|
Д-р Душко Алексовски е голем македонски културен деец!
Меѓу бројните написи во македонскиот печат, вкупно 486, кои се во прилог
на интелектуалните вредности на д-р Душко Алексовски, основач и претседател
на Светската академија за карпеста уметност, во печатот, прво во "Вест", а
потоа и во "Сведок", можеби од ист новинар, се појави текст преку кој се
врши очајнички обид да се минимизираат успесите на најголемиот македонски
културен деец на сите времиња. Во написот во "Сведок" дури се оспорува
докторатот и нострификацијата на д-р Алексовски, иако тој легално докторира
во Франција, и легално ја нострифицира својата докторска диплома на
Универзитетот во Белград, заведена под број 373/2 од 6 мај 1982 година. Само
да потсетиме дека членови на нострификационата комисија беа: проф. д-р
Драган Недељковиќ, проф. д-р Радослав Јосимовиќ, и двајцата докторирале во
Франција и тоа на тема од книжевното творештво на Ромен Ролан. За волја на
вистината, претседател на нострификационата комисија е проф. д-р Љупка
Калајлиева, тогаш редовен професор на скопскиот Универзитет. Сега читателите
можат да судат, но со аргументи, дали д-р Алексовски ја нострифицирал
својата докторска теза легално или илегално. Во извештајот на комисијата
читаме: "…Оваа докторска теза е пионерски труд не само во Југославија, туку
и во Европа".
Очигледно е дека д-р Алексовски внесе немир кај некои лица со неговата
изјава дека е пред втора одбрана на докторска теза. Тоа побудува чувство на
професионална љубомора и завист и не се бираат средства за девалвација на
неговиот труд. Прашуваме: зошто оние кои го напаѓаат избегнуваат ТВ дуел на
тема: има или нема карпеста уметност во Македонија, поле преку кое д-р
Алексовски најмногу се афирмира и себе и Македонија.
Прогласен е од ИБС од Кембриџ за еден од 2000-те најзначајни личности на
планетава, како и за најдобар предавач - говорник. Исто така, Алексовски од
истиот Институт е прогласен за научен работник на годината пред неколку
години. Беше член на Извршниот совет на Светската федерација за карпеста
уметност, претседател на Научниот комитет на Светскиот конгрес за карпеста
уметност, претседател на Матичната комисија за формирање на Светската
академија за карпеста уметност, а со 23 гласа за и еден против е избран за
претседател на Светската академија за карпеста уметност.
Светскиот конгрес за карпеста уметност донесе Резолуција во која се вели
дека Македонија е најбогата земја со карпеста уметност. За организацијата на
Конгресот за карпеста уметност рекоа: "Ниту порано, ниту подоцна некој ќе
успее да организира така успешен светски конгрес". Резолуцијата ја потпишаа:
претставниците од Русија, Америка, Швајцарија, Јапонија, Италија, Саудиска
Арабија и др.
Светската официјална наука му оддаде највисоки признанија врачувајќи му 4
златни, 5 сребрени и 5 бронзени медали. Така, д-р Алексовски е првиот жив
научник со толку меѓународни признанија. Тоа е рекорд кој не би можел да
биде надминат ни за следните илјада години.
Сјајот на овие признанија е дотолку поголем кога се има предвид дека зад
предлогот за добивање на признанијата не стојат политички, туку авторитетни
научници, како што се акад. проф. д-р Дарио Сеље од Италија, акад. проф. д-р
Марко Мерлини од Италија, проф. д-р Кан од Саудиска Арабија и Паул Финхабер
од САД. Сите се универзитетски професори или директори на институти за
палеографија.
