: Која е вистинската возраст
за жената активно да се вклучи во политиката и каков беше Вашиот случај?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Не би можела да издвојам идеална возраст за
започнувањето на политичката кариера. Тоа едноставно е индивидуално. Што се
однесува до мене јас прилично доцна се вклучив во светот на политиката.
Претходно немав некој значаен политички ангажман, односно политички
бекграунд. Значи, од една општествена функција, директно станав министер за
култура. Со тоа мојот политички, партиски, ангажман се интензивираше. Мислам
дека не може да се зборува за една идеална возраст за вклучување во
политиката.
МС: Дали е лесно да си жена политичар во светот на мажите, имајќи
предвид дека непишаното правило вели дека политиката е свет резервиран само
за мажите?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Јас би претпочитала да зборувам од мој
аспект, иако мојот начин на размислување не секогаш се вклопува со можеби
генералното доживување на политиката како свет резервиран за мажите. Сметам
дека жената пред се своето вклучување во политиката треба да го смета за
свој сопствен избор. Само тогаш може успешно да се справува во светот на
политиката. Историјата многупати досега забележала исклучително голем број
жени-политичари кои оставиле значаен белег. Голем број на кралства ја
достигнале кулминацијата на својата моќ токму во периодот кога со нив
владееле жени, односно кралици. Но, повторно ќе нагласам дека политиката
треба да биде сопствен избор и желба на жената, а не да се одвива по принцип
на клуч, квота или правила.
МС: Како се случи од музиката да запливате во политички води и
колку се жените способни да бидат активни на политичката сцена?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Мојот професионален пат е невообичаен, чуден.
Од музичар станав политичар. Пресвртница во мојот професионален живот беше
понудата да станам директор на Македонската филхармонија, иако дотогаш бев
доцент на Факултетот за музичка уметност. Ми беше понудено да раководам со
една сериозна национална институција која во тој момент се соочуваше со
многу потешкотии. Тоа се случи во 1999 година кога имав 31 година. Јас бев
многу изненадена кога понудата стигна до мене. Ми требаше цел ден да
размислувам за да одлучам да запливам во еден поинаков свет. Од музичар,
педагог, требаше да станам менаџер. Сметам дека успешно се справив со таа
функција. Од една несредена состојба во која ја затекнав Филхармонијата за
неколку месеци имавме успешни настапи надвор од државава, во центри каде
буквално имаше разгалена музичка публика. По година и половина следеше
понудата да се нафатам да го раководам ресорот култура, односно да бидам
министер за култура. Така се одвиваше мојот пат во политиката.
МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа,
дали некогаш беше проблем тоа што сте жена?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Не, никогаш. Напротив, сметам дека моите
колеги секогаш се однесувале со респект. Мислам дека за ваквиот однос не бил
пресуден факторот - жена, туку веројатно ме доживувале и третирале
рамноправно.
МС: Покрај сите обврски, градењето кариера, каде тука се вклопува
Вашето семејство и колку време одделувате за приватноста?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Жената која е професионално ангажирана во
политиката, но не само во политиката, во јавниот живот, во бизнисот и слично,
на семејството ќе му посвети онолку внимание колку што цени дека му е
потребно. Доколку & е важно семејството, жената секогаш со добра
организација и со хармоничен пристап во етаблирањето на семејните односи
наоѓа доволно време. Претпоставувам дека е исклучително значаен моментот на
квалитетниот однос. Важно е да се постават работите како што треба во
семејството. Секој да знае да функционира и засебно, но и заедно. И, се
разбира, да изградите однос на взаемно почитување и кон партнерот и кон
децата. Тоа ќе го постигнете ако и вие ги почитувате како и тие вас.
МС: Дали парламентарките имаат време и за своите деца, за нивното
воспитување и одгледување?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Имам ќеркичка од единаесет ипол години. Како
парламентарка имам повеќе време за ќеркичката отколку кога бев министер за
култура. Тогаш, за тие две години сметам дека & недостигав, но еве сега го
компензираме тоа. Таа сега е на таква возраст кога има свое друштво, свој
круг на пријатели, свои преокупации. Но, сепак, сметам дека е убаво да
бидете покрај детето додека расте. Мојата ќерка многу лојално и емоционално
го доживува мојот политички ангажман. Некогаш ми е тешко што детето на некој
начин покрај мене е политички инволвирано во одредена смисла. Сметам дека
децата треба да бидат понастрана од политиката.
