МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Одбележување на македонските културни и етно-мотиви

ЈУБИЛЕЈ НА МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР ВО САД

Пишува: Трајче ВЕЛЈАНОВСКИ

  • Ѓорѓи - Џорџ Томов го одбележа развојот на нашата македонска национална етногенеза во времето и просторот каде треба и ние да припаднеме како нација и народ со нашето име на државата и народот меѓу преостанатите народи и нации во светот.
  • Спектакуларен настап на играорните групи од САД по повод одбележувањето на 50 годишнината на фолклорната и кореографската активност.

Во новоизградениот Културен дом во црквата "Св. Кирил и Методиј" во Сидер Гроу, Њу Џерси - САД, во саботата на 29 март 2003 година се одржа извонредно богат фолклорен фестивал, во име и чест на нашиот голем Македонец Ѓорѓи - Џорџ Томов по повод неговата 50-годишна кореографска активност, како и по повод прославата на неговиот 70-годишен роденден.

Господинот Томов беше познат како презентер и сејач на македонската култура и традиција. Овој наш неуморен македонски човек со извонреден успех го проткаа нашиот неспоредлив македонски фолклор со сето богатство на нашата кореографија низ сите светски меридијани со безброј пофалби, признанија, награди и дипломи. Тој со тоа го одбележи присуството на нашата македонска национална етногенеза во времето и просторот каде треба и ние да припаднеме како нација и народ со нашето име на државата и народот меѓу преостанатите народи и нации во светот.

БЛАГОДАРНОСТ

Покрај сето ова, поводот за одбележувањето беше фолклорните групи и оркестрите да му се заблагодарат на Томов за неговата долгогодишна соработка околу кореографската постава. Тој како нивен учител, групно и поединечно, ги подготвуваше за настап на јавните концертни изведби, низ северноамериканскиов континент и надвор од него. На оваа богата фоклорна манифестација беше изложена и изложбата на слики, документи, написи, дипломи, награди и признанија од културно-просветните институции на градовите, државите од овој северноамерикански континент, како и преостанатите во светот. На тие места господинот Ѓорѓи Томов присуствувал со неговата фолклорна група како директор, кореограф и организатор на фолклорните манифестации. Сето ова говори дека со право се нарекува амбасадор на македонскиот национален фолклор кој досега се немаше појавено на овој континент како и во преостанатите, каде што постои нашата македонска емиграција. Почитувајќи го досегашниот вложен труд на господинот Томов, македонските иселеници и емигранти дадоа предлог до истакнатите македонски активисти во чест на овој наш Македонец, денот 29 март да биде одбележен, како и ден на фолклорните манифестации кои секоја година би се одржувале во нашава македонска средина од причина што е согледана нашата етничка македонска национална афирмација, како и од потребата на братското доближување со сите етнички припадници како државјани на САД.

ПРЕДЛОГ

За сите постигнати заслуги на Томов падна и предлогот да му се направи биста и да се постави во нашите културни домови на која би се сеќавала и идната македонска младина.

На оваа прослава се величеше Македонија преку орото и песната од присутните гости кои со аплаузи и овации ја изразуваа нивната нескриена наклоност кон нашиот извонредно богат, разновиден и едноставен кореографски ритам која кај нашите Македонци уште повеќе ги разбрануваше чувствата на својата национална припадност исто како и чувството дека не е запоставен и осамен на овој континент.

Присутните гости воодушевени од овој културен настан со искрени честитки му честитаа за досегашниот културен дострел на господинот Томов. Овој настан го овековечи и Македонската радиотелевизија со нивната екипа предводена од господинот Мишо Нетков која реализираше документарна емисија посветена на овој наш голем Македонец - Ѓорѓи - Џорџ Томов. Македонците би биле побогати кога би имале уште многу луѓе како господинот Томов.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"