ЦРКВА

Велигденска порака на г. Кирил, Митрополит на Полошко-кумановската епархија

МАКЕДОНСКИОТ ХРИСТИЈАНСКИ БИТ Е СВЕТ И БЕСМРТЕН

  • Да ги носиме во вечен незаборав светите аманети и завети на сите доблесни македонски синови и ќерки кои умееле во предилинденскиот и поилинденскиот период еднаш херојски да умрат за Македонија за вечно да живеат; за да ја обезбедиме светоста и бесмртноста на нашиот македонски бит, самостојноста на нашата Света Црква и сувереноста на Татковината.
  • Православната Црква, според зборовите на светиот апостол Павле, е подеднаква мајка Црква на сите Божји чеда, во која нема веќе ни Јудеи, ни Елини, зашто сите ние сме едно во Христа Исуса.

Со најдлабоки братољубиви архипастирски чувства на евангелска љубов и молитвен трепет ви го испраќам Божјиот велигденски мир и благослов и ве поздравувам со торжествениот древен христијански поздрав Христос Воскресна!

Денес целата вселена е исполнета со радост. Сиот свет, видлив и невидлив, торжествено воскликнува Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

На Велигден - на празникот над празниците - светлото Христово Воскресение, сите ангели - целата небесна хиерархија торжествува, сите страдалници и маченици за верата Христова - овенчани од Бога со ореолот на вечната чест и слава и целиот човечки, христијански род на планетата Земја празнува и се радува на вечната Радост - на славното Христово Воскресение. Се радува на победата на животот над смртта, зашто проклетството е уништено. Се радува на победата на Вечната правда над неправдата и победата на доброто над злото.

Смртта е уништена, зашто ја победи Оној Кој има живот во себе (Јн. 1, 4). Со право му се радуваме на обновениот вечен живот, зашто гробот и темнината не можеа да ги задржат животот и Вечната Светлина.

Браќа и сестри во Господа,

И Македонија, македонскиот народ и Македонската Православна Црква, со своите голготски распетија и воскресенија, потврдија дека се од Бога благословени со живот вечен и со пат кој води кон Вечната Светлина. Го изодуваме тој пат, еве, и во ова Лето Господово, во кое нашите молитвени празнувања ќе бидат надополнети и со одбележувањето на значајните историски настани: 60-годишнината од Свештеничкото собрание во Издеглавје (1943), кога македонското свештенство храбро од своите благословени пазуви го извади молитвено и мудро чуваното алово знаме за обнова на Охридската Архиепископија во лицето на самостојната Македонска Православна Црква; 45-годишнината од одржувањето на Вториот Црковно-народен собор (1958) кога се преточија во дело молитвените прозби преку обновата на самостојноста на нашата света Црква; 40-годишнината од осветувањето на првата македонска црква на Северноамериканскиот континент, православниот храм "Свети Петар и Павле" во градот Гери (1963); како и 100-годишнината од Илинденската епопеја и македонскиот крвав вечносјај во Крушево за возобновување на нашата држава Македонија. Македонските херои пред да тргнат во крвавиот гордобој се заколнуваа над Светото Писмо - Библијата, а по бакнувањето на светиот Крст тргнуваа во нерамна борба.

Борбата за слобода на Македонија им беше света работа. Затоа во нашите срца & подигнаа Храм на слободата, честа и достоинството, во кои како бесмртници се овековечени тие - најдоблесни македонски синови и ќерки кои со својата пролеана крв на Мечкин Камен, и во цела Македонија, ги испишаа најсветлите страници од македонската историја.

Нивниот слободарски сон беше оживотворен на Илинден 1944 со АСНОМ-ската државотворна круна, на која од 1991 година светлозрачи суверената демократска Македонија. Му се молиме на Бога да ги овенча со вечна слава и паднатите чеда македонски кај Вејце, Карпалак и секаде каде што се бранеа суверенитетот и територијалниот интегритет на македонската држава. Зашто, без да се почитува минатото, нема добра сегашност и уште подобра и среќна иднина. Народот што не умее да си ги почитува историските настани од судбинско значење, а преизобилува со нив, тој нема далеку да стигне - нема да прокопса.

Затоа, да ги носиме во вечен незаборав светите аманети и завети на сите доблесни македонски синови и ќерки кои умееле во предилинденскиот и поилинденскиот период еднаш херојски да умрат за Македонија за вечно да живеат; за да ја обезбедиме светоста и бесмртноста на нашиот македонски бит, самостојноста на нашата Света Црква и сувереноста на Татковината. Тоа нека биде поттик и инспирација како треба ние и идните македонски рожби да бдееме над се што е спечалено со неброените саможртви на олтарот на македонската бесмртност. Тие не задолжиле чесно и предано да живееме за Македонија. По примерот на нашите предшественици да се трудиме да не ја разградуваме и нагрдуваме библиската Македонија. Да создаваме трајни корисни дела за да светлозрачиме и ние со чест и слава. Да бидеме обединети во името на евангелискиот мир, Божјата правда и да живееме во слога со сите луѓе - секогаш растејќи во доброто.