МС: Како Вашето семејство, Вашиот сопруг реагира на Вашиот
политички ангажман? Како коментираат за Вашите чести отсуства од дома?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Морам да кажам дека имам неверојатна
поддршка од сопругот. Во одредени моменти кога сум сакала да ретерирам во
однос на обврските, мислам дека токму тогаш сопругот ме поддржувал. Сепак,
како жена некогаш чувствувате и грижа на совеста поради отсуството од
семејството. Иако сметам дека денес кога живееме во период на транзиција
изменет е односот во поглед на жената и семејството. Се повеќе имаме жени
кои се занимаваат со бизнис, политика и други подинамични работи. Сопругот
кој е во бизнис-водите исто така има целосна поддршка од мене. Повторно тука
е факторот на взаемна доверба, поддржување и разбирање. Секогаш не е лесно
да се соочите со сите обврски, но мора да се балансира во семејството.
МС: Дали сметате дека жената од биолошки аспект (поради
предодреденоста да се грижи за репродукцијата) е хендикепирана во градењето
на својата политичка кариера?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Не, напротив. Мислам дека тоа е предност. Да
бидете политичар и да ја имате привилегијата да дарувате живот е предност.
Затоа сметам дека жените се посуптилни, и не толку сурови во донесувањето на
значајни одлуки. Но, сепак сметам дека е потребно дополнително ангажирање на
женското лоби, кое сега е доста активно, во насока на подобрувањето на
условите на работното место на жената. Жените треба да имаат поголеми
привилегии кога ќе одлучат да бидат мајки. Општеството да им овозможи услови
и да им ја олесни грижата за децата. Треба да им се овозможи полесно да ги
извршуваат своите обврски по пат на компјутеризација, онаму каде што
работното место тоа го дозволува, особено кога денес живееме во ерата на
новите технологии.
МС: Дали може подеднакво да се биде успешен - и во политиката и во
градењето хармоничен семеен живот?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Апсолутно може. Има еден податок токму за
ова прашање. Имено, кога бев поканета да учествувам на една конференција во
Израел која го третираше токму женското прашање, односно жени активни во
политичкиот свет и во јавниот живот, дојдов до тоа сознание. Имено, додека
го подготвував моето излагање користев податоци од различни истражувања и
пријатно се изненадив од фактот дека во најголем процент успешни жени се
токму оние жени кои веќе имаат формирано семејство. Тоа е веродостоен
статистички податок.
МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на
самата себеси, на својот изглед и стил?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Па, прилично. Тоа е нешто што отсекогаш сум
го правела и ќе го правам. Немам намера да се откажам од грижата за себе.
Одделувањето време за себе во текот на неделата или пак во денот не би
требало да претставува проблем. Се е во добрата организација.
МС: Присуството на жените во Парламентот кај нас, но и во светот,
бележи благ подем во споредба со минатото. Дали и Вие ја имате таа
констатација?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Да, тоа е непобитен факт дека има благ подем.
Но, сепак, повторно јас сакам да потенцирам дека жената треба да биде
вклучена во политиката, во Парламентот, во извршната власт по сопствен избор.
Не би сакала жената да ја доживувам како дел од исполнување на некаква квота
или процент. Жената треба да биде присутна во сферата на политиката доколку
се докаже со своето знаење, капацитет, со своите предиспозиции. За тоа
претходно & е потребно добро и солидно образование.
МС: Дали Ви пречи кога во Парламентот Ве ословуваат со "господа
пратеници"?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Не, воопшто не. Не сум толку суетна. Сметам
дека нашите колеги се вистински џентлмени и дека не доживуваат како рамни на
себе, се однесуваат со респект. Сметам дека токму тоа е најголемото
достигнување на жените во светот на политиката.
МС: Порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?
САМОИЛОВСКА - ЦВЕТАНОВА: Жената треба да се стреми да биде успешна во
која било сфера во која е ангажирана, а не само како парламентарка. Следејќи
го мојот пример јас не очекував, не ни претпоставував, дека еден ден ќе
бидам пратеничка во Собранието на Република Македонија, но мислам дека
образованието е клучниот момент. Воопшто, работата секогаш и во која било
сфера треба да се сработува максимално успешно и совесно.