ЗДРАВСТВО

Вирусот САРС создаде паника во повеќе земји, па и во Македонија

НОВ "НЕПРИЈАТЕЛ" МУ ОБЈАВИ ВОЈНА НА СВЕТОТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Сигурен пат на пренесување на вирусот е респираторниот пат. Обично луѓето коишто се болни го исфрлаат вирусот преку респираторните секрети (кога се кива, се кашла или при гласно зборување) коишто се основен извор на можна инфекција на лицето кое е во близина на заболениот.
  • Смртта предизвикана од ова заболување настапува кај луѓе во поодмината возраст коишто веќе имаат некое хронично заболување или поради некоја причина им е намален имунолошкиот систем. Полесно се преболува кај здрави млади луѓе.
  • Во Македонија нема заболени од САРС, но опасноста, сепак, постои.

Болеста САРС за прв пат се појави кон крајот на февруари. Кон средината на март Светската здравствена организација за првпат излезе со соопштение дека има заболени од нов вирус - досега непознат, кој предизвика вистинска паника меѓу луѓето. Се појави во Кина во нејзините јужни провинции, каде се јавија голем број заболени од недефинирано респираторно заболување – атипична пнеумонија.

Скоро 4.000 случаи со синдром атипична пнеумонија, познат како САРС, досега се регистрирани во светот, а од тој број 229 се смртни случаи. САРС-от постојано се проширува и во други земји. Во почетокот заболувањето беше локализирано само во земјите на јужна и југоисточна Азија и Канада, Северна Америка. Сега се зафатени вкупно 25 земји во светот, така што покрај Азија и Северна Америка, ова заболување го има и во земји од Јужна Америка, Европа, Африка и Австралија. За среќа, во Македонија не е забележан ниту еден случај, но сепак здравствените институции постојано се превентувно ангажирани и се преземаат и спроведуваат сите потребни мерки и активности, согласно препораките на Светската здравствена организација.

ЕТИОЛОГИЈА И СИМПТОМИ

САРС-от претставува акутно, респираторно заболување со вирусна етиологија, што значи дека предизвикувачот е вирус, вели д-р Гордана Кузмановска од Републичкиот завод за здравствена заштита. Се карактеризира со нагол почеток, обично со висока температура, болки и вкочанетост на мускулатурата, сува, непродуктивна кашлица, главоболки, малаксаност. После 2-3 дена на рентген снимка на белите дробови се јавуваат карактеристични промени, кои укажуваат на пнеумонија. Откога стана актуелна оваа болест, 13 реномирани лаборатории од 10 земји во светот под раководство на Светската здравствена организација работат заедно, со цел да се изолира причинителот на ова заболување. Денес веќе се знае дека САРС-от го предизвикува нов вирус од фамилијата на корона вируси, досега непознат за човекот. Корона вирусите го добиле своето име поради морфолошкиот изглед. Има повеќе различни типови на вируси, припадници на оваа фамилија, а повеќето од нив предизвикуваат заболување кај животинскиот свет, домашните и дивите животни. Само два типа вируси се индетификувани како предизвикувачи на заболување кај луѓето, при што обично станува збор за благи заболувања на дишните органи и главно поминуваат како обична настинка.

ПРИРОДНА МУТАЦИЈА

Според научниците од СЗО, вирусот наречен "САРС вирус" е комплетно нов вирус, коишто досега не е сретнат во хуманата популација. Се смета дека е настанат или како резултат на мутација на веќе постоечки вирус од истата група во повирулентна форма или пак со прескокнување на бариерата меѓу човекот и животните.

Но, тоа се само претпоставки, објаснува д-р Кузмановска. Единствено што се знае е дека станува збор за нов вирус, кој досега не е сретнат кај хуманата популација. Од самиот почеток кога се појави овој вирус и кога се констатира дека може да предизвика сериозно заболување, веднаш се здружија напорите на целиот свет да се открие етиологијата. Беше потребно да се знае со каков "непријател" се соочува човештвото за полесно да му се спротивстави. Покрај откривањето на етиологијата, се работи на изнаоѓање на нови и усовршување на постоечките дијагностички тестови што би овозможило брзо и навремено индетифицирање на заболените и адекватно лекување и што е можеби во моментот најважно, преземање на соодветни мерки за спречување на понатамошното ширење на заболувањето. Една од можностите за превенција е изнаоѓање на соодветна вакцина, ефикасна да го спречи заболувањето кај луѓето.

Разработени се голем број дијагностички тестови во цел свет, од кои постои можност три веќе да се користат.