Живеејќи во овие се уште немирни времиња, света задача на секое чедо во Татковината и во туѓина нека ни биде подеднакво да бдееме и да се грижиме за сочувување на самостојниот статус на светата ни мајка Македонската Православна Црква, на македонската нација и суверенитетот на Македонија. Да ги скршиме и во оган да ги изгориме - да станат прав и пепел сите отровни стрели кои се устремуваат кон македонскиот сенароден и црковен организам, упатени од арамии и лажови, од изроди, одметници и предавници на македонскиот род. Да ни биде јасно: Како што човечкиот род не може физички да опстане без основните животни извори: воздух, вода и сонце, така и ние не можеме да опстоиме и да постоиме како света самостојна Црква без да го сочуваме македонскиот идентитет и суверенитет на Македонија. А многумина се обидуваат да ни го инфицираат токму нашето национално и духовно-црковно ткиво.

Нам, без да има црковен проблем, ни се наметнува таков и си оди кон тоа што повеќе истиот да се драматизира. Ние во ништо не се огрешивме, туку само ја исправивме големата неправда што & беше нанесена на нашата света Црква со незаконското укинување во 1767 година од страна на иноверната отоманска власт. Иако сите знаат дека двесте години подоцна, во 1967 година, богољубивиот македонски народ го искористи своето право и ја возобнови целосната автокефалност на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, за жал и денес се продолжува со духовен тероризам над нашата Црква, преку одродници и платеници, а со цел да се разнебити се што е македонско и да исчезнеме како Македонци. Впрочем, и Христовото предавство беше извршено за пари од страна на предавникот Јуда. Сите ние исполнетата и извршена правда мораме љубоморно да ја чуваме како света заветна обврска.

Ова прашање досега можеше најбезбедно да се реши со прифаќањето на самостојниот статус и реалното плодотворно дејствување на нашата Македонска Православна Црква. Меѓутоа, некои упорно сакаат проблемот да го истргнат од светите канони и да го политизираат. Проблемот е во тоа што меѓу самостојните правослани цркви во светот е преголемото неединство, поради што изостанува помошта што ја очекуваме од некои од нив. Затоа нам не ни останува ништо друго освен јакнењето на друховно-црковното и националното единство на македонскиот народ заради опстој на Македонците како народ и на нашата црква и на Македонија. За нас Црквата, нацијата и македонската држава се трите гранитни карпи, трите непоклатени столбови на кои ќе продолжиме да ја надградуваме реалноста за нашиот вековит опстој. Зарем библиска Македонија, библискиот богољубив македонски народ и нашата света Црква со апостолско приемство, не заслужуваат помалку слобода, радост и достојно просперитетно живеење од другите народи на планетава Земја.

Ние мораме да продолжиме со натамошните резултатни постигања да се бориме и за добробитот на целото православие, за да се најдеме на истата софра со целата екумена, но на исто рамниште со сите. Затоа, да се трудиме што повеќе да бидеме исполнети со велигденска евангелска љубов. Да се клониме од суетата и злото. На тој начин ќе придонесеме над Македонија да засветли Божјата светлина со сиот свој блесок. Светата Христова Православна Црква, според зборовите на светиот апостол Павле, е подеднаква мајка Црква на сите Божји чеда, во која нема веќе ни Јудеи, ни Елини, зашто сите ние сме едно во Христа Исуса (Галатјаните 3, 28).

Благочестиви Христијани,

Многостолетната христијанска вера, која им била патеводителка и потпора на нашите предци, втемелени во Христовото Воскресение на просторот од Македонија, од кое извира нашето вечно спасение, е најблескавата светлина којашто не грее и препородува, а којашто никогаш не згаснува.

Дојдете на Велигден во нашите свети храмови за да ја примиме и понесеме во нашите домови Велигеднската Светлина - таа вечна и неисцрпна полнота на нашето среќно спасоносно живеење. Дојдете да Го прославиме Господа Кој Воскресна од мртвите. Со Христовото Воскресение широко ни се отворија рајските порти за вечно духовно соединување со Воскреснатиот Христа Спасителот преку живеењето со Божјите пораки и вистини.

Празникот Велигден - Христово Воскресение, е нашата вечна слава и торжествена победа на доброто над злото. Преку него не огреа и не допре до нашите души и срца блесокот на Сонцето Божјо со сета своја молитвена и славословна светлозрачност. Бог да ве благослови благочестиви македонски христијански чеда каде и да сте, во Татковината или во туѓина, со сета ваша челад и да ве исполни со неизмерната Велигденска радост.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"