Овие настани се од
исклучително значење за нашата историја зашто се составен дел од тоа бурно
револуционерно време кога македонскиот народ низ востанието ја изрази
својата вековна ослободителна борба за слобода, социјална правда и сопствена
држава и пред целиот свет најави дека се бори за слобода и сопствена
државност, а не за некои туѓи интереси. Како и секој историски народ, и
македонскиот народ си барал сопствена држава во која слободно ќе се развива.
Солунските атентати се грандиозна саможртва на гемиџиите, на т.н. Кружок на
македонски интелектуалци. Тие во бујната младост од 18 до 22 години, не
можејќи и понатаму да го трпат ропството, се решаваат преку саможртва да го
предизвикаат вниманието на Европа, за таа да заземе став за решавање на
ропската состојба во Македонија. Беа свесни дека една мала Македонија не
може сама да ја извојува борбата против големите сили. Како главни виновници
за продолжувањето на тоа ропство ги обвинуваа големите сили, односно Европа,
која имаше свој капитал во Турција и ја поддржуваше. Тие мислеа дека ќе го
насочат вниманието ако удрат по нивните интереси во капиталот, како што се
Отоман банката, францускиот брод "Гвадалкивир" и други динамитни акции и
саможртви. Подготовки се вршени долго време, а дури има обиди и да извршат
атентат на самиот султан во тоа време во Цариград, Абдул Хамид. Но, ваквите
акции не оделе во прилог пред самото востание. Затоа, дури и иако Гоце
Делчев бил анархист во душата, истиот ги советувал да причекаат, затоа што
ќе биде штетно за ослободителното дело, а тоа како крајно средство да се
примени по востанието. Таква сугестија им давал и самиот Даме, па дури и
еден Гарванов им запленил поголем дел од динамитот. Но, тие набавиле динамит
и го префрлиле во Солун. Настанот, односно саможртвите, прво на бродот,
потоа на Отоман банката, па на гасната централа, поштата, предизвикал големо
светско внимание. И по улиците имало престрелки со жртви. Со овој чин многу
се возбудила светската јавност, но и Портата која презела репресалии со
апсења. Биле уапсени околу 2.000 луѓе. Турците се што ќе виделе рисјанско го
прогонувале, апселе и убивале. Но, интервенирале големите сили, допловиле
три брода и ја предупредиле Портата да престане со уништувачките акции.
Атентаторите биле осудени на смрт, а подоцна на доживотен затвор. Затворот
го преживеал само Павел Шатев. Но, важно е што атентатите го привлекоа
вниманието на светската јавност. Некои ги осудувале методите и средствата,
но други се воодушевувале и сметале дека тоа е најголема саможртва на
македонскиот роб која е важна и за светската историја. Сепак, на
достоинствен начин ќе се одбележи овој важен саможртвен настан во борбата на
македонскиот народ, независно што станува збор за самоубиствени атентати.
Овој настан свечено ќе биде одбележан и по тој повод се издаваат две книги
на колегата Крсте Битовски - една на англиски, а другата на македонски јазик.
Ќе се одржи и свечена академија, а во Велес ќе се подигне споменик во нивна
чест.
МС: До каде се проучувањата за убиството на Гоце Делчев и дали
историската наука ќе разјасни кој го предаде?