Ги прашуваме оние кои се обидуваат без успех да го девалвираат
гигантското дело на Алексовски: Каде беа за време на Светскиот конгрес за
карпеста уметност, за време на формирањето на Светската академија за
карпеста уметност и на лице место да се соочат со светската елита и да ги
презентираат своите ставови, мислења и слично. Кому сега раскажуваат
приказни? Тие кои се најповикани да го ценат делото на Алексовски, дојдоа,
видоа и заминаа во своите земји, пишувајќи прекрасни статии за се она што
виделе и доживеале во Македонија.
Оваа година, д-р Алексовски беше единствениот интелектуалец од Македонија
кој беше поканет да учествува на Светскиот конгрес на културните работници
во Виена на тема "Да влеземе во минатото". Некои сиромашни по дух од
Македонија се обидуваат сето тоа да го девалвираат без аргументи, притиснати
од болното чувство на завист и љубомора, кукавички криејќи го својот
идентитет. Можеме во секое време да приложиме факсимили од кои се гледа и
оригиналната потврда за одбранет докторат, нострификација од Универзитетот
во Белград. За фалсификуваните оценки од индексот само да напоменеме дека
луѓето не знаеле оти положените испити од еден факултет се признаваат и на
друг факултет, во случајот: латински и македонски јазик. Тие не забележале
дека до името на потписот на професорите стои с.р. (своерачно), што значи
дека тие во стариот индекс ги потпишале истите оценки кои се наведени во
новиот индекс. Тоа судот лесно ќе го согледа кога ќе одлучува по приватната
тужба.
Д-р Алексовски ги очекува резултатите од лабораториската анализа за
утврдување на старост на неколку гравири, за да објави ново сензационално
откритие. Анализата треба да се направи на Институтот за палеонтологија во
Лос Анџелес - САД.
Д-р Алексовски откри над 800.000 карпести цртежи и со тоа Македонија
стана најсветлата точка на земјината топка на полето на праисториската
уметност. Не е случајно што Република Грција во 2001 година го формира
Грчкиот центар за карпеста уметност со седиште во Кавала. Грчката Влада
сфати дека нема правилно дефинирање на грчкото културно наследство без
целосно проучување на карпестата уметност.
Од светската асоцијација за семиотика д-р Алексовски е предложен за
добитник на златен медал за вонредни заслуги на полето на палеографијата,
односно за споредбата на старите писмени знаци со карпестите гравири од
Македонија.
Горди сме и среќни што сме современици на д-р Алексовски, негови
соработници и поддржувачи.
Георги Гошев, Скопје
Интелигенцијата во
политичкиот живот
Не. Воопшто не Ве обвинувам Вас. Ни мајката земја моја. Ни мртвите херои.
Ни револуцијата. Но, нив. Само нив. Капитализмот бил експлоатација на
човекот од човекот. А комунизмот? - обратно! Таму каде што нема слобода на
јавноста, нема ни употреба на умот. Дали револуцијата можеше да избегне
интелигенцијата да се најде во пранги? Дали можеше да се избегне таа
систематски вршена анти-интелектуална револуција? Интелигенција - тоа е
објективност. Вистински интелектуалец, вработен или невработен, готов е
опозиционер. Кај нас владее омраза кон компетентноста, кон се што излегува
од кругот на осредното знаење. Магнетниот пол на македонската интелигенција
беше премногу јак за црвените залутани бродови.
