СПОРТ

Огромен успех на јуниорите и на јуниорките

БАЛКАНСКИ ПРВАЦИ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Репрезентации кои ја почувствуваа силината на македонската репрезентација беа репрезентацијата на Албанија која ја победивме со фантастични 58 :12, репрезентацијата на Грција со 27 : 24, а единствено репрезентацијата на Турција успеа да изигра нерешено со нас, играјќи 31 : 31.
  • И јуниорките, како своите машки колеги, успеаја да станат балкански прваци. Нивниот успех радува дотолку повеќе што сите знаеме дека сениорките се во голема криза и дека е неопходно да се изврши смена на генерации.

Македонските ракометни јуниори и јуниорки се балкански прваци. Овој успех само го потврди податокот дека Македонија има навистина надежни генерации кои достоинствено ќе ги заменат сегашните сениори. Ако се има предвид дека и машката и женската ракометна репрезентација веќе подолго време се во криза и веќе подолго време не можат да изборат пласман на некое европско или светско првенство, тогаш ваквите успеси на јуниорите можат само да радуваат.

Очигледно е дека имаме таленти, само треба да се работи на тие таленти коишто моментно ги поседува Македонија за да излезат на виделина и да ги постигнат најголемите успеси на македонскиот ракомет.

ЈУНИОРИ

Јуниорите го постигнаа овој успех на Балканијадата која се одржа во Грција и која за нив претставуваше најсилна проверка пред почетокот на квалификациите за Светското првенство кои ќе се одржат во Турција. Генерацијата која на минатото Европско првенство го постигна најголемиот успех на македонскиот ракомет, играјќи во полуфиналето и освојувајќи го четвртото место, сега многу лесно успеа да се прошета на Балканијадата и многу лесно да ги преслуша своите врсници од Балканот.

Репрезентации кои ја почувствуваа силината на македонската репрезентација беа репрезентацијата на Албанија која ја победивме со фантастични 58 :12, репрезентацијата на Грција со 27 : 24, а единствено репрезентацијата на Турција успеа да изигра нерешено со нас, играјќи 31 : 31. Со вакви резултати, без претрпен пораз, го освоивме првото место и станавме балкански шампиони.

Оваа Балканијада им дојде како одлична попатна станица на македонските јуниори кои ги очекуваат квалификациите за светското првенство во ракомет. Треба да се поздрави и одлуката на Ракометната федерација на Македонија јуниорската репрезентација да продолжи да не претставува и на сениорската Балканијада. Таквите натпревари само ќе овозможат нашите јуниори да си ги одмерат силите и со најсилните состави на репрезентациите на балканските земји, а на тој начин истовремено ќе го почувствуваат и товарот на тешките меѓународни натпревари.

Она што треба да загрижува е индолентниот однос на РФМ и Владата на Република Македонија кои прилично кукавички си ја префрлаа топката за тоа кој ќе ги обезбеди финансиите за пат на македонската репрезентација на квалификациите во Турција, држејќи ги на тој начин во неизвесност и самите ракометари и сета спортска јавност. Навистина ќе биде штета ако не & се овозможи на оваа репрезентација да учествува на квалификациите поради навистина банално избегнување на обврските.

ЈУНИОРКИ

И јуниорките, како своите машки колеги, успеаја да станат балкански прваци. Нивниот успех радува дотолку повеќе што сите знаеме дека сениорките се во голема криза и дека е неопходно да се изврши смена на генерации. Овој успех само малку ги подгреа надежите дека таквата смена на генерации нема да биде толку болна за македонскиот женски ракомет. А, за јуниорките само уште повеќе да го почувствуваат здивот и тежината на официјалните натпревари, и тие, со одлука на РФМ, ќе не претставуваат на сениорската Балканијада.

Ваквата серија на успеси на македонските јуниорки може само да радува затоа што тоа е одличен знак дека на светското јуниорско првенство за жени, кое ќе се одржи токму во Македонија, ќе се нижат успеси на нашите одбранички. Навистина се надеваме дека токму на ова првенство нашите младинки ќе ја покажат својата вредност.


ФУДБАЛ

Лазе Митрески - генерален секретар на ФФМ

Конечно во Фудбалската федерација на Македонија се реши и прашањето за генерален секретар. Ова беше најгорливото прашање кое се некако се одолговлекуваше затоа што секретарската фотелја колку што носи привилегии, толку носи и обврски. Токму поради тоа имаше и повеќе кандидати кои ја посакуваа оваа фотелја.

Оваа одлука е важна затоа што конечно е сменет од функцијата генерален секретар Илија Атанасовски, кој се некако кога ќе требаше да се потполни оваа празнина, тој влетуваше како единствен кандидат и најчесто беше избиран, иако на сите има беше повеќе од јасно дека неговата работа на таа функција е обвиена со многу сомнителни зделки.

Лазе Митрески е долгогодишен спортски работник кој треба сериозно да ги засука ракавите ако сака да ја среди состојбата во ФФМ. Треба под итно да се направи план и програма за работа и ништо да не се остави на импровизации, зашто досега таквото импровизирање се покажа како кобно за македонскиот фудбал. Во секој случај, му посакуваме успешна работа и машко соочување со проблемите во мак-фудбалот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"