дна од седумте Свети тајни е
Светата Причест. Таа претставува Тајна при која христијанинот се причестува
од Христовото Тело, во вид на леб, и од Крвта Негова, во вид на вино.
Светата Причест ја основал Спасителот на последната Своја вечера со
светите апостоли, наречена Тајна вечера. Тоа се случило на Велики Четврток,
вечерта, пред страдањата. "И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, и
рече: 'Земете, јадете, ова е Моето тело'. И кога ја зеде чашата, заблагодари,
им даде и рече: 'Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет,
која се пролива за мнозина, за простување на гревовите. Правете го ова за
мој спомен'".
БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА
Лебот и виното, донесени во олтарот за вршење на Светата Причест, се
претвораат во тело и крв Господови за време на Божествена Литургија, кога
хорот, или певецот, пее: "Тебе хвалим...". За тоа време свештеникот се моли
во олтарот: "Господи, Кој во третиот час на апостолите им го испрати
пресветиот Свој Дух, Него, преблажен, не одземај Го од нас, туку обнови не
нас, кои Ти се молиме".
Преку оваа молитва, лебот и виното се претвораат во тело и крв Господови,
на чудесен и за нашиот разум непрониклив начин, така што за нашите сетила
остануваат леб и вино, а всушност се вистински тело и крв Христови.
ПОЛЗАТА ОД СВЕТАТА ПРИЧЕСТ
Преку Светата Причест човекот се соединува со Христа. По причестувањето
во човекот се зголемува Божјата благодет и ослабува наклонетоста на срцето
кон злото, човекот се очистува од гревовите и станува учесник во вечниот
живот. Но, оваа полза ја има само оној што достојно пристапува кон Светата
Причест, т.е. оној што најнапред си ја очистил душата преку покајанието и се
наоружал со цврста вера и решителна надеж во Бога. Голем грев прави оној што
недостојно се причестува и притоа си навлекува тешка осуда. За наше добро е
што почесто да се причестуваме. Првите христијани се причестувале во секоја
недела и празник. Истото тоа би требало да го правиме и ние, но ако не
можеме, тогаш да се потрудиме да се причестуваме барем во четирите пости во
годината.
ПРИЧЕСТА КАЈ ДРУГИТЕ КОНФЕСИИ
Римокатолиците сметаат дека претворањето на лебот и виното во тело и крв
Господови се врши само преку изговарањето на зборовите: "Земете, јадете..."
и "пијте од неа сите...", а не преку читањето на молитвата: "Господи,
испрати Го Твојот Свет Дух...". Потоа, на Светата Причест, наместо леб со
квасец, употребуваат азима (бесквасен леб) и со неа ги причестуваат лаиците,
задржувајќи го виното-крвта само за причестување на свештениците. Децата не
ги причествуваат додека не наполнат 7-10 години, т.е. додека не ја примат
најнапред Светата Тајна миропомазание или потврдување.
Протестантите имаат повеќе различни учења за Светата Причест. Така,
следбениците на Лутер тврдат дека лебот и виното не се претвораат во
Господово тело и крв, туку дека во лебот и виното се наоѓаат телото и крвта
Негови. Следбениците на Калвин учат дека праведните и свети луѓе се
причестуваат само на духовен начин со телото и крвта Христови, додека пак
грешниците јадат од лебот и пијат од виното, без да се причестат од
Божествената благодет. На крајот, следбениците на Цвингли сметаат дека лебот
и виното на Светата Причест се само симболи кои не потсетуваат на Тајната
вечера на Спасителот.
И протестантите не ги причестуваат децата додека не го примат
потврдувањето, односно додека не извршат четиринаесетгодишна возраст.
(Преземено од "Вероучението на православните Христијани", Иренеј
Митрополит Молдавско - сучавски)