Георгиевски и Џафери се за "Голема Албанија"

Колумната на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Лубчо Георгиевски, објавена во "Дневник" на 18.04. 2003 година, во која тој понуди балканска конференција за промена на границите и создавање "Голема Албанија", предизвика реакции во јавноста. За терористот Ахмети ставот на Георгиевски е загрижувачки, за Џафери од ДПА, идејата за "Голема Албанија "е фантастична", а претседателот на ПДП, Абдурахман Алити, му честиташе на Георгиевски за "смелоста". Премиерот Црвенковски изјави дека промовирањето на концептот за менување на граници за етничко чистење и подигање берлински ѕидови за разграничување значи директен повик за етничка војна и поделба на државата. Меѓународната заедница ги отфрли идеите за етнички чисти држави на Балканот, како и за прогласување на охридскиот Договор за неуспешен концепт, нарекувајки ги " комплетна глупост".

Лубчо Георгиевски, како што изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, по седницата на Извршниот комитет на партија, соопштил дека нема да се кандидира за претседател на партијата на претстојниот партиски конгрес.

Трајковски против Уставот

Претседателот Трајковски во изминатите две ипол години, како што покажуваат дел од одлуките за помилувања објавени во "Службен весник", помилувал околу 100 лица осудени за разни кривични дела, како и шеесетина поединечно помилувани припадници на ОНА. Трајковски, како што објавија некои медиуми, своите уставни надлежности ги користел и за да им помогне на свои блиски што се огрешиле од Законот.

Во врска со случајот со аболицијата на Димовска, според правни експерти, се кршат член 11, член 12, член 17 и член 98 од Уставот на РМ.

Во споменатите членови се вели дека физичкиот и моралниот интегритет и слободата на човекот се неприкосновени, дека се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење. Во член 98, меѓу другото, се вели дека "судовите се самостојни и независни". Како резултат на тоа што Претседателот ги прекршил овие членови од највисокиот законодавен и правен акт, може да се примени член 87 од Уставот, во кој се вели: "Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници".

Најдобрите студенти ја напуштаат државава

Многу млади луѓе бараат виза за странство. Од шеесетина првенци на генерацијата, кои дипломирале со највисоки оценки на скопскиот Универзитет од 1999 година до 2002 година, десет отсто се веќе заминати во странство.

Истражувањето спроведено од Агенцијата за млади и спорт со цел да се дознае што се случува со најдобрите студенти на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј", дипломирани во изминатиот тригодишен период, покажува дека 31 од нив се во земјава, а за 24 лица нема информации. Но, проблемот со иселувањето станува се поалармантен и нема веќе граница дали се тоа млади или постари луѓе кои спасот го бараат надвор од нашата земја. Овој проблем не е присутен само во кризните региони, туку и во преостанатите делови на државава. Стручњаците од оваа област предупредуват дека иселувањето може од Македонија да направи територија без народ.

Уапсен Ламбе Арнаудов

Ламбе Арнаудов, поранешен директор на ЕСМ, во понеделникот е уапсен, бидејќи со злоупотреба на службена положба & овозможил на приватната фирма "Блив" корист од 61,3 милиони денари. Делото било извршено во април минатата година, а покрај Арнаудов за злоупотреба на службена положба се товари и поранешниот помошник-директор на ЕСМ, Мирољуб Пандилов. Полицијата го привела и Владо Серафимов, директор на приватното претпријатие "Блив", против кого поднела кривична пријава со која го сомничи дека ги потикнал двајцата да го сторат делото. Истражен судија им одредил триесетдневен притвор на тројцата осомничени.

Соња ги открива тајните на ТАТ

Новиот правен застапник на Соња Николовска, адвокатот Игнат Панчевски, на прес-конференција обелодени нов список на штедачи на ТАТ - лица од јавниот живот. Меѓу нив е и поранешниот претседател на Апелацискиот суд во Битола, Божидар Кочовски, со штеден влог од 100.000 германски марки со привилегирана камата. Тогашната претседателка на Основниот суд, Олга Бошевска, со семејството имала исто така влог од 100.000 германски марки. Како штедачи беа спомнати и судиите Блаже Стојановски, Душко Јанкуловски, Слободанка Баковска, кои добивале месечна камата од неколку илјади германски марки. На овој список на Николовска се и неколку митрополити, политичари и новинари коишто досега не беа спомнувани.

"Штедилницата ТАТ беше срушена од личен интерес на тогашниот гувернер на Народната банка на Македонија, Борко Станоевски. Тој сакаше да има дел од печалбата", изјави адвокатот Панчевски.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"