ИВАНОВСКИ: Убиството на Делчев спроти востанието е најголема загуба
за целиот македонски народ, зашто тој во лицето на Делчев го гледаше својот
предан идеолог, организатор на ослободителната борба, предводник на
револуционерната Организација и еден од најпројавените македонски визионери
и осмислители на борбата. Под влијание на тогашните најпрогресивни идеи на
светот и врз искуството на македонските ослободителни движења, тој се
оформил во еден универзален идеолог кој имал две татковини - Македонија и
светот - изразени во неговата позната сентенца за светот како поле за
културен натпревар меѓу народите. Му бил туѓ секаков шовинизам, се залагал
за слобода на сите обесправени народи, вклучувајќи ги дури и сиромашните
Турци. Сметал дека со еден обединителен ослободителен заеднички фронт ќе
можат да & се спротивстават на големата Отоманска империја. Но, не со едно
востание, туку со перманентни востанија кои би ја истоштувале Турција се до
интервенцијата на големите сили какви што биле интервенциите во однос на
Српското и Грчкото востание, а уште повеќе Русија која стана ослободителка
на Бугарите од турското ропство. Поведени од тој пример и Македонците
очекувале прогресивна Европа да се заложи еднаш засекогаш Македонците да се
ослободат од петвековното османлиско ропство. Загинувањето на Гоце народот
го дочека како загинување на голем син на македонскиот народ. Тој тогаш само
физички се прости со загинувањето на Делчев, но духовно го понесе во себе и
го продолжи неговото ослободително дело се до АСНОМ-ска, односно независна
Македонија. За неговото убиство постојат неколку верзии. Најсигурно е дека
тој е предаден. Делчев брзаше да се сретне со Даме Груев. Со него тој
двапати води разговори со цел да се одложи предвремено испровоцираното
востание од страна на врховистите. Но, не успева да го убеди Даме за
одлагање на востанието. Гоце брза во Серско каде што Серскиот револуционерен
округ организира Конгрес на кој треба да се разгледа одлуката за кревање
востание, односно да се одложи, зашто народот се уште не е подготвен. Но,
веројатно тој уште од Солун е следен. Како предавник прво се посочува
неговиот школски другар од Военото училиште Тефик. Се споменува и македонски
предавник од врховистите кого Турците го испровоцирале и за пари го предал
Делчев. Колегата Александар Стојановски пронајде и објави документи за
предавството на Делчев. Тој фрла една мала светлина, односно сигурно е дека
е предаден. Еден од неговите преживеани другари, Димо Хаџи - Димов, имаше
едно потресно помнење околу загинувањето на Гоце. Тие, опколени во Баница,
водат борба и при обидот да се пробие блокадата, Гоце е прострелан и паѓа.
Хаџи - Димов вели: "15 часа Турците не смееја да му се приближат од нашите
куршуми. Ние сите го гледавме Гоце легнат на земјата како да ја оплакуваше
својата судбина и судбината на Македонија". Но, Македонците ја продолжија
неговата борба како знаме на наследничките генерации кои во текот на НОБ ја
остварија со АСНОМ-ската Македонија. Со предавство Гоце загинува на 31
година, дејствува само девет години во Револуционерната организација, но
остава длабоки траги.
МС: Одборот за одбележување на 100-годишнината од значајните историски
настани се уште нема определено конкретна програма за прославата, односно
овој Одбор не функционира. Според Вас, на кој начин македонската држава
требаше да му пријде на јубилејот?
ИВАНОВСКИ: Одборот покажа еден неодговорен однос за навремено
подготвување на одбележување на овие значајни јубилеи. Независно дали тоа би
било преку академии, симпозиуми, издавачка дејност. Според мене, составот на
членовите не беше адекватен. Требаше да преовладуваат научни работници,
историчари, а не ислужени политичари од поранешните влади. Еве, веќе сме
пред одбележувањето, а не се знае финансиската конструкција за овој настан.
Но, индивидуалци и научни институции се вклучија во одбележувањето на
стогодишнината. Пред се, огромна активност пројави Институтот за национална
историја со бројни академии и предавања на таа тема. Еве, сега претстои
таква академија во Штип посветена на Гоце Делчев, а во Велес ќе се одржи
предавање за Солунските атентати. Тука е и издавачката дејност. Не се
случуваат секогаш вакви јубилеји. Бугарите, иако биле против Илинденското
востание, во духот на оние понатамошни илузии што ги негува Санстефанска
Бугарија, се уште Илинденското востание го присвојуваат. Тоа се потврди и
при посетата на бугарскиот премиер Симеон на црквата "Свети Спас". Бугарите
прогласија дека таа црква ја изградиле токму тие по заминувањето на Турците,
а резбарите, наводно, биле Бугари од Дебар. Нивните медиуми се уште се
оптоварени со шовинистичка големобугарска идеологија и понатаму ги
злоупотребуваат и присвојуваат тие настани.
МС: Само неколку денови пред навршувањето на 100-годишнината од
Смилевскиот конгрес се урна куќата во која се одржа Конгресот. Надлежните не
знаат што да прават со оваа куќа која воопшто не била регистрирана како
значаен објект. Зошто македонската историја и надлежните институции за
заштита на вакви споменици досега не презедоа мерки за заштита на овој
значаен културно-историски споменик?
ИВАНОВСКИ: Констатацијата е точна. Таа куќа е урната и по вина на
оние повикани институции кои треба да се грижат за културно-историските
споменици. Медиумите се ангажираа околу мобилизирањето на јавноста.
