден од Бога. Неговите дела отсликуваат зрела професионална уметност од каде тешко може да се поверува дека се создадени од раката на едно осумгодишно момче. И овде, секако, не станува збор само за талент, туку за нешто многу повисоко, посилно, подуховно... Тука станува збор и за креативноста. Сликите на Стефан не се само нафрлани бои, туку тој ги компонира во чувствителни хармонични целини. Тој на платното гради композиција, не ја држи само четката, туку ги употребува и нозете, и рацете и умот.

Стефан, иако има само осум години, зад себе има 300 дела од кои секое за себе зборува и ниту едно не е копија на другото. Енергијата за творење во него кружи и го води напред, така што пред него се се уште голем број идеи и предизвици за креирање на бројни уметнички платна.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"