Не постои еквиваленција помеѓу интелектуалецот и демократијата. Но, јас
сепак верувам дека една од особините на тоталитарните општества е
настојувањето да се ликвидираат интелектуалците, да се оневозможат да
работат, или да се натераат да одат во егзил, во безнадеж, во тишина. Од
друга страна, постоењето на една класа интелектуалци е еден од условите за
демократија. Не беше ни малку случајно што со децении образуваните
интелектуалци беа игнорирани и омаловажувани, бидејќи со самоуправувањето де
факто се протера стручноста од сите нивоа и структури. Практично, законски е
во такви релации квантитетот да го елиминира квалитетот. За излегувањето од
криза неопходен е ентузијазам и големо срце, а за решавање на општествените
прашања неопходни се ладни и квалификувани глави. На правите места треба да
бидат компетентни луѓе, непоставувани од политички партии, но од институции
поставени во една демократска форма. Знаењето е во сушност употреба на
знаењето, а употреба на знаењето е производство на знаење. Партијата треба
да биде лишена од државната власт. Одвојување на партијата од државата и
државата од економијата. Не поддржувам разговор на сметка на знаење и
достоинство. Интелектуалците треба да го понесат националниот дух, а не да
служат на национализмот. Служејќи на национализмот, интелектуалците секогаш
мислат дека му служат на народот. Меѓутоа, служејќи му на национализмот,
интелектуалците го предаваат својот народ, бидејќи се предаваат самите себе,
својот независен критички дух. Еден критички интелектуалец не смее да падне
во компактно мнозинство. Тоа не е симптом на демократијата, но квалитет на
опозицијата, симптом на еден морален пораз, во пејоративна смисла, некоја
ментална самостојност која може да дојде во конфронтација со мнозинството.
Единствено на вистинската интелигенција не & пречи да биде малцинство,
напротив!
Разликита нас не збогатуваат. Зборот не може да го сруши системот. Ако
може и нека го сруши. Полна глава со знаење не им дозволува да бидат
оптимисти. Подобро да правиме она што можиме, отколку она што не сакаме.
Интелектуалецот треба да биде стручњак за нијанси, стручњак за комплексното.
Тој би требало да биде во можност да ја одржува позицијата која не е секогаш
позиција на мнозинството, позиција околу која е тешко да се добие некое
мнозинство, но позиција која е апсолутно битна. Интелектуалниот и морален
распад на толкав број интелектуалци, за жал, покажа дека помеѓу комунизмот и
национализмот патот е пократок отколку помеѓу комунизмот и либерализмот. Со
тоа непријатно сознание ќе мораме уште долго да живееме. Интелигенцијата
сега мора да се стопи со народот во најдобра смисла на зборот, да ги изрази
сите негови желби, мисли и чувства, мора да биде духовен филтер кој ќе
спречи уплив на отровна подкултура. Интелигенцијата е таа која на широките
слоеви мора да им овозможи увид во проверените вредности, оние на коишто нас
не учи традицијата и кои го издржале судот на времето. Нам ни е потребна
интелигенција која ќе се заложи за преродба на својот народ, која е
подготвена да се жртвува за својот народ. Великаните на македонската култура
многу направија за својот народ, а многу денешни интелектуалци работат
против својот народ, отуѓувајќи се од него. Потребна е преродба на
татковинската традиција и патриотската интелигенција. Одговорноста на
интелектуалците е голема за создавање услови за појава на нормални
политичари. Не може да биде прав интелектуалец, ако не верува во слободата и
достоинството на поединецот и ако не е подготвен да ги прифати неговите идеи.
Интелектуалецот треба да биде стручњак за нијанси, стручњак за комплексното.
Ако националната идеја, националниот проект не го носи интелигенцијата, тој
ќе биде лош и со краток здив. Интелигенцијата никогаш никого не доведе на
власт, иако многу ги сочува на власт. Интелектуалецот многу ретко може да го
бира системот на власт. Меѓутоа, власта секогаш го наметнува својот систем
над интелектуалецот. Должност на интелектуалецот е секогаш и на секој начин
да & се противи на власта. Дури и кога власта е релативно добра,
интелектуалецот мора да покаже со прст, што во тој спектар е добро, а што
лошо, а не слепо да аплаудира. Интелектуалецот во општеството мора да ја
игра улогата на морален аларм. Интелигенцијата не е интелигенција доколку не
е критична. Таа секогаш ќе биде критична помалку или повеќе, а подобро
повеќе, отколку помалку. Улогата на интелектуалецот критичар е да се открие
злото за да се излечи народот, а не да се уништи. Голема е опасноста на
интелектуалецот да се занимава со политика, ако не е толку способен да ја
надмине ограниченоста на интелектуалецот и глупоста на политичарот. Чесната
интелигенција не мора и понатаму да биде нечија слугинка.