Уривањето на куќата внесе голема вознемиреност. Дури и јас реагирав со една
изјава. Но, треба да укажеме и на другиот факт. Се појавија разногласија во
која куќа бил одржан Смилевскиот конгрес. За самиот Конгрес треба да кажам
дека тој има извонредно значење во врска со одредувањето на датумот за
дигање на востанието, подготвувањето на народот за тој ослободителен чин и
со борбите што самото Смилево ги водело во Илинденското востание. Дури тука
беше прогласена и Смилевска Република. Ние историчарите не сме се ангажирале,
зашто тоа не е во наша надлежност. Ние најавуваме да се води грижа, да се
чуваат спомениците како трајна вредност и инспирација за помладите генерации,
па и за самиот народ како еден чин, историски подвиг, или нешто што зазема
значајно место во ослободителната борба. За тоа има компетентни институции,
заводи кои треба да се грижат. Ние имаме толку многу споменици, цркви, кои
се оставени на забот на времето и во руинирана состојба, така што и
средствата од цел еден Буџет од годината да се употребат, не можат да се
санираат.
МС: Што мислите за предлогот од некои историчари - за да се одбегне
вековниот спор со нашите соседи да се изучува само културната историја во 19
и во 20 век, а да се заборават историските неправди кои му биле нанесени на
Македонецот?
ИВАНОВСКИ: За мене тоа е анахронизам. Тоа е неприфатливо со оглед на
фактот што спаѓаме во народ кој заради својата важна геостратешка положба
повеќе се развивал во ропство, преку репресии, преку убиства, уништувања,
отколку како слободен народ. Врз оснава на тоа, 90 отсто од нашата историја
е борба за самоопстојување и живот. Ние не можеме да ја заборавиме таа
неправда што е направена од големите сили и преку војните на балканските
завојувачки буржоазии. Не можеме да го заборавиме и истерувањето на
Македонците од Егејскиот дел на Македонија, потоа геноцидот што беше извршен
во Втората светска војна. Не можеме да се откажеме од атентатите, односно
убиствата што беа вршени врз прогресивни македонски дејци, ниту пак можеме
да се откажеме од казните што ги применувала грчката Влада против
Македонците заради тоа што говореле на мајчин јазик. Македонците секогаш
биле непризнат народ, угнетуван од страна на завојувачите, а тоа и денес
продолжува во деловите каде тие живеат како малцинство, односно како
неослободен дел на Македонија - егејскиот, пиринскиот, па дури и албанскиот
дел. Тие таму се обидуваат да се изборат за малцински права, за култура и да
зборуваат на мајчин јазик.
МС: Колку војната во Македонија во 2001 година која ја предизвикаа
албанските терористи, и потоа потпишувањето на Рамковниот договор, ќе
влијаат врз изместувањето на историските процеси кои се од национално
значање за македонскиот народ?
ИВАНОВСКИ: Војната во 2001 година беше под протекторат на големите
сили, увезена од самото Косово, за окупирање и етничко чистење на
Македонците од најубавиот дел на Македонија, западниот дел. Војната направи
големи непремостливи штети и во однос на нашиот идентитет и во однос на
етничката хомогенизација на Македонците во тој дел во кој беа протерани или
уништени. Војната ќе се одрази и врз натамошните историски процеси во
Македонија, особено со потпишувањето на Рамковниот договор во кој бевме
деградирани во етничка заедница. Од конститутивен историски народ со своја
национална држава, бевме деградирани во етничка заедница, изедначени со
другите малцинства. Тие беа унапредени како етнички заедници. Тоа се
однесува на Албанците, Турците, Власите, Бошњаците, па дури и најмалите
малцинства беа изедначени со нас како етничка заедница, што катастрофално ќе
се одрази врз натамошниот историски развој на македонскиот народ и врз
нашата држава која наместо да биде самостојна, таа веќе не е господар на
својата сопствена судбина, туку држава која населението ја доживува како
протекторат на големите сили и не може да се управува според интересите на
сопствениот народ кој никогаш не негувал ниту шовинизам, ниту завојувачки
претензии кон соседите. Ниту во една држава Албанците немале остварено такви
етнички културни права како во Македонија. Нивните права ги надминуваат дури
и светските норми. За тоа виновна е и нашата Влада, а и нашите повикани
институции. Ние не издадовме една "бела книга" во која со факти ќе излезевме
пред светската јавност која во таа војна повеќе беше на страната на
Албанците, ги заштитуваше, зашто наводно им биле загрозени етничките права,
отколку на страна на Македонците кои отсекогаш биле загрозувани со етничкото
чистење и преку војните. Ова што во последно време се случува со
фашизоидната заложба на лидерот на опозиционата партија ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо
Георгиевски, најмалку кореспондира со реалноста. Тоа не кореспондира ниту со
желбите на македонскиот народ, ниту на Албанците. Предлогот за етничко
разграничување со некој ерусалимски ѕид како што направиле Израелците кон
Палестинците, е негов неодговорен испад кој сосема ја потврдува неговата
фашизоидна идеја која е прегазена од историјата. Тоа внесува вознемиреност,
дестабилизација во нашата земја, а во лицето на Европа се компромитираме
како неисториски народ и како неспособни да управуваме со државата.
