КОМЕНТАР

Сито и Решето

1903 – 2003 ЗА ШТО ЗАГИНАА?

Од Редакцијата

Република Македонија, македонскиот народ, пред одбележувањето на 100-годишнината од Илинденското востание, 100 години од трагичното загинување на најголемиот идеолог и борец за слободна и независна македонска држава, Гоце Делчев, и 100 години од храбриот гемиџиски акт на младите Македонци интелектуалци во Солун, повторно се наоѓа пред истиот предизвик: Да се биде или не - држава?! Да се биде држава, да се опстои како народ или нација!?

Со стотици години, илјадници македонски борци се бореа за слободна и независна Македонија, но за деценија се урна овој вековен сон, бидејќи сегашната политичка гарнитура немаше ниту срам, ниту перде да го потпише капитулантскиот Рамковен договор. Да беа вистински Македонци, патриоти, тоа немаше да го сторат. Затоа имаме вакви разочарувачки факти. Не контролираме една третина од земјава. Убиства, палежи, протерани Македонци, Претседател кој не знае дали е на небо или на земја. На чија земја тој е претседател? За чиј народ работи и зошто тој работи против македонскиот народ? Но, тој е најмал проблем. Како него има многу. Дури "данбетер".

УРГЕНТНОСТ

Зошто се случува оваа голгота на македонскиот народ?

Политичарите се најголемите виновници што царува сиромаштијата и што македонскиот народ е обезглавен, ем национално, ем историски. Ја загубија сета политичка доверба што ја уживаа кај македонскиот народ. Но, сепак, најголема опасност е што тие се уште се чувствуваат доволно моќни да ја урнат Република Македонија. Да коленичи и да проси за својот опстанок пред странците само затоа што македонските политичари од типот на Георгиевски и Трајковски, и мнозина други, бугарофили или вљубеници во други филства, дел по дел, парче по парче, ја парчосуваат татковината ни.

Треба ли да се застане на овој пат? Треба ли еднаш засекогаш македонскиот народ да ги симне ваквите политичари од тронот? Треба ли ... конечно Македонците да се обединат и да застанат пред непријателот и да му кажат дека преку овој праг повеќе нема отстапки?

Предизвиците се големи, но и ургентни. Бидејќи јубилејот што се приближува и треба да се одбележи ќе покаже, впрочем, колку е силата во македонскиот народ и колку тој е доблесен да го празнува, негува и овековечува делото на: Гоце Делчев, Георги Богданов, Павел Шатев, Костадин Кирков, Марко Бошнаков, Илија Тричков....

Ги има стотици, илјадници, чии имиња и дела се немерливи за независна, слободна македонска држава. Тие барем загинаа за еден драгоцен сон. Но, за што загинаа? Зарем нивниот сон да го одсонуваме и да пропадне во бездната и пеколот да ја согори идејата? Премногу лица ја пљачкосуваат Република Македонија. Премногу политичари кукавички го уништуваат сопствениот дом.

ПРОКОЛНАТИ

Илинденците, гемиџиите, не беа предавници, туку вистински лидери, водачи на македонскиот народ. Тие имаа доблест, имаа храброст да ја жртвуваат својата младост затоа што се соживуваа со идејата за слободна, независна Република Македонија. А, за што живеат денешните "големи Македонци"? Со наведната глава да ги пуштат Арнаутите да грабат и да ја пљачкосуваат оваа со крв натопена земја. Зарем кај нив нема ни малку ронка совест и самосвест дека ако ја загубат Македонија, впрочем ќе го загубат и сопствениот идентитет? Сопственото име и презиме. Ако тоа го сторат, тогаш џабе им се сите усилби за наводната патриотска душа кога утре нема да се викаат Јанко или Петко, туку ....?!

Нека ја преиспитаат својата совест и, ако малку имаат разум, што & прават на Македонија, на својот македонски народ, и конечно на своите деца и идните поколенија, нека се запрашаат. Сигурно не би било убаво остатокот од животот да го поминат проколнати од напатениот македонски народ. Ако и тогаш не им проработи умот, тогаш нека знаат дека еднаш проколнатото вечно останува проколнато.

ДА ГИ ПОАПСИМЕ

Но, очигледно, лажните душегрижници кои веќе јавно ја соблекуваат волчјата кожа, немаат македонска национална свест. Тогаш, зошто им дозволуваме да не преименуваат? Да ги сотреме, да им го одземеме украденото богатство, оти впрочем тоа е наше, ограбено, бидејќи дозволивме од наши усти издвоеното да го зграбат и да не мајтапат.

Повеќе вака не се живее! Од денес или утре, за нас секој ден треба да биде Илинден. Секој нареден миг за нас е доцна, бидејќи нема време за чекање. Времето денешните политичари го потрошија. Треба да ги ставиме во апс, па макар тоа не било демократски, прозападно. Но, и Западот не е она што вчера беше. Тој го одбрани своето, воено-демократски.

Затоа, во името на македонскиот народ, во името на големите Илинденци, во името на гемиџиите, да ги поапсиме сите....оние што ја згрешиле душата. Се знае кои се тие. Не можат да се скријат ни на Канарските Острови, ни во пеколот. Ако има волја кај македонскиот народ, ако има барем малку енергија за државотворност кај Македонците за да не ја загубат Република Македонија, тоа можат да го сторат.

Во ваши раце е иднината на древната македонска држава и на древниот македонски народ.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"