урбуленциите околу податоците што
се собрани со Пописот на населението становите и домаќинствата во 2002
година, а денес се во фаза на обработка, продолживаат со несмален интензитет
да се одвиваат, испреплетуваат, мешаат и да се замрсуваат. Тоа е резултат на
големиот политички набој, насобраниот електрицитет и напон што постојано го
следеше Пописот.
Меѓутоа, политиката и натаму ги меша прстите во оваа статистичка
операција и затоа последните пресврти во Државниот завод за статистика,
неработењето на Државната пописна комисија, шпекулациите околу бројот на
Албанците во Македонија, ја подгреваат општата меѓунационална страст која
одамна е вон контролата на институциите на системот.
ПОЛИТИЗАЦИЈА
Несомнено, веста што беше објавена во угледниот берлински весник "Тагес
Шпигел" дека албанското малцинство во Република Македонија брои околу 19
проценти, има во себе вистина. Тоа го покажаа настаните што потоа се случија.
Информацијата покрена вистинска лавина на реакции кај меѓународната заедница
и кај домашната јавност што очигледно укажува дека постои голема доза на
уплашеност во македонската политичка врхушка. Избрзените потези на Владата,
иако правно гледано се во ред, сепак поради задоцнетоста од времето кога се
инсталираа во системот на државава, можат да се протолкуваат дека нешто не
штима во оркестарот. Некој ја проветрува просторијата со протекување на
тајни податоци што се кријат на релација Државен завод за статистика -
Државна пописна комисија - Влада и меѓународни институции. Поради ова,
Владата ги затвори и се уште ги затвора "вентилите за вода".
Прво, цели два месеца се дистанцира Државната пописна комисија, а потоа
се замрзнува, односно се "забранува" нејзината работа, иако по силата на
законот таа е должна да ги следи и контролира постпописните активнсти што се
водат во Државниот завод за статистика. По ова следеа редицата написи во
германскиот печат кои од свои извори дознаваат дека албанското национално
малцинство е помалку од 20 отсто што секако го уриваат Рамковниот договор и
уставните измени што беа изнудени со терористичките дејствија во 2001 година.
Во низата политички притисоци што се вршеа и влијаат врз регуларното и
нормалното одвивање на пребројувањето и обработката на собраните податоци,
се приклучи и сменувањето на директорката на Заводот. Затоа овие изнудени
политички потези фрлија сенка врз оваа статистичката операција и работата се
замрси.
Проблемите околу оваа тематика се многу посложени, вели нашиот извор
кој во овој случај ни е консултант, бидејќи многу подлабоко ги знае работите
и долго време се занимава со статистичките операции. Неоспорен е фактот
дека доколку се прават какви било обиди за манипулација, тие во основа треба
да се направат на теренот во првичната фаза на прибирање на податоците,
потенцира нашиот извор. Во целокупниот процес на попишување, од 15 плус 5
дена, имало многу слабости: недоволно обучени попишувачи, украдени
материјали, пополнување на податоци со молив итн.
Според нашиот консултант, во втората фаза при приемот на пописниот
материјал и пополнетите прашалници, од попишувачите до реонските инструктори,
до државните инструктори, очигледно имало евидентни проблеми или слабости
што може да се одразуваат врз резултатите на Пописот.
Фазата на приемот кога попишувачот да го предава својот насобран
материјал преку реонскиот и државниот инструктор до Пописната комисија била
пробиена и подложна на одредени манипулации. Таков бил примерот со
доставувањето на прашалниците од реонот во Гостивар и Струга. Пописот
премногу е политизиран за разлика од претходните, иако навидум во првиот
момент се сметаше дека политичката атмосфера при спроведувањето беше подобра
за разлика од '91, односно '94 година. Сега тоа се правеше на многу перфиден
начин, смета нашиот извор. На овој Попис имавме многу политизација,
но не само од еден етнос, туку и од другите. Таа политизација не беше од
отворен тип, туку во затскриена форма, која беше тешко да се открие и да се
анулира. Во фазата на обработка има две подфази и тука набљудувачката група
е во право, вели изворот. Во првата, шифрирањето започнува нешто
порано од фазата на внесот на подотоците за компјутерска обработка за да
создаде контингент на матиријал кој е потребен за внесување. Е, тука колку
се усогласени термините, почетокот на едната со почетокот на другата фаза, и
притоа колку лица се примени или вклучени...
Нашиот консултант остана резервиран во однос на стручната оценка во
обработката на прибраните податоци од Пописот 2002 година.
МОЌТА
Според нашите истражувања, написите во германскиот печат биле поткрепени
со информации со коишто располагале членовите на Државната пописна комисија.
