олемики и недоразбирања околу
Ирак, турбуленции со Доста и нејзината "стратешка" политика за безбедноста
на државата, нови интервенции на финансие-рите со пуштање пробни балони во
јавноста околу даночните стапки ... Што е многу, многу е.
Може ли еднаш оваа држава и овој народ да здивнат малку од секојдневните
мегаломански потези и идеи на народните избраници? Изминатото десетлетие
покажало дека хармонијата, спокојството и благосостојбата се непознати поими
за живеењето и битисувањето на македонскиот граѓанин. Судбата е да се влечат
проблемите, да се трпат шизофреничните постапки на неизживеаните политички
типови и кариеристи без притоа никој да не ја сноси одговорноста за
стореното. Што ни гарантира дека отсега би било поинаку? Кој му гарантира на
обичниот човек дека работите би тргнале во поинаков правец, во друга насока?
ТЕРК
Деновиве мошне јасно покажуваат колку е неизвесно и несекојдневно да се
живее на овие простори, колку е неверојатен животот по ваков терк и со вакви
луѓе кои самите ги бираме да не водат кон иднината и просперитетот. Народот
рекол дека кога ќе се откачиш од едно зло, ќе се закачиш за друго, можеби
поголемо и поопасно. Гледано од политички аспект, граѓанските маси во
последната ера на плурализам и демократија која ја живееме не успеаја или не
знаеја да изберат власт која вистински, чесно и искрено би ги штитела пред
се човековите права на индивидуата, а дури потоа социјалните, економските,
здравствените и сите преостанати.
Зошто е тоа така? Ако на почетокот на новото општествено и политичко
уредување претопените комунисти не можеа да ги спознаат начелата на
демократските процеси, сега по тринаесет години сувереност и демократичност,
тоа не би требало да биде факт кој треба да изроди аргументи за оправдување.
Денес во државава сите се демократи, сите зборуваат за права и слободи, за
човекови права, за хармонично живеење, за просперитет и проевропско
однесување. Што имаме ние како граѓани од сета оваа утопија на политикантите
кои од ден на ден се повеќе се котат и се размножуваат небаре се вируси, па
добиваат елементи на епидемија. Проблемите во кои катадневно се запаѓа
речиси и да не се бројат, а аферите кои намерно и свесно се поттикнуваат и
репродуцираат од добро платени стратези по таа струка, само ги препокриваат
нештата кои ја заглавуваат државата и не им даваат на аналитичарите докрај
да ги согледаат фактите и да ја истераат вистината на виделина.
ВИСТИНА
Доколку го вратиме филмот наназад само за последниве триесетина дена,
ретко дека некој вешто и умешно може да ги протолкува сите настани и
ситуации кои се изродија, а уште помалку да ги затвори како процес кој
стигнал до својата завршница. Од стотици незгодни состојби во кои западнавме
овие години не се сеќавам дека барем една од нив го дочека и го доживеа
своето финале.
Една таква, доста актуелна состојба за која исто така се сомневам дека
некој ќе ја разјасни и истера на правна и вистинска основа, се случи токму
деновиве. Кабинетот на долгогодишниот старо-нов премиер се реши по големите
шпекулативни дејства во јавноста околу резултатите од Пописот да ги направи
работите уште посомнителни и поневеродостојни за јавноста и за меѓународното
општество. Ја разреши директорката на Заводот за статистика, Благица
Новковска. Од тој момент па наваму јас како обичен граѓанин и индивидуа, не
како новинар, не верувам дека резултатите од Пописот ќе бидат веродостојни,
точни и вистинити. Методите и тактиките својствени за одминатите и
реваншистички режими на балканските простори повторно се протуркуваат на
мала врата во македонските институционални органи, но што е најтрагично, за
политички или партиски цели и интереси. Јавна тајна е дека сега веќе
екс-директорката на Заводот за статистика е сопруга на екс-министерот за
образование, Ненад Новковски, кој пак доаѓаше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Јавна тајна е дека еден член на Државната пописна комисија, кој имал
веродостоен увид во преброените податоци за етничкиот состав во Македонија,
излезе во јавноста со податоци дека Албанците како најбројно малцинство се
застапени со околу 18 отсто од вкупното население во земјава. Е, сега, за да
може и натаму да се туркаат "придобивките" од охридскиот мировен Договор и
за да се држи мир во куќата, некој по своја иницијатива или по нечиј налог и
менторство треба да ги исфабрикува резултатите кои по дипломатски канали
некако стигнаа и до најтиражните западноевропски печатени медиуми. Потегот
на Црвенковски и неговиот кабинет за ваква завршница на успешниот Попис
спроведен минатата година претставува катастрофален пораз со несогледливи
последици прво за државата, а потоа и за извршителите и налогодавците на
ваквите сталинистички методи. Ред беше Новковска, и нејзиниот тим, по
позитивната оценка што ја доби од меѓународната заедница да ја истера целата
работа докрај, па дури потоа Бранко и неговите да ја донесеа одлуката за
нејзино разрешување поради припадност на друга политичка струја. Или се
исплашија ратификантите на Рамковниот договор дека таа некаде на есен ќе &
соопшти на јавноста дека во Македонија Албанците се застапени под 20 отсто,
што неминовно ќе доведеше до ништовност на Договорот од Охрид.