Ќе примат ли нашите политичари еден совет преку еден поучен пример:
некогашниот италијански претседател Сандро Пертини во претседателската
палата "Квиринале" живеел само кога вршел службени работи, а ноќе се селел
во мал негов изнајмен стан во близина на палатата. Со тој гест тој сакал да
го одвои државното од приватното што на нашите многубројни владатели не им
паѓа ни на памет. Ако интелектуалецот денес се залага за договарање, а
против полемосот е, т.е. "војна со зборови", дали на тој начин тој ја
изневерил улогата на добар интелектуалец? Не знам во што македонските
интелектуалци би биле единствени освен по прашањето за нацијата и
демократијата. По повод тие прашања колку што во начело единственоста е
неопходна, толку во разбирањето на преостанатите проблеми разноликоста е
пожелна. А и еднодушноста меѓу интелектуалците не е спонтана, но е наметната
појава. Кон власта не треба да се однесуваат како кон должноста. Човечкиот
дух треба да биде дух кон вистината. Политичарењето секогаш се сметало за
појако од наукувањето. Французите се цивилизирани и затоа не се ништо. Сите
големи писатели и големи интелектуалци, како политичари се големи аматери.
Затоа на еден од нашите писатели му препорачувам: Вие сте генијален како
писател, а како политичар и стратег - подобро да ја смените професијата.
Подобро да останете тоа што сте. Лавоазије бил генијален научник, но очаен
министер за внатрешни работи. Тажно е да се гледа колку паметни луѓе не
можат да се снајдат во валканата работа која се вика политика, бидејќи
политиката е најлошиот дел од секој народ, за разлика од уметноста која е
најдобриот дел на секој народ. Се кандидираат луѓе без трошка јавен углед, а
за знаењето и способноста да не зборуваме. Секој политикант мисли дека може
да биде и државник. Зарем тоа не е потценување на државата и народот?! Дали
нам ни е уништен системот на вредности, па никој никого не почитува и секој
мисли дека може да ја одредува судбината на народот и државата? Или веќе сме
ја изгубиле државата и во свеста, па секој трчилаж може да дојде на
нејзината упропастена столица? Не знам како е режирана македонската
политичка сцена, но знам дека сериозните и совесните луѓе се понастрана.
Само во алхемијата можно е вечно да се истражува за начинот на кој од железо
може да се добие злато. Во политиката такви експерименти многу покусо траат.
Особено кога ќе се утврди дека освен злато недостасува и железо. Во
политиката волјата е се, интелектот помалку значаен, а етиката ништо. Мислам
дека вистинскиот напор почнува кога ќе успееме да создадеме скала на
вредности на која ќе се држиме, бидејќи оваа скала која долго трае е ужасна.
Колку нас ваков расплет на случувањата не обврзува да зборуваме поотворено и
похрабро? Отрезнувањето е секогаш елемент на внатрешната политика, а
идеализмот на надворешната политика. Посебно апелирам до македонската
интелигенција да не стои понастрана и сето свое знаење, углед и снага да ги
стави во служба на националниот спас и македонската преродба. Ако веќе не се
знае што може да донесе успех, се знае што налага должноста.
Емил Зола, Писаро, Монет - околностите направиле за одредено време да ја
одложат својата творечка работа за да можат да се замешаат во актуелните
настани. Тоа е интелектуалец. Тоа е таа смисла за одложување. Тоа е
подготвеност за вплеткување. Тоа што најдобро би можеле да си го посакаме,
тоа е повторно да ја откриеме таа смисла и таа подготвеност. Историјата ги
посинува оние што во одреден момент знаат да се побунат против неа. Но, за
жал, бракот помеѓу интелектуалецот и политиката многу кратко трае.
Благоја Дамески
|