а состојбата на балканските
народи воопшто, а посебно за Македонија и Македонците, постојат огромен број
книги - литература, за жал во најголем број случаи од туѓинци - странци кои
не биле по потекло од балканските народи кои недоволно или никако не ги
знаеле вистинските факти и често биле оптоварувани или упатени да ја извршат
задачата за нечија сметка итн.
Според нашите сознанија, а и според целта на овој напис, Австро-Унгарија,
како и другите европски земји, имала свои планови и за нивната реализација и
поткрепа, помеѓу другите форми и средства, испраќале повеќе свои групи -
експедиции со разни причини и под разни имиња кои ги прокрстуваат
Балканскиот Полуостров, а особено Македонија и тоа за чудо во повеќе или
помалку случаи во етничките граници на Македонија, каде што извршуваат разни,
нужни истражувања - географски, историски, археолошки, лингвистички, па и
етнографски и тоа што повеќе за следните цели:
- Кои се и што се Македонците;
- До каде се протега територијата на којашто живеат Македонците;
- Каде се можните етнички граници помеѓу Македонците, Србите, Бугарите,
Власите, Арнаутите и Грците.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Во текот на научно-истражувачката работа во Воениот и сообраќајниот архив
и другите такви институции во Виена како на Балканскиот институт основан по
окупацијата од 1878 година во Сараево, потоа од Разузнувачката служба на
Армијата на Република Франција, делови од овие фактори беа прикажани пред
години покрај Загреб, Белград и во Скопје, а и кај други автори кои ова го
потврдуваат. Меѓутоа, треба да се истакне фактот дека многу од овие
изнајдени фотографии од истражувањата и по архивите и музеите не само во
соседните земји, од Цариград и Солун до Будимпешта и Виена, а посредно во
Париз и Минхен, се снимени во последните десетици години од 19 век и првите
децении од 20 век со чудни легенди кои требаше да упатуваат и претставуваат,
да значат уште еден чекор на тогашниот запад - богат, цивилизиран и заситен,
да се запознае со "назадниот и див Балкан од непознатиот Ориент - Исток" итн.
Меѓутоа, фотографиите од "достапните" фондови во наведените архиви,
библиотеки и музеи, и во специјализираните институции коишто се занимаваат
со балканолошка проблематика, односно за нас балканските народи, зборуваат и
докажуваат нешто сосема друго, една поинаква вистина - не или малку наука, а
најмногу политика, интереси, завојувања и темнина.
И крајот на Втората светска војна, покрај многуте ветувања и надежи, од
неразбирливи или засега непознати причини, го потврди срамното, нечесното и
нехуманото решение за поделба на Македонија и македонскиот народ, така како
што беше усвоено со мировните договори во Версај. Додека многу народи во
Европа и на само во неа, успеаја да се ослободат и обединат, а со тоа и да
се исправат сторените историски и политички неправди кои дојдоа по желба на
големите сили по Првата светска војна, а во прв ред од "слободоумната и
прогресивна" Франција, македонскиот народ остана измамен, не успеа да се
обедини во една етничка, општествена, политичка и државна целина. Повторно
Македонија и Македонците, по сила на компромиси и сфери на уплив и интереси
беше жртвувана за "повисоки интереси" на големите сили победници во Втората
светска војна кои го делеа и кроеја светот, државите и народите како што им
одговораше ним, или се правеа отстапки за придобивки на друга страна од
политички, стратегиски или стопански причини.
ПРАШАЊЕ
Меѓутоа, прашањето на етничките граници на Македонците и Македонија
останува отворено, тоа не може да умре, да исчезне како што би сакале некои
од соседите, а со нив и други народи и држави во Еропа, прекуморските земји,
кои со своето премолчување ова и го докажуваат и во денешниот случај со
Република Македонија.
А познато е дека не само голем број од европските народи и држави а и
воневропските - американските, во текот на 19 век се залагаа особено околу
настаните пред и по Илинденското востание, Балканските и Првата светска
војна за правата, самостојноста и државноста на Македонците и Македонија за
што постои богата литература и бројни докази. За жал, многу од денешните
генерации од овие народи и држави се чудно неми, неправедни, па и нечесни.