Оттаму одреден член на Комисијата пропеал за вистината и за бројот на
албанското население во Република Македонија кое сигурно би го довело во
прашање и постоењето, односно имплементирањето на Рамковниот договор и
целисходноста на реформите во државава. Дури по пристигнувањето на
информацијата до германските медиуми, западноевропските центри на моќта ги
повлекле првите сериозни чекори на притисок што по дипломатски пат биле
упатени како јасен сигнал до Владата на Црвенковски. Затоа, прво беше
стопирана работата на Државната пописна комисија, бидејќи натамошното
протекување на строго доверливите и веродостојните податоци би ја разнишале
сегашната владејачка гарнитура и требало да покрене независна судска
арбитража во однос на актерите во Охрид и вмешаноста на меѓународниот фактор
во сегашната констелација на меѓунационални односи во Република Македонија.
Токму поради ова подоцна се надоврза промената на директорот на Државниот
завод за статистика, чекор што правно беше оправдан, но можеше многу порано
да биде повлечен, веднаш по изборите и стабилизирање на естаблишментот.
Новиот човек, според нашите истражувања, е добар демограф (стручњак), но
како менаџер, организатор на инстиуцијата, има слаби резултати, бидејќи веќе
еднаш се покажал на оваа позиција.
Разгледувајќи ја целокупната настаната ситуација околу податоците на
Пописот во 2002 година, тензиите се разводнуваат. Меѓутоа, на чие барање?
Очигледно, многу страни сакаат да ги скријат вистинските бројки, односно
структурата на албанското население во Република Македонија. Затоа се
наметнува прашањето која е улогата на меѓународниот фактор во обработката на
податоците собрани со Пописот во 2002 година, или зошто ако работите се во
ред, тогаш на секои два дена се одгласува ОБСЕ, меѓународните посматрачи и
другите странски инволвирани страни? Што всушност крие меѓународниот фактор?
"Доушниците" велат дека работата треба да се заташка, треба да се наштимаат
резултатите, бидејќи не треба да се изрезилат домашните и странските фактори
кои учествуваат во оваа наметната ујдурма со националната структура на
албанското малцинство во Македонија. Затоа, Фотис Нанопулос, претседател на
Меѓународната мисија за набљудување на Пописот, многу бргу се јави во улога
на арбитар и укажа дека најрано кон крајот на септември, а најверојатно во
ноември, ќе бидат познати резултатите од Пописот на населението што беше
спроведен во есента 2002 година. По ова, информациите за процентуалната
застапеност на етничките заедници во Македонија, што се појавија во некои
медиуми, ги оцени како шпекулации, бидејќи, како што нагласи, во овој момент
е невозможно некој да ги знае тие податоци. Притоа, Нанопулос исклучи каква
било можност од манипулации при обработката на податоците во Заводот за
статистика.
Според нашите оптимистички проценки, резултатите од Пописот ќе бидат
познати кон крајот на септември или во почетокот на октомври, но посигурно е
дека тоа ќе се случи во средината или крајот на ноември, изјави
Нанопулос на неодамнешната прес-конференција. Во секој случај, тоа ќе
биде значително пред законски предвидениот рок, кој истекува во јули идната
година, додаде експертот.
Во овој миг никој не може да предвидува кога точно ќе бидат целосно
обработени податоците по што, откако ќе бидат соодветно проконтролирани, ќе
бидат заклучени и ќе биде можна нивната статистичка обработка. На
обработката на прашалниците во Државниот завод за статистика работат околу
160 лица кои во просек дневно обработуваат од 150 до 200 прашалници, а чиј
број е околу 2,3 милиони. На шифрирањето на прашалниците работат две групи
по 14 часа дневно.
Нанопулос укажа дека паралелно со шифрирањето се одвива и компјутерско
внесување на податоците, што е можеби покомплицирано, затоа што сите
прашалници со одговорите во нив и шифрите треба да се состават во форма која
ќе биде компјутерски обработлива.
Во процесот учествува и трета група, чија задача е да врши контрола на
евентуалните грешки. Целта на сите овие активности е добивање база на
податоци која, откако уште еднаш ќе се провери, потоа ќе се заклучи, со што
ќе се спречи можноста за нејзино модифицирање. И досега се е под контрола,
изјави Нанопулос. Тој потенцираше дека во оваа фаза на обработка на
прашалниците исклучува каква било манипулација со податоците, бидејќи тоа е
невозможно, а доколку се случи некој обид, тоа ќе биде забележано.
Топката се спушти на земјата, но останува дилемата зошто дипломатите во
Скопје и на Запад молчеа, кога веќе беа запознати со информациите околу
Пописот. Кому му беа потребни овие сигнали и зошто досега не се излезе со
некоја оценка за веродостојните податоци од теренот?
Очигледно, и натаму ние ќе бидеме полигон за поткусурување, или
лабораторија за политичко експериментирање. Затоа неодминливи се овие
настани што дури сега етапно ќе не заразуваат. Се очекува од институциите на
системот и натаму да протекува по некоја таинствена, но сепак веродостојна
информација за националната структура на албанското малцинство, чија бројка
некој ќе има задача да ја наштима според дневно-политичките или
далекусежните цели на западните моќници и големоалбанските фантазери.