Георгиевски престојуваше во Бугарија и веројатно од таму доби некаква
инструктажа, зашто Бугарите како држава не признаа, но не и како народ и
нација, туку како дел од бугарското етничко племе. Веројатно и добил такви
инструкции, зашто покрај албанските апетити за територии, за преостанатиот
дел се залажува дека ќе го приклучат кон Бугарија и Македонија да ја снема
од историската сцена.
МС: Колку денешниве политичари, особено оние кои се на власт, ја
познаваат македонската национална историја и дали воопшто имаат визија за
идниот национален развој на Република Македонија?
ИВАНОВСКИ: И други имаат констатирано и јас ќе констатирам дека, за
жал, преокупирани сме од критичните состојби во сферата на економијата,
криминалот, трговијата со бело робје, во сферата на зависноста од големите
сили. Преокупирани сме од желбата за што поскоро да се вклучиме во Европа.
Имаат познавање на историјата, но тие знаења од историјата не се негуваат.
Со еден чуден нихилизам се однесуваат кон тие настани. Веројатно тоа е и под
притисок на големите сили кои сакаат да ни го избришат минатото, па да
говориме само за културни врски. За тие културни врски на еден робуван,
угнетуван и уништуван народ може да се говори само од времето на мисијата на
Кирил и Методиј, од времето на појавата на христијанството. Но, по
потпаѓањето под османлиското и други ропства, македонскиот народ не бил во
состојба самиот културно да се развива, а не и да одржува културни врски со
соседите кои биле негови окупатори и негатори, кои не го признавале како
народ. На македонскиот народ му бил забрануван национално-културниот развој,
говорењето и учењето на својот мајчин јазик во училиштата и црквите, односно
не му е давана културна автономија. Тоа е една диверзија со цел македонскиот
народ да се прости со своето минато. Тоа, сепак, е намера и на превртлива
Европа, но и на овдешните лидери и особено на поранешниот министер за
образование, Ненад Новковски. Поранешниот состав на Министерството за
образование сметаше дека тоа создава омраза меѓу младите во школувањето,
идеолошки ги разнебитува. Новковски искажа став дека треба да се
деидеологизира образованието, да се исфрли се што е партиско, политичко и да
се говори само за зближувања, а не за разединувања. Дури и сега во
учебниците е забранет илустративен материјал - ни пушка, ни топче нема. Ние
имаме многу духовни вредности, тие се производ на духовниот развој на
македонскиот народ. Но, и тие биле изложени на присвојување, крадење.
Деновиве се одржува етнолошка изложба на експонати од Петроградскиот музеј
кои биле однесени од Македонија од нивните мисионери кои доаѓале тука
наводно како туристи, а всушност ги ограбувале најценетите апостолски
црковни книги. Во Бугарија е плочата на Самуил и бесценетата круна на
Охридската архиепископија. Бројни наши вредности кои не дефинираат како
посебен етникум се наоѓаат во витрините на завојувачите кои не наоѓаат за
сходно да ни ги вратат. Според тоа, какви културни врски ние ќе развиваме
кога тие ни украле скапоцени експонати. Еве, сведоци сме дека е потпишана
билатерална спогодба за отворање на културни центри - бугарски во Македонија
и македонски во Софија. Јас малку верувам во искрената намера односите да се
развиваат преку културен центар. Сепак, како што & беше наложено на
Егзархијата да врши денационализација, и овој културен центар ќе биде центар
на прислушување, на индоктринација на младите, на однародување на
македонскиот народ, да не речам дури и шпионски центар. Ќе се однародува
македонскиот народ преку литература, делење бесплатни книги, но да бидеме
живи и здрави, па да видиме.