ПОЛИТИКА

Кој го турка светот во реална, целосна и скорешна катастрофа (8)

КОГА ВОЛКОТ ЌЕ СЕ ЗАСИТИ!?

Пишува: Иван БАБАНОВСКИ

  • Кој ќе ги поправа и доправа осакатените и инвалидизираните недолжни граѓани, што се именуваат како колатерална штета? Навистина, можат ли Дик Чејни со "Браун и Рут" и некои наши полит-првенци да ги доправаат и загинатите деца во Ирак.
  • Вкупната сума потребна за изградбата на разорениот Ирак се проценуваше на 20 милијарди долари, сега веќе и на цели 100. Кој колку ќе грабне, се уште се пресметува. Но, се знае дека Америте и пред крајот на војната на Ирак му одредиле нов управник. Тоа е генералот Џеј Гарнер.

ВИГ остварува соработка со другите исламски терористички групи ширумсветот. Во интернационален состав бил извршен и нападот на затворот во Тазулт; операцијата при извршен напад на станбениот комплекс на француската Амбасада во август 1994 година, за што претходно пишував, како и грабнувањето на авионот на "Ер франс" на аеродромот во Алжир.

Оваа терористичка организација има изградено комплексна мрежа следбеници и симпатизери во сите муслимански и немуслимански земји на Запад, преку кои се спроведува силна пропаганда на муслиманскиот фундаментализам, изработуваат лажни јавни исправи и документи, обезбедуваат финансиска поддршка и оружје, мобилизирање и испраќање на доброволци на сите боишта каде се борат светите воини за ширење на исламските територии.

Најсилна мрежа е изградена и функционира на просторот во Европа каде Алжирците ги ползуваат погодностите на законите за азил и стекнување на жителство. Неколку групи уапсиле француските контраразузнувачки служби за шверц и оружје, распарчување на фалсификувани долари и лажни документи.

Често изведуваат психолошки диверзии. Нивни членови се јавуваат до полициски станици или директно до амбасадите на САД, Франција, Швајцарија и други известувајќи ги дека се поставени експлозивни направи, кои при целосна интервенција на специјализирани антитерористички и антидиверзантски служби се покажале лажни.

Интересен е податокот дека меѓународната мрежа на ВИГ постојано се шири и е целосно оспособена за изведување на напади и врз објектите во странство. Таквите напади се планираат врз претставништва на Алжир во странство или како цели да бидат западните интереси на просторот во Европа каде е стациониран најголемиот дел на членовите на ВИГ за странство. Постојат оперативни сознанија за воспоставена соработка помеѓу нарко-мафијашките групи на Албанците кои делуваат во Франција, Париз, Лион, Марсеј и радикалните исламски борци од ВИГ и ГИА. Покрај утврдените релации со поранешните усташки екстремисти, установени се кооперативни односи и со припадниците на ЕТА, ИРА и други, терористички организации во Европа.

МРЕЖАТА НА ЏИХАДОТ

Кон крајот на март 2003 година, само неколку дена по ужасниот напад врз Ирак од страна на САД и Англија, сирискиот претседател Башар ал-Асад изјавил дека агресорите никогаш нема да можат да го владеат или да го управуваат целиот Ирак и оценил дека секој таков обид ќе предизвика бунт во арапскиот свет. Непочитувањето на одлуките на ООН и самоволно постапување на Буш против американскиот човек Садам ќе ги крене Арапите на организиран народен отпор кој ќе ги вклучи и спиечките терористички ќелии во САД и оние европски земји кои ја поддржуваат оваа неморална и криминална војна, што ја водат шака луѓе од Вашингтон, заради нивните лични профити. Тие ќе сфатат дека војната не мора секогаш да биде профитабилна за моќните. Повеќе ништо нема да биде во светот како што беше пред нападот на Багдад, но и внатре во САД фитилот ќе биде запален... Перманентните протести во сите арапски и муслимански држави во светот против војната ги потврдуваат проценките на ал-Асад.

Дали обвинувањата против Сирија дека со години градела пријателски односи со Ирак, дека била главна линија за шверц на ирачката нафта, надвор од земјата и на оружје и храна внатре во Ирак, ќе бидат доволни оправдувања пред светот за евентуален напад врз Дамаск. Каков став ќе имаат исламистичките групи што дејствуваат за ослободување на Палестинците од израелска окупација ќе го почувствуваат невините граѓани на овие две држави - Израел и Палестина, но и сите држави од регионот во кој ќе јаваат каубоите на апокалипсата.

"Блиц кригот" што каубоите го изведоа врз Ирак со цел да создадат ново "Балканско буре на барут", ги разоткри не само намерите на неоимперијалистите од Вашингтон, туку и сите оние оперативни сознанија што ФРС ги имала за врските на Централната разузнувачка агенција (ЦИА) со припадниците на разните исламски милитантни организации во овој дел од светот. Кога тие сознани ќа излезат пред јавноста, особено по монструозните акции на Ал Каеда ширум светот, па и во САД, и бидат објавени и во земјите како Египет, со кои американската администрација има особено добри и блиски односи, Американците велат: "Мора да ја познаваме и втората страна од медалот... да не ни се случи да бидеме изненадени како 1979 година, кога во Иран го изгубивме шахот...".

