ИСТОРИЈА

Јане Сандански - 88 години од смртта

ПИРИНСКИОТ ЦАР

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Меѓу македонските великани од илинденската епоха, на Јане Сандански бездруго му припаѓа едно од првите места. Близу една деценија Сандански му беше верен едномисленик и близок соборец на Гоце Делчев, а по неговата смрт во 1903 година тој ќе го доразвие и со нему својствена упорност ќе го продолжи незавршеното Гоцево дело. Тој беше мошне истакната и призната личност во Движењето, особено меѓу родољубивата македонска емиграција во Бугарија.

Гоце и Јане, на своевиден начин ги поврзува и годината на раѓање. На 31 мај 1872 година, само четири месеци по раѓањето на првенецот на македонската национално-ослободителна револуција, Гоце Делчев, во будното пиринско село Влахи, во сиромашно селско семејство од родители Милка и Иван Сандански, се роди следбеникот и достоен продолжувач на Гоцевото дело, Јане Сандански.

Детските и младешките години Јане ги поминал во ослободената Дупница меѓу многуте македонски емигранти и доселеници, останувајќи тука со извесни мали прекини се до април 1901 година. Шест години го посетувал месното училиште во Дупница, но немаштијата го принудила да го напушти училиштето и да стане кондураџиски чирак, работејќи на овој занает нешто повеќе од две години.

РЕВОЛУЦИОНЕРНО КРШТАВАЊЕ

Во 1892 година Јане бил повикан во војска за да го отслужи својот двегодишен воен рок во соседниот град Ќустендил. Во следните пет години живејачката ја обезбедувал работејќи како молбописец, помошник адвокат, отпрвин во адвокатската канцеларија на вујко си Спас Харизанов, а подоцна самостојно. Сопственото самообразование посебно го надополнува во текот на шесте години кога работи како адвокатски помошник и брзо го достигнува образовното ниво на месната интелектуална средина во која постојано се движел.

Во 1895 година се случила пресвртницата во општественото ангажирање на младиот Сандански. Тој се заинтересирал длабоко да проникне во суштината на македонското ослободително движење и во 1896 година пошироко се информирал за Револуционерната организација во Македонија. Потоа две децении, се до насилната смрт, ќе & остане верен на оваа своја заклетва, будно внимавајќи самиот тој, но и на ослободителното движење, "никому да не му станат орудие".

Јане Сандански со својата активност се наложил како мошне истакната и призната личност во Движењето, особено меѓу родољубивата македонска емиграција во Бугарија. Со години на ред подоцна Македонското друштво во Дупница, и по напуштањето на овој град од Сандански, упорно ќе се бори против противничките посегања на платениците од софискиот Врховен македонски комитет.

КРВАВ ОТКУП

Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе си. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви какви што ние дадовме и продолжуваме да даваме. Ова треба добро да се разбере, велеше Јане.

Неговите организаторски способности и нескршливата упорност дојдоа до израз во настаните околу аферата "Мис Стон", кога цели пет месеци ги држел заложничката и нејзината придружничка Катерина Цилка, избегнувајќи ги заедничките аскерско-врховистички потери во натчовечки напори, за на крајот на Организацијата да & обезбеди 14 илјади лири. Заедно со своите "серчани" ја поддржува Младотурската револуција и учествува во неа, објавувајќи го на плоштадот во Солун познатиот Манифест.

Јане Сандански е еден од организаторите и потписниците на Народната федеративна партија (НПФ) во 1909 година, која го издаваше весникот "Народна волја" и чие појавување на некој начин го означи и крајот на ВМРО.

Во Првата балканска војна, Сандански со доброволечки одреди од Серскиот округ се вклучи на страната на балканските сојузници, против османлиските поробувачи, убеден дека се бори за слободата на Македонија. Но, се излажал во проценката, согледувајќи дека Македонија ја загрозува пустошењето на нов воен пожар чии иницијатори беа царот Фердинанд и неговата германофилска политика.

Во постојаната борба со врховистичките сили Јане доживеа неколку неуспешни атентати, но последниот беше успешен. На 22 април 1915 година, тој беше подмолно нападнат и усмртен од терористите на Тодор Александров во соработка со месните бугарски воени и цивилни власти, во неговиот роден Пирин.

Погребан е во близината на Роженскиот манастир, над Мелник.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"