еспорно дека овие неколку години
сите ние сме и заложници на нечиј ум, и маченици на нечија (не)вера...
Живееме несигурен, скотски живот. Нешто се случи, не по наша вина. Денеска е
Велики Петок, утре Велика Сабота. Премиеру, знам дека седниците на Владата
ги држиш во понеделник, но ако уште времето Ти дозволува, иницирај заедничка
седница на Владата на РМ и Светиот синод на МПЦ. Нека биде запишано еднаш во
македонската историја дека државата и црквата во "страшната недела" се нашле
заедно на една маса, пред Велигден.
Имате многу што да кажете, да се договорите, да заклучите. Од една гора
листови сте, на еден народ му припаѓате. Не мора за се да се согласите.
Убавото е баш различно да мислите... Утре пак ќе има празници, и државни и
верски. И пак ќе седнете. Приближувањето не се случува "на еднаш", ама
нашата црква и нашата држава многу време се далеку една од друга.
Плодовите на Светиот дух и Уставот се загрозени: нема мир, нема љубов,
нема верба, нема воздржливост... Кој се накашлува пред илјадниот аудиториум?
Латас! А, кој цинично се потсмева пред ТВ камерите? Мендух Тачи!
Најмногу им се брза на националистите од сите провиниенции. Тие не
располагаат со трпение, туку со "градежен прибор" да извишат ѕидови на
поделба, а не да урнат ѕидови за заедничко живеење.
Ми се чини еднаш во оваа колумна напишав што разговаравме со еден Албанец,
Суле се вика. Оти, ми вели Суле, нема ѕид меѓу тебе и мене? Не знам! Знаеш,
знаеш, продолжува Суле... Тебе не ти е гајле оти мојата жена носи шалвари и
шамија, оти оди десет чекори зад мене, оти кога ќе дојдеш дома не седи со
нас да пие кафе... Ама и мене не ми е гајле што е твојата жена!
Не е баш така како што ми рече Суле, ама во овој момент и сега, така е.
Суле ја школува ќерка му, утре да не биде како мајка & . Да биде лекарка,
или професорка. Да работи и да патува.
Во еден подолг и многу мудар разговор, дедо Стефан уште помудро рече:
"... Послушноста е единствената одлика која го разликува Божјото од
Сатанското"!
Се согласив. Ѓаволот не може да биде - понизен. Затоа, можеме ли ние меѓу
срцето и разумот, еднаш да го послушаме својот политичар кој знае и умее да
мисли и да работи за нашата држава?!
Верата е несигурност, а не - сигурност... Има луѓе кои не сакаат да бидат
светци, но сакаат до крајот на животот да бидат божји. Колку само пати и јас
посакував да побегнам од се околу мене, но што ќе сторев, ќе бев кукавица, а
јас сепак ја сакам мојата црква!
И мојата држава. Без нив сум никој и ништо. Можеби тие (државата и
црквата) не ми даваат некоја голема животна и друга сигурност, но јас морам
да им верувам. Каде ќе не одведе нихилизмот? Во нов безживотен простор
наречен - комунизам... Човечкиот живот сепак нема никаква друга должност,
освен да биде среќен!
Архитектите на македонската нестабилност долго време играат на жица...
Мислат дека зазеленувањето на шарпланинските шуми е само за терористите и
изнудувачите на човекови права кои никогаш не им биле, барем ним, загрозени.
Луцидниот Арбен Џафери, за разлика од грубиот Мендух Тачи, мисли дека е
протеже завиткано во "девет кори" за "девет чуда"?! Не! Се е толку провидно,
а неговото покровителство јасно. Само, зошто во таа игра влегува Љубчо
Георгиевски?
Никогаш не сум бил за брзи и непромислени заклучоци, оти знам дека има и
теледиригирани - пораки... Потсетете се на Ирак: Америка нема да стори (да
преземе) ништо што ќе ја натера да загуби. Не преведувајте ме дека сакам
Македонија да ја споредам со Америка, ама Македонија е како ветена земја за
создавање хаос. Пораките на мендухтачовците предупредуваат на тоа. Можеби ќе
ни "дозволат" да го прославиме Велигден, но се плашам за - Илинден!?