Нема договор без косовски консултации
Македонија во Белград треба да потпише протокол за отворање привремени
гранични премини на делот кон Косово. По тоа потпишување ќе почнат
разговорите со УНМИК за практично воспоставување на премините. Истовремено
од Приштина стаса предупредување дека доколку не се консултираат косовските
институции, нема да се почитува договорот меѓу Скопје и Белград.
Тирана против етнички држави
Официјална Тирана ги осудува изјавите на некои претставници на
опозициските политички партии во Македонија за формирање на чисти етнички
држави или размена на територии. Албанските електронски медиуми ја пренесоа
и изјавата на премиерот Црвенковски во која ги осудува ваквите ставови на
македонската опозиција.
АНА најавува нови акции
Поранешните членови на Ослободителната војска на Медвеѓе, Прешево и
Бујановац се осомничени од Окружното јавно обвинителство на Врање дека имаат
формирано нова терористичка организација позната како АНА. Дел од членовите
на АНА преку закани и физичко малтретирање се обиделе да регрутираат поголем
број Албанци, а изнудувале и пари за финансирање на терористички акции.
Бугарската патријаршија да ја признае МПЦ
Еден од двата најтиражни бугарски весници "Труд" преку своите страници ја
повика Бугарската патријаршија да ја признае Македонската православна црква.
Весникот наведува дека тоа што еден бугарски премиер со царско потекло
прифатил да учествува во богослужба што ја водат македонски свештени лица, е
веќе полупризнавање на македонската црква.
Бугарскиот Премиер ја посети Македонија
Минатата недела во посета на Македонија беше бугарскиот премиер Симеон
Сакскобурготски. Целта на официјалната посета беше унапредување на
културните и економските билатерални односи и размена на искуства за
процесот на евроинтеграциите. Тој воедно имаше можност да ги посети
манастирскиот комлекс "Св. Наум" во Охрид, црквата "Свети Спас" и уникатниот
иконостас, од кои бил воодушевен.
Кривична пријава за грчки газди
Грчките државјани со привремен престој во Македонија, а управители на
поранешниот "Рула текстил" од валандовското село Пирава, од локалната
полиција добиле кривична пријава. Грчките газди во текот на три години за
своите вработени само делумно исплатиле придонеси од плати со што Фондот за
пензиско и инвалидско осигурување бил оштетен.
САРС во Албанија
Седум Албанци и пет Кинези се ставени во карантин во една болница во
Тирана поради сомневање дека се заразени од вирусот САРС. Овие лица ќе бидат
под контрола најмалку 20 дена, согласно инструкциите на Светската
здравствена организација.
Дојранското Езеро е се позагадено
Пред десетина дена во јавноста излезе информацијата дека македонските и
грчките рибари, со благослов на надлежните министерства во двете земји, ќе
извршат порибување на Дојранското Езеро. Научници од Институтот за биологија
при Природно-научниот факултет тврдат дека со тоа уште повеќе ќе се
предизвика штета, бидејќи и оној животински свет кој сега е присутен во
Езерото, одвај успева да преживее во екстремно загадената вода.
Укината вонредната состојба во Србија
Српската привремена претседателка Наташа Мичиќ ја укина вонредната
состојба во Србија. Вонредната состојба беше воведена на 13 март, ден по
убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.
Тоше во Сараево
Македонската мегаѕвезда Тоше Проески во хотелот "Холидеј Ин" во Сараево
го промовираше најновиот албум "Ако ме погледнеш во очи". Исто така, на 9
мај ќе одржи голем концерт во Сараево.
|