СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПРЕОСТАНАТИТЕ ДЕЛА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ (6)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Македонскиот крал Димитрија двапати ги ослободувал Атињаните, а тие му возвратиле со непријателство!
  • Најголем дел од животот на Димитрија му поминал во долги војувања главно против македонските владетели кои останале да владеат со териториите на некогашната империја на Александар Македонски!

Продолжуваме со темата од минатиот број, т.е. со презентирање на делови од Биографијата на македонскиот крал Димитрија Први (294 - 287 пред Христа), напишана од Плутарх во 75 година.

Во продолжение читаме дека таткото на Димитрија, Антигин Први, му наредил да го нападне Кипар, што тогаш се наоѓал под власта на Птолемеј Први - македонскиот крал на Египет (ова се случило во 306 година пред Христа, з.м.). Поради почестите што ги уживал во Атина, Димитрија неволно ја напуштил територијата на денешна Грција и заминал за Кипар. Претходно му понудил пари на војсководителот на Птолемеј, по име Клеонида, да ги напушти Коринт и Сикион, но овој го одбил ваквиот предлог. Потоа следи опис на битката кај Саламина во која Димитрија ја победил војската на Птолемеј и на неговиот брат Менелај. Притоа Димитрија го завзел градот, а кон заробениците се однесувал хумано.

ПОХОДОТ НА ЕГИПЕТ

Потоа читаме за неуспешниот поход на Египет од страна на Димитрија, по што следувала опсадата на островот Родос. Имено, жителите на Родос го поддржувале Птолемеј Први (кралот на Египет и на некои околни територии, меѓу кои и островот Родос).

Овде ќе се оддалечиме од пишувањата на Плутарх за да се потсетиме на историските настани што се случиле во тоа време. Поддршката на Птолемеј го налутило кралот на Македонија Антигон и затоа решил да им се одмазди на жителите на Родос. Поради тоа тој го испратил својот син Димитрија да го освои островот. Така почнала жестока опсада на овој остров. Димитрија повел со себе војска од близу 40.000 војници. Оваа војска била побројна отколку сите тогашни жители на Родос. Тоа се случило во 305 година пред Христа. Опсадата траела речиси цела година и во неа Димитрија користел голем број опсадни машини. Но, никако не успевал да го освои островот, затоа што градот бил опколен со високи ѕидини. Димитрија употребил и подвижни кули, но ни тоа не му успеало. Тогаш наредил изградба на многу висока кула, со чија помош се надевал дека ќе ја скрши одбраната на градот. Но, оваа кула ненадејно била погодена од гром, што предизвикало смрт на мнозина негови војници. Така опсадата и натаму останала без успех. Подоцна Димитрија наредил изградба на уште повисока опсадна кула, која била направена од метал и била опремена со опсадни машини, па дури и со големи садови полни со вода, поради гаснење на евентуалниот пожар предизвикан од огнените стрели на бранителите. Но, жителите на Родос успеале да ископаат дупка околу ѕидините на градот во која оваа огромна чудовишна кула пропаднала.

Следната година на жителите на Родос им стигнале на помош воени бродови испратени од македонскиот крал на Египет Птолемеј Први (во чие име тие и го бранеле својот остров). Димитрија морал набрзина да ја напушти опсадата при што оставил огромен дел од своето оружје и опсадни машини, заедно со огромната опсадна кула.

Спасот од опсадата жителите на Родос му го припишале на својот заштитник - богот на сонцето Хелиј. Поради тоа, во знак на благодарност кон овој бог, тие решиле да изградат голема статуа. Тоа всушност е познатиот Колос од Родос, што подоцна е прогласен за едно од Седумте светски чуда на антиката.

Во врска со причините за неговата изградба, во енциклопедијата "Сите чуда на светот" од авторот Роланд Гек читаме:

"Според преданието, жителите на Родос решиле да изградат статуа на својот бог заштитник по победата над македонскиот крал Димитрија Полиоркет во 4 век п.н.е. Димитрија долго време безуспешно го опседнувал островот, а потоа решил да го напушти. Се смета дека жителите на Родос го собрале оставеното оружје и справи од непријателот и ги искористиле за леење на статуата" (Roland Gццck: "Alle Wunder dieser Welt", Bertelsmann Sachbuchverlag Reinhard Mohn, Gutersloh, 1968, во превод на српски Младинска књига, Белград, 1972, стр. 16).