Ако се проценува според она што уште есента 1996 година го објави званичниот египетски весник "Ал ахрам" може да се заклучи дека Американците во тоа "запознавање" отишле доста далеку... Весникот ја пренел приказната, изворно од затворот Тора, во кој по правило се затворени најзакоравените злосторници, државни непријатели и сите други криминалци на кои општеството им кажало збогум засекогаш или барем на подолго време. Поранешниот главен стратег на милитантната исламска организација "Џихад" (Света војна), која на 6 октомври 1981 година го убила тогашниот египетски претседател Анвар ел Садат, Ахмед Рашид одлучил да се покае, а неговата исповед го заинтересирала "Ал ахрам" и сите тајни служби во регионот и пошироко: "Централната разузнувачка агенција одржувала врски со "Џихадот" уште од времето на советската окупација на Авганистан, кога припадниците на нашата организација се собирале во собирните логори во Пакистан, од каде по интензивната обука и тренинзите заминувале да се придружат на авганистанските муџахедини". Тие врски станале уште поцврсти во почетокот на 1990 година, кога еден од старите пријатели н американската разузнувачка служба доктор Ајман ел Завахири, инаку човек од најтесното раководство на "Џихад", испратил свој соработник од доверба да побара од ЦИА 50 милиони долари, со цел да изведе државен удар во Египет... Само за неколку месеци, на сметката од Завахири во Швајцарија, почнале да пристигнуваат огромни суми на пари, така да во почетокот на 1992 година на сметката имало преку 12 милиони долари... Раскажал Ахмед Рашид, со многу горчина за сметка на некогашните американски пријатели кои како што тврдел "од еден предан исламиста и добар муџахедин воин направиле платеник...".

КРВАВА ДРАМА

Она што весникот и Ахмед Рашид не го раскажале бил податокот дека "Џихад" и другите исламски милитантни организации во меѓувреме сето внимание го насочиле врз Босна која превосходно им служела како полигон за обука. Тука можеле да се рекапитулираат знаењата стечени во Авганистан и пренесат искуствата на новообучените "свети воини". Од почетокот на војната во Босна, која беше испланирана на заедничките средби помеѓу агентите на ЦИА и "Џихадот", Завахири бил чест гостин и многу активен во муслиманските средини на БиХ. При секоја посета најповеќе време поминувал со припадниците на иранската разузнувачка служба и оперативците школувани за Босанската агенција за истрага и документација (АИД) која била целосно подредена на Иранците... За време на последната посета (мај 1996), Завахири исчезнал, исто онака како пред него Касем. Оттогаш и американските шпиони не можеле да му ја следат трагата. "За Завахири и Касем повеќе никој не пишува. Единствено нивните пријатели и борци кои се на слобода, од време на време ќе испратат по некој факс до новинарите во кој ќе најават некоја акција или ќе прифатат одговорност за веќе реализирана крвава драма. И притоа им се закануваат на Америка, ционистите и нивните слуги во исламскиот свет, кои ќе ги стигне, еден ден, праведниот меч на исламот...". Крвавите пораки на Завахири, Рашид, Касем, ОБЛ не ја завија во црно само поранешната СФРЈ која се распадна на десетина феуди во кои управуваат клонирани муџахедини, во име на нивните ослободители, луѓето од ВИК и новиот светски поредок. Па, тие го искреираа и Црниот Свети Јован како би можеле да ја прикажуваат на умобилните во светот басната за волкот и јагнето... Знаете, онаа, кога волкот го нашол јагнето на поток, па го изел зошто му ја матело водата... А каде е опасното тајно оружје за масовно уништување на марсовците со кое располагаше Садам. Го нема ни антраксот, ниту рицината (тие се во Вашингтон и Лондон), но го нема и богатството на илјадагодишната цивилизација од Месопотамија кое се пресели во приватните колекции на клонираните монструми од западната цивилизација.

И, редот си е ред. Па, по Сирија ќе дојде Иран или Персија како казна за "Чарлиевите ангели". За да се види неморалот на борците за демократијата во Ирак, во претходно подготвениот ракопис за книгата "Француски пајак во балканска мрежа", ги вградувам и следниве сознанија.

