ИСТОРИЈА
Никола Карев - 98 години од смртта
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА
Пишува: Анита ДИМОВА
- Никола Карев, како претставник на Крушевскиот револуционерен реон, со
свој став истапи на Смилевскиот конгрес кој се одржа во 1903 година и кој
требаше да го санкционира фаталното Солунско решение за дигање востание.
Г одинава се навршуваат 100 години
од Илинденското востание на македонскиот народ и од многу други значајни
настани кои му претходеле или се случиле потоа. Само по себе таа е јубилејна
и потсетува на нашето крваво минато. Во тој контекст, потсетуваме на
истакнатиот македонски револуционер и организатор на Крушевската Република,
Никола Карев по повод 90-годишнината од трагичната смрт.
Карев е роден во 1877 година во Крушево како четврто дете во сиромашното
јагленарско семејство Кареви. Детството го поминува во услови на сиромаштија,
кога Македонија се наоѓаше во стегите на многувековната османлиска
експлоатација, национално и политички обесправена.
Како резултат на раната осознаеност за македонската голгота, спротивните
и најразличните заговори околу Македонија, Никола уште во раната младост ги
почувствува горчините на ропството и на понижувањето.
СИРОМАШТИЈАТА ГО ПОПРЕЧУВА...
неговото редовно школување и покрај големата љубов кон науката. Соочен со
суровата стварност на тешката економска и социјална положба во земјата,
Никола уште во третиот клас беше принуден да го прекине школувањето и да се
вработи како столарски чирак за да се најде, како што самиот велеше, "во
поткрепа на своите бедни родители".
Наскоро го напушта своето родно огниште и како 16-годишно момче заминува
на печалба во Бугарија. Во прво време работи како помошник ѕидар, а потоа
станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на
Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов. Во
таква средина младиот Карев ќе го формира својот идеен и политички светоглед.
Работејќи самопрегорно во пропагирањето на социјалистичките идеи сред
македонската емиграција, Никола набргу станува забележлив член на
Македонската социјалистичка група која покрај класната борба, како задача си
го имаше поставено извојувањето полна политичка и економска слобода на
Македонија, како и нејзиното претворање во самостојна држава со
републиканско уредување.
Карев се разболува од парализа и по долго лекување во Софија, по наговор
на лекарите, се враќа во своето родно место на климатско лекување. По
оздравувањето Карев повторно станува ученик и во 1900 година со големи
усилби, живеејќи во мизерија, во Битола завршува четврти клас гимназија. За
време на школувањето соработува со тогашните раководители на месната
револуционерна организација и како член на Битолската социјалистичка група
развива широка агитациска политичка дејност меѓу тамошната средношколска и
работничка младина за нејзино национално разбудување.
ВО РЕДОВИТЕ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА...
... влегува во тој период, како член на Битолскиот револуционерен округ.
По барање на Организацијата, Карев се согласува да стане учител и во 1901
година заминува за село Горно Дивјаци, Крушевско. Благодарение на својата
активност и способност, тој израснува во забележлива раководна личност на
МРО во крушевскиот крај.
Карев истапи на Смилевскиот конгрес кој се одржа во 1903 година и кој
требаше да го санкционира фаталното солунско решение за дигање востание. На
Конгресот тој застана на страната на оние што се изјаснија против
пребрзаното и натурено од врховистите востание, затоа што не беа создадени
сите објективни предуслови за негов успех, а и поради недоволната
вооруженост и подготвеност на сите револуционерни реони. Меѓутоа, бидејќи
Конгресот го означи втори авуст како датум за дигање на востанието, Карев
беше назначен за горски началник на целиот Крушевски револуционерен реон.
По завршувањето на обиколката на реонот и по привршувањето на работите во
градот, тој во јуни 1903 година премина во илегалност и до Горскиот штаб ги
продолжи натамошните подготовки за востанието.
По успешноста на Илинденското востание во Крушево и по формирањето на
Крушевската Република, Никола Карев од името на Штабот упати Манифест до
околното муслиманско население, кое братски се повикуваше да ја поддржи и да
ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија.
Се паѓањето на градот во турски раце, тој со своите соработници се
повлекува и кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград.
Таму неколкупати беше интервјуиран од странски дописници кои се
одушевуваа од херојската борба на македонските востаници што и покрај се
претставуваше висока морална победа на македонскиот народ.
Од Белград заминува за Софија каде ја обновува својата активност и
учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во
1905 година, како огранок на Бугарската работничка социјал-демократска
партија. Во 1905 година пролетта реши да се врати во Македонија. На 26 април
неговата чета на пат за Крушево заноќева во село Рајчани, Кочанско. Но, тука
беа предадени и веднаш сардисани од турската војска. Следниот ден, на 27
април во нерамна борба со турскиот аскер загина младиот Никола Карев, заедно
со многу борци од неговата чета.
|