Што се однесува до Плутарх, во продолжение на неговата Биографија на Димитрија читаме дека македонскиот крал Селевк (откако се вратил од Индија) заедно со своите сојузници се судрил со војската на Димитрија и Антигон и ја поразиле. Во оваа битка загинал Антигон, кој тогаш имал над осумдесет години и кој своевремено бил генерал во војската на Александар Македонски. Димитрија успеал да се извлече со пет илјади пешадија и четири илјади коњаници. Тогаш тој побарал спас од Атињаните, но тие го одбиле и го замолиле да не влегува во градот. Димитрија бил многу непријатно изненаден и лут затоа што само пред неколку години тој го ослободил нивниот град од власта на Касандар. Дел од неговата војска што ја оставил во градовите на грчките територии почнал да се осипува и да заминува кај неговите непријатели. Потоа читаме дека Димитрија заминал за Херсонес, каде делумно ја обновил својата војска и почнал воени дејства против Лизимах.

ОПСАДАТА НА АТИНА

Тогаш македонскиот крал на Сирија Селевк му предложил на Димитрија да му ја даде својата ќерка Стратоника за жена. Димитрија ова го сфатил како знак на добрата среќа и набргу заминал за Сирија каде ја оженил својата ќерка за Селевк. (Тоа било некаде околу 299 година пред Христа). Набргу умира жената на Димитрија, по име Дидамија. Потоа доаѓа до конфликт помеѓу Димитрија и Селевк, околу градовите Тир и Сидон. Во тоа време извесен Лехар ја презема власта во Атина и Димитрија повторно се упатува со флота кон овој град. Но, кај Атика, силна бура уништува голем дел од неговата флота, а загинуваат и мнозина војници, кои се наоѓале на бродовите. Димитрија го прекинал походот поради собирањето нови сили. Притоа ја опсадил Месина на Пелопонез, но во опсадата за малку ќе загинел и самиот откако дел од еден проектил го погодил во лицето. Сепак, Димитрија бргу закрепнал и ја обновил опсадата на Атина. Го прекинал снабдувањето на овој град со што таму завладеал недостиг на основните продукти. Узурпаторот Лехар, откако видел дека ќе ја загуби битката, побегнал од Атина, во која тогаш владеел глад. Уплашените Атињани веднаш ги отвориле своите порти и испратиле делегати кај Димитрија. По влегувањето во Атина, Димитрија им ги простил на Атињаните дејствата што ги превзеле против него, а нивните угледни луѓе му искажале голема благодарност. Тој во Атина поставил гарнизони со своја војска.

Потоа Димитрија војувал против Спарта и го поразил спартанскиот крал Архидам. Но, тогаш Димитрија разбрал дека се случиле лоши работи во преостанатите негови територии. Тој разбрал дека Лизимах ги завзел неговите градови во Азија, а Птолемеј го повратил речиси целиот Кипар под своја власт (со исклучок на Саламина).

Но, Димитрија не заминал да ги поврати овие територии, затоа што во тоа време починал Касандар - кралот на Македонија. Неговите синови Александар (Петти) и Антипатер се бореле за власт, при што Александар ги повикал на помош Пир (од Епир) и Димитрија. Пир стигнал прв кај Александар и успеал да влијае врз него за да го отповика Димитрија. Пред средбата помеѓу Александар Петти и Димитрија, на Димитрија му била пренесена вест дека ќе биде убиен за време на гозбата. Тој превзел мерки за заштита и рано заминал од гозбата. Подоцна му кажал на Александар Петти дека ќе замине за Тесалија, а овој тргнал со него. Кога стигнале во Лариса Димитрија дознал дека Александар Петти му подготвува заговор и наредил тој да биде убиен. За време на една нивна средба кај Димитрија, тој им наредил на стражарите да го убијат Александар Петти заедно со неговите пријатели. Пред смртта, наводно еден од пријателите на Александар му рекол на Димитрија дека само за еден ден бил побрз од нив, алудирајќи дека ако тој не ги убиел, тие планирале да го убијат него следниот ден. Утредента среде Македонците завладеал вистински страв и неизвесност. Тие испратиле делегација кај Димитрија да им ги објасни последните настани. Поради омразата кон Антипатер (братот и ривал на Александар Петти) македонските првенци решиле да го прогласат Димитрија за крал на Македонија, без оглед на тоа што го отепал нивниот крал Александар Петти. Плутарх пишува дека народот во Македонија со задоволство ја примил веста за поставувањето на Димитрија за крал на државата.