Со првиот тест се откриваат антитела во крвта на заболениот, што значи треба да помине еден извесен период да се создадат тие антитела, па за да можат серолошки да се докажат, додава д-р Кузмановска. Но, овој тест е позитивен после дваесет дена од почетокот на заболувањето, такашто тоа е долг период за да се превземе нешто за рано откривање. Вториот тест во основа е сличен со првиот, иако периодот на откривање на антитела во крвта на заболениот е нешто пократок - десетина дена, но и овој период е долг. Третиот тест за разлика од претходните е модерна техника што работи на откривање на генетскиот материјал, што значи на самиот вирус. Денес се работи на усовршување на овој тест бидејќи во почетокот се покажа дека дава лажно негативни резултати. Веќе се постигнати значителни резултати за поголема сензитивност на овој тест со кој ќе може брзо да се индетификува вирусот.

ПРЕНЕСУВАЊЕ

Сигурен пат на пренесување на вирусот е респираторниот пат. Болните луѓе го исфрлаат вирусот преку респираторните секрети (при кивање, кашлање или гласно зборување), кои се основен извор на можна инфекција на лицето кое е во близина на заболениот. Затоа, најподложни на заразување се лицата ко и се во близок контакт со заболениот, односно медицинските работници кои се грижат за болните и лицата од семејството на заболениот.

Се прават напори да се изнајде задоволително објаснување за еветулно друг начин на пренесување на ова заболување, вели д-р Кузмановска. Постои една група на болни во Хонгконг, чиј број од неколку десетини се зголеми на повеќе од 300 луѓе кои манифестираат заболување во еден временски период од петнаесетина дена и повеќето од нив немале контакти еден со друг, меѓутоа заедничко за сите е тоа што живееле во еден станбен блок во иста зграда. Се поставува прашањето што е тоа што ги поврзува? Дали постои некој друг начин за пренесување на инфекцијата освен оној што е претходно го спомнавме - преку воздух. Сите напори коишто се вложуваат на ова поле, барем засега не придонесоа за едно задоволувачко објаснување кој би можел да биде тој заеднички момент што ги поврзува, односно дали е можно некој друг параметар од човековата околина да има улога во пренесување на заболувањето.

Инаку, смртта предизвикана од ова заболување во најголем процент настапува кај луѓе во поодмината возраст кои што веќе имаат некое хронично заболување (посебно на органите за дишење) или поради некоја причина им е намален имунолошкиот, одбрамбен систем на организмот. Полесно преболуваат здрави млади луѓе.

РАСПРОСТРАНЕТОСТ

Ова заболување зафати 25 земји, но за среќа во Македонија се уште нема заболени од САРС.

Во Македонија, како и во другите земји, по објавувањето од страна на СЗО за појавата на заболување од САРС во светот, здравствените институции преземаа свои мерки на заштита, што значи спречување на внесување и проширување на болеста во нашата земја, објаснува д-р Кузмановска. Воспоставивме еден високо сензитивен систем на надзор над ова заболување, кој подразбира здравствен надзор во траење од 14 дена над сите лица кои доаѓаат од земјите каде што вакво заболување се јавува во епидемиска форма. Не се ставаат под надзор патниците кои доаѓаат од европските или други земји каде што има по еден или неколку сомнителни случаи. СЗО издава една листа на зафатени подрачја, која ги опфаќа подрачјата каде што има и локална трансмисија, односно пренесување и на околината. Во Канада се регистрирани 139 заболени и 13 смртни случаи. Иако таму живеат многу наши луѓе, немаме податоци за тоа дали меѓу заболените има и Македонци. Располагаме само со бројчани податоци.

ПРЕВЕНТИВА

Од страна на надлежните здравствени институции од Македонија, меѓународните патување не се забранети, меѓутоа патниците во меѓународниот сообраќај задолжителнио се известуваат и им се даваат информации ако патуваат во ризични земји каде има вакво заболување. На сите патници кои патуваат во Кина, посебно во нејзините јужни провинции и во Хонг Конг им се препорачува ако е можно да се одложи патувањето. Општите мерки за превенција не се разликуваат од превентивните мерки кои се однесуваат и на другите респираторни заразни заболувања (избегнување на затворени простории каде што има многу луѓе, проветрување на просториите, влажно пребришување на предмети и површини и сл.). Во здравствените институции медицинските работници да се заштитат со користење на заштитна облека, со посебен акцент на заштитни маски и ракавици. Одржување на хигиената на рацете е мерка која не може да ја замени ниту носењето на ракавици! Мерки за заштита треба да се применуваат и од страна на членовите на семејството на заболениот.

Засега нема вакцина која би обезбедила заштита од ова ново заболување.


Во Македонија, како и во другите земји по објавувањето на појавата на САРС, здравствените институции преземаат свои мерки на заштита во случај да се спречи проширување на болеста и кај нас, објаснува д-р Кузмановска. Воспоставивме еден систем на надзор во траење од 14 дена на сите лица коишто доаѓаат од земјите каде што вакво заболување е евидентирано. Не се ставаат под надзор сите патници кои доаѓаат од европските земји каде што има по еден или два сомнителни случаи. СЗО издава една листа на зафатени подрачја каде што веќе заболувањето се проширило не само преку блиските семејни контакти, туку има и локална трансмисија, односно пренесување и на околината.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"