ПОЛИТИКА

Малолетничкото насилство ја етикетира младата генерација

ОБИД ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ РЕД КАЈ МЛАДИНАТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Потребен е закон за малолетници и закон за урбанизација, се вели во донесените препораки од пратениците и невладините организации, на првата средба на "Мобилниот парламент".
  • Очекувањата на родителите се насочени во владината програма за намалување на девијантно-криминалното однесување на малолетниците.

Кулминирањето на малолетничкото насилство не удри како бумеранг и дури сега општеството се обиде да ги земе конците во свои раце и да ги насочи младите во вистинската насока.

Неопходен е закон за малолетници, беше констатирано на неодамнешната средба во рамките на проектот "Мобилен парламент" со учество на пратеници и невладини организации каде се дискутираше на тема "Дали законот за угостителски објекти ј а отсликува реалноста и потребите на граѓаните". Покрај другото беше заклучено дека кафулињата би требало да работат до подоцна, а потребна е и прегледна категоризација на објектите, како и регулирање на издавањето лиценци. Учесниците дадоа препорака да се зголемат казнените одредби за точење алкохол на малолетници и пречекорување на работното време, од 150.000 до 450.000 денари, да се лимитира профитот на угостителите, како и да се отворат клубови и дискотеки во неурбаните населби. Донесените препораки ќе им бидат доставени на сите пратеници во Парламентот. Граѓанската иницијатива "Мост" планира уште многу вакви средби, како дел од Проектот "Мобилен парламент" кои ќе бидат одржани низ целава држава.

ПРОГРАМА

Програмата за намалување на девијантно-криминалното однесување на малолетниците што неодамна Владата ја прифати, во себе содржи низа активности и изготвување на закони кои треба да се донесат најдоцна до октомври годинава. Меѓу другото, оваа програма содржи и формирање на Координативно тело на Владата составено од претставници на неколку министерства како и од невладини организации кои ќе го следат имплементирањето на програмата. Министерството за правда во следниов период ќе започне со подготовка на Закон за малолетници во кој ќе се афирмираат превентивните, вонсудските и судските мерки што треба да ги преземат полицијата, Обвинителството и Судот од една, и семејството, образовните институции, социјалните служби и други субјекти од друга страна.

Кривичниот законик ќе претрпи одредени измени и дополнувања со воведување на алтернативни мерки како што се општокорисна работа, куќен притвор и друго, а се предвидуваат казни и за родителите.

До јуни МВР ќе го изготви и Законот за прекршоци против јавниот ред и мир со кој ќе се казнува продавањето на алкохолни пијалаци и цигари на малолетни лица.

Донесувањето на една ваква програма беше повеќе од неопходна, е констатација која ја делат и родителите и преставниците од Владата. Меѓу главните фактори за се поизразеното девијантно однесување на младите, според педагозите и психолозите, се сметаат неповолните семејни услови, запуштеноста на децата од страна на родителите, но и недоследностите во воспитувањето и образованието и недоволната ангажираност на училиштата во позитивно профилирање на младите личности.

АКТИВНОСТИ

МВР соопшти дека ќе започне со планирани и координирани активности за спречување на се поизразеното насилство меѓу младината и учениците. Активностите, како што е соопштено, ќе се спроведуваат преку континуирано присуство на полицијата на јавни места каде е регистрирана позасилена фреквенција на младата популација, автобуските постојки и околу "критичните" училишта, каде изминатиот период се случија физички пресметки меѓу средношколците.

Напоредно, МВР ќе иницира дополнителни активности со преостанатите министерства задолжени за воспитување и образување на младата популација, со цел намалување на меѓуетничките тензии.

СОДРЖИНИ

Радиодифузните организации во своите програми не смеат да вклучуваат содржини што можат сериозно да го загрозат телесниот, умствениот и моралниот развој на малолетниците, а особено програми што содржат порнографија и прекумерно насилство, се вели во Препораката за заштита на малолетниците од содржини што можат штетно да влијаат врз нивниот телесен, умствен или морален развој, усвоена од Советот за радиодифузија. Одредени сцени со насилство се потенцијално толку вознемирувачки, што можат да предизвикаат психолошки последици, особено кај малолетниците и кај емотивно помалку стабилните гледачи, посочи претседателот на Советот за радиодифузија, Љубомир Јакимовски.

Според Препораката, особено внимание треба да се обрне при емитувањето на сцените со силување или со другите облици на општествено неприфатливо сексуално однесување. Исто така, не смеат да се прикажуваат ниту какви било содржини што можат да поттикнат расна, верска и национална нетрпеливост, или криминал и безредие. Утврдено е и програмите што содржат прекумерна употреба на непристоен јазик да не се емитуваат пред 21 часот, односно пред истекот на програмскиот појас на семејното гледање телевизија. Заради заштита на малолетниците од програми кои можат штетно да влијаат на развојот на децата, Советот извршил нивна категоризација, при што предлага секоја категорија да се сигнализира со посебен пиктограм. За електронските медиуми кои емитуваат програма која влијае штетно на развојот на малолетниците, Законот за радиодифузија предвидува забрана за вршење радиодифузна дејност во рок од шест месеци. Останува само да се види колку донесените препораки активно и практично ќе профункционираат.

ОДЛУКА

Дали со скратено работно време на угостителските објекти може да се реши проблемот со девијантноста на малолетниците, е прашање кое многумина родители, но и преостанатите граѓани си го поставуваат.

Неодамна Владата донесе одлука со која го усогласува работното време на угостителските објекти со летното сметање на времето. Со објавувањето на одлуката во Службен весник практично кафулињата во работните денови ќе можат да работат еден час подолго од досега, значи до 24 часот, а во петок и сабота до 1 часот по полноќ. Сепак, Владата соопшти дека за разрешување на проблемите што настанаа со непочитување на законската регулатива ќе предложи закон со кој ќе биде регулирано работното време на угостителските и трговските објекти. Оваа владина одлука е дел од програмата што ја усвои Владата, а се однесува на активности за намалување на девијантното криминално однесување на малолетниците.

Ќе биде санкционирано и продавањето на алкохолни пијалаци и цигари на малолетни лица, неовластено носење и пукање со огнено оружје на јавни места, а ќе се заостри и казнената политика, се вели во соопштението на МВР.

ПОСЛЕДИЦИ

Законот за малолетници требаше да биде донесен многу одамна, смета наставниот кадар. Зголеменото агресивно однесување кај младите станува очигледно не само надвор, туку и внатре во училиштата и големите општествени промени ги измешаа вредностите за добро и лошо и налагаат под итно донесување закон за малолетници, констатираат училишни педагози, социолози и психолози.

Тие велат дека со непримерното однесување на учениците трпи и образовниот процес, бидејќи децата на училиште доаѓаат ненаспани и спијат на часови. Со последните случувања се наметна и размислувањето дека училиштата како образовни институции го запоставија воспитниот аспект во корист на образовниот. Казните за малолетниците и нивните родители мора да бидат научно добро обработени, изјавуваат училишните педагози, социолози и психолози.

Тие велат дека ако сите фактори имаат влијание во донесувањето на законот, тој ќе биде прифатен и усвоен од сите. Исто така, советуваат и родителите да преземаат санкции, младите да се мотивираат да спортуваат, а училиштата да се направат поинтересни места за престој.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"