Потоа читаме дека ќерката на Димитрија Стратоника (која била мажена за Селевк) се премажила за Антиох (синот на Селевк) и била прогласена за кралица на Горна Азија. Всушност Антиох бил толку вљубен во својата маќеа што доколку не ја добиел за жена, можел и да умре поради нарушеното здравје кое било последица на неговата болна опсесија од својата маќеа. Откако видел дека здравјето на неговиот син и навистина е загрозено, Селевк се согласил да му ја даде својата жена Стратоника (ќерката на Димитрија) за жена на својот син Антиох.

По прегледот на случувањата од животот на Стратоника, Плутарх пак се навраќа на настаните во Македонија. Димитрија за кратко време станал господар и на Тесалија, како и на голем дел од Пелопонез. Се уште под негова власт била и Атина. Извршил напад врз Бојотија, но Бојотјаните ги повикале на помош Спартанците на чело со Клеонимус и го одбиле неговиот напад. Сепак подоцна Димитрија (со помош на воени машини) успеал да ги порази и потчини под власта на Македонија. Потоа се насочил кон Тракија со намера да ја освои, но тогаш разбрал дека Бојотјаните кренале востание. Во лутина се вратил назад, но во меѓувреме неговиот син (што го крстил Антигон по својот татко) ги поразил Бојотјаните. На патот кон Бојотија Димитрија добил вест дека Пир извршил упад во Тесалија, поради што се упатил таму со својата војска, а Пир се повлекол. Димитрија двапати ја опседнувал и завземал Теба.

Потоа следи неговата експедиција против Ајатолците, во која вклучил и голем број Македонци во војската. Во меѓувреме неговиот генерал Пантаух бил поразен од Пир. Македонците почнале да негодуваат против Димитрија и неговото перчење во јавноста во скапи облеки, како и против неговата некомуникативност со своите потчинети. Плутарх наведува примери за неговото некоректно однесување. Така, на пример, по долги инсистирања примил претставници од народот, кои му дале свои поединечни писмени барања и поплаки како на свој крал. Но, Димитрија ги собрал сите нив и ги ставил во својата наметка. Потоа пред очите на сите отишил на мостот на Вардар и ги фрлил писмените поплаки во водата. Тоа ги разбеснело Македонците и некои од нив потсетиле дека кралот Филип (таткото на Александар Македонски) своевремено дури и на улица разговарал со обичните граѓани. Во врска со ваквиот некоректен гест на Димитрија, Плутарх пишува:

"Ова предизвика голема огорченост среде Македонците, кои се почувствуваа навредени. Тие се потсетија на она што некои од нив го беа виделе, а други слушнале, во врска со отвореноста на кралот Филип. Еден ден кога некоја старица неколкупати се обидела да го запре на улица, тој и рекол дека нема време. "Ако немаш време за мене - му рекла таа низ солзи - тогаш немаш време ни да бидеш крал".

Во продолжение читаме дека Филип бил многу погоден од она што му го рекла жената и набргу потоа неколку денови по ред примал обични граѓани, слушајќи ги нивните проблеми и молби. За разлика од Филип, Димитрија се однесувал сосема спротивно, што ги налутило Македонците.

Во продолжение читаме дека Димитрија тешко се разболел, а тоа го искористил Пир, кој освоил голем дел од Македонија. Но, откако Димитрија оздравел, го потиснал назад Пир.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"