Агенцијата за меѓународен развој на САД (Ју-Ес-Ејд) пред повеќе од месец дена објавила еден вид конкурс за учество во реконструкцијата на земјата која, како што говори Буш, Чејни, Рамсфелд, и ним сличните, со своето дваесетгодишно владеење, нивниот кадар Садам, повеќе ја урнисал, од она што токму тие сега го прават, со најразорното и најубоитото оружје употребено досега во историјата на војувањето. Почетна цена на неморалната игра, во која играат и некои наши политичари и корумпирани квазиинтелектуалци, изнесува 900 милиони долари за разни поправки - на патиштата, мостовите, електричните централи, училиштата, аеродромите, телевизиските и радио предаватели... Кој ќе ги поправа и доправа осакатените и инвалидизираните недолжни граѓани, што се именуваат како колатерална штета? Навистина, можат ли Дик Чејни со "Браун и Рут" и некои наши полит-првенци да ги доправаат и загинатите деца во Ирак. Па, така во име на демократијата, нека на секоја жена во Ирак, помлада од 35 години & направат по едно туце дечиња за радост на овие импотентни монструм-профитери што доживуваат оргазам само кога гледаат расчеречени детски трупови. Тие клонови, по една-две децении, ќе се втурнат врз недолжните американски граѓани како сатанската војска на Џихадот.

МЕТАСТАЗА НА ЗЛОТО

Без огласи, тендери, јавни набавки од мафијашки карактер, какви ги промовираа во РМ со најцрните криминалци од редовите на албанската мафија, биле одредени имињата на петте фирми: "Келор Браун и Рут", "Бечел", "Персонс", "Флуор" и "Луис Беркер". Добрите познавачи на нештата веднаш забележале дека првоименуваната фирма "Келор БиР", скратено "КБР" всушност е филијала на компанијата "Халибартон", во светот позната како водечка на подрачјето на истражувањето на нафтените извори и резерви. Претседател на компанијата "Халибартон", до стапување во вашингтонската администрација (2000 година), бил Дик Чејни од каде се уште прима огромни апанажи.

За врските на овие фирми со американскиот политички врв, а посебно со републиканците, ЦИА, ДИА, Пентагон, НСА, аналитичарите нашле уште докази. Меѓу нив е и овој дека поранешен државен секретар во кабинетот на Реган, Џорџ Шулц бил претседател на компанијата "Бечел", односно дека во неа заработувал за да "преживее" и екс министерот за одбрана Каспар Вајнбергер - како еден од крунските докази за поврзаноста на американските политичко-воени и бизнис врвовите, што и не е некоја американска специфичност, се наведува и фактот дека Рили Бечел, сегашниот шеф на истоимената компанија, во слободното време му е советник за извоз, на никој друг, туку на претседателот на САД.

Сите овие податоци, секако, не можат да ги доведат под сомнение оспособеноста на наведените фирми да ги поправаат разнебитените ирачки (утре можеби кавкаски, сиријски, ирански, либијски, сомалијски, нигериски, кореански, а зошто не и кинески и руски) инсталации... "КБР" да речам е создадена уште за време на Втората светска војна, а во поновата историја посебно се прочула по изградбата на познатиот комплекс на апартмани во кубанскиот Гвантанамо Беј, наменет за исламските терористи, па со организацијата на логистичката поддршка на трупите на САД на Балканот, што му донело скромен приход од 2,2 милијарди долари. "Бечел" само за нешто помалку пари веќе бил ангажиран во Кувајт и така со ред. Ред демократија, ред бомби, ред трупови, ред урнатини, ред купени политичари-проститутки, неред во светот за куп крвави петрол долари, до сатаната Садам Хусеин, со етикета Made in USA.

Кои се сојузниците во војната против екс миленикот на Вашингтон во Багдад веќе е познато. Кој ќе го лапне колачот и тоа се знае. Кои се кучињата што ќе ги глодаат коските ќе одредат тексашаните... Но и ЕУ со РФ, па и НР Кина имаат свои сметки и интереси... САД урива и убива. Ќе мора да сноси последици и вакви и онакви. Иднината ќе покаже според Библијата. Каква сетва, таква жетва.

Вкупната сума потребна за изградбата на разорениот Ирак се проценуваше на 20 милијарди долари, сега веќе и на цели 100. Кој колку ќе грабне се уште се пресметува. Но, се знае дека Америте и пред завршеток на војната на Ирак му одредиле нов управник. Тоа е генералот Џеј Гарнер, човекот многу пати забележан во акциите за подбуцнување на бунт на Курдите во северниот Ирак против Садамовиот режим. Инаку, човекот магистрирал демократија во Пентагон, а економија ќе докторира во ЦИА. Нека не се секираат во ООН тој ќе биде најдобриот учител на нецивилизираните Курди и Ирачани како треба да се сакаат "ослободителите". За Турција доаѓаат црнила. И однадвор и одвнатре. Исламските фундаменталисти и талибаните за нов Калиф сигурно ќе изберат некој бизнисмен од Тексас.

А што е со Балканот? Е, тоа ниту најналудничавите шерети и дворски шутови од овие портабл-држави, проектирани и во проекција, со и без име, не можат да го искажат ниту како кловновски скеч. Толку слабо ја познаваат географијата што не знаат каде се наоѓаат. Пред или по Атлантикот.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"