Прво и последно, а може и единствено, оружје е науката и вистинските
резултати од неа. Во оваа смисла Република Македонија пред и над се мора и
треба преку постојаните, но и со формирање на нови научно-истражувачки
институции, какви што за изминатите 50 години по ред причини немаше
етнолошка научно-истражувачка институција - Етнолошки институт, односно
формираниот Етнолошки завод при катедрата за етнологија на Филозофскиот
факултет на Универзитетот во Скопје, успеаја националните злосторници да го
укинат со мотивација дека веќе има институција -фолклорен институт на НРМ,
заборавајќи или не знаејќи дека фолклорот е само составка од етнологијата,
па од овој Фолклорен институт го одвоија Одделот за народна книжевност во
посебен, самостоен институт за македонски јазик, а од Одделот за народен
живот и обичаи требаше да се формира Институт за народна култура на Народна
Република Македонија. Но, пак по онаа народната - заради Илија и Свети Илија,
заради болни национализми или и нешто друго - Македонија и Македонците до
денес за жал, национална жал, а по рецептура на македонските душмани и
злосторници, остана без научно-истражувачката етнолошка институција, па и
без истражени и проучени податоци, а од тоа и без презентирана Етнолошка
карта на Македонците и Македонија. Оваа карта претставена само на светската
научна јавност, но и политичка јавност ќе & покажеше и докажеше, ама и ќе ги
потсетеше за постанокот, развитокот и постоењето на тој континуитет во
етногенезата на Македонците и Македонија од најрани времиња - праисторијата,
антиката, па преку столетијата до денешни времиња. Со еден збор, тоа што ни
недостасува, што го немаме истражено, проучено, публикувано како резултат на
мултидисциплинарен научен Проект од повеќе научни дисциплини е Етнологијата
како предмет за едукација не само во високото образование, туку и во
средните училишта, без Етнолошки институт, но не и без место во пазувите на
мајката на науките.
Етнологијата учи дека како што етнонимите, топонимите и хидронимите и
другите етнички белези не можат лесно да се сменат или забранат, така и
етничките граници имаат и оставиле свои траги не само во народите, помеѓу
луѓето, во легендите, туку и во историските извори и богатата литература за
Македонците и Македонија.
Многу научни дисциплини како докази за своите научни проучувања и
заклучоци прават соодветни карти - лингвисти, археолози, историчари и други,
па ова би морале да го направат и етнолозите вработени во постојаните научни
институции - музеи и заводи за заштита, каде за право на вистината и нема
вработени етнолози, а колку да сакаш од други струки, требало или не во
толкав број, останува под енигма или е општо познато. Меѓутоа, фомирање на
Етнолошка научна институција е повеќе од императив и над сите национални
задачи, зашто војни се губат и возобнуваат под едно или друго знаме, ама
етногенезата има само едно знаме и една заклетва.
Ваква Етнолошка карта со етнички граници во кои би биле содржани сите
етнички карактеристики за општествената, материјалната и духовната култура
на Македонците а со тоа и разликите преку кои ќе се докаже дека Македонците
се самостоен, единствен народ - нација, со свој идентитет и ентитет и дека
не се ни дел од кој било друг од соседните народи кои, еве, со векови и
покрај сите нечесни игри не успеаја да го направат тоа што им беше основната
цел - да исчезнат, да ги нема, да не постојат Македонците и нивната
татковина Македонија. За нивна жал, а на наша радост, ние Македонците и
нашата татковина сме постоеле, постоиме и ќе постоиме за навек.
Македонците и Македонија не смеат и на почетокот на овој милениум да
останат без релевантни научни докази какви што може и треба да прибере и
проучи стручна и научна институција - Етнолошки институт, зашто навлегуваме
во трето столетие кога соседите имаат такви етнолошки научни институции во
кои си го кројат по свој терк тоа што им треба и пред меѓународната научна,
општествена и политичка јавност докажуваат тоа што треба и што сакаат без
оглед на вистината за етничките граници на Македонците и нивната татковина
Македонија.