Образложенијата на Владата дека Новковска е разрешена поради тоа што
вработените ги терала податоците да ги обработуваат рачно, а не компјутерски,
не држат и по малку се смешни. Велат некогаш и компјутерот знае да згреши,
па оттука причините кои беа пласирани во јавноста беа како залажување на
мало дете со лижавче.
СОМНЕЖ
Сомнежите оттука па натаму стануваат се поголеми. Македонскиот народ и
преостанатите етникуми во државава, без Албанците, јасно е дека нема да ги
прифатат резултатите доколку најбројното малцинство е над 20 отсто, особено
по најавите на претставници од Пописната комисија дека се помалку. Од друга
страна, пак, Албанците исто така нема да ги прифатат резултатите доколку на
Пописот се потврди дека ги има под прагот предвиден со новиот македонски
Устав. Сето ова е знак дека Македонија влегува во нова нестабилност и
неизвесност добро исконструирана од некого.
Сознанијата говорат дека Црвенковски ќе се обиде на најпровиден начин да
обезбеди опстојување на охридскиот Договор во формата во која е усвоен, што
пак значи дека бројката на албанското малцинство сепак би била над 20 отсто.
Можеби не 23, колку што досега официјално беше признато, но сепак и една
цифра од, на пример, 20,2 отсто би ги сталожило работите.
Ако успеат ваквите сценарија за дување на пописните бројки, се поставува
прашањето зошто го спроведовме Пописот на населението и зошто потрошивме
толку средства за негова реализација кога повторно бројките ќе ги
наштимуваат и нема да бидат прикажани во вистинската и реалната димензија.
Народот тие туку-така фрлени пари од државно значење ќе можеше да ги
искористи за отворање на какви-такви економско-стопански капацитети од кои
ќе вадеше некоја корка леб за себе. Соломонските решенија никогаш не ја
постигнуваат вистинската цел.
Минатото на Црвенковски беше исполнето со доста црни дамки кои ретко кој
успева да ги заборави и надмине. Влегувањето во нови лавиринти и опасни
ситуации, без притоа да се почитуваат реалните аспекти на животот и ставот
на народните маси, лесно може да му ја одземе и оваа гратис шанса дадена од
електоратот. За да биде состојбата уште покомплексна и посложена од онаа што
беше, сомнителни стануваат и последните бранувања во граничниот појас кон
Косово, поточно селата Танушевци, Малино, Брест и нивните атари кои
влегуваат на македонска територија. Познато е што побараа месните жители од
овие села кои се од албанска националност. Веднаш да добијат документи за
лична идентификација, што практично би значело статус на нови државјани на
Република Македонија, бидејќи досега тоа прашање државата им го немаше
решено.
"Овој проблем не можеме да го решиме до среда, но ќе се обидеме што
поскоро да го надминеме", ќе рече министерот за одбрана, Владо Бучковски, по
поставениот ултиматум со закани од танушевчани. Тоа значи дека државата е
решена на експресен начин да додели нови државјанства за довчерашни косовари.
Кога сето ова би го поврзале со најновата ситуација во Заводот за статистика,
ќе ја добиеме следната шпекулација. Власта со новите државјанства дадени на
жители од Косово со место на живеење околу Кодра Фура, ќе ги дополни
неопходните проценти на албанското малцинство во земјава и со тоа ќе успее
некако да го спаси Рамковниот договор во кој математички прецизно и јасно се
наведува кој добива права, а кој не. И ова е премногу провидно, очигледно и
непрофесионално направено. Вештачката политика која веќе подолго време се
спроведува во институциите на системот, само ги заплеткува состојбите, а во
никој случај не придонесува за нивно решавање и практично надминување.
Истрошеноста и неинвентивноста на постоечката политичка гарнитура ја
покажува вистинската немоќ и слабост на наводните експерти и стручњаци.
Дефинитивно е јасно дека вистинските стручњаци и креатори на прогресот
повеќе не лежат во редовите на политичките партии. Тие навреме се
дистанцираа од нив и го побараа својот работен простор во областа која
најдобро ја познаваат и обработуваат. Тоа што се уште не можат да го најдат
своето место под сонцето, е вина на самобендисаните и исплашените недоучени
структури кои денес и до вчера не владееја, без разлика на која опција и
идеја & припаѓаат. До некои подобри времиња животот ќе го туркаме со
лабораториски бројки и клонирани државјани од кои оваа држава зависи.
Понизно и погубно, зарем не?!