|
ФОРУМ
ПРИГОВОР КОН ИЗБОРОТ НА НОВИ АКАДЕМИЦИ
(До академик Матеја Матески, претседател на МАНУ и до Одделението за
лингвистика и литературна наука)
1. Македонската академија на
науките и уметностите своевремено се обрати со допис до научните и
уметничките институции во земјата да предложат кандидати за избор на редовни
членови на МАНУ. На Филолошкиот Факултет "Блаже Конески" во Скопје беа
предложени 6 кандидати (Лилјана Тодорова, Коста Пеев, Петар Атанасов, Атанас
Вангелов, Људмил Спасов и Катица Ќулафкова). Изборот беше извршен со тајно
гласање и од овие шест кандидати беа избрани само првите тројца, според
добиените гласови во следниов редослед:
1. Петар Атанасов 54 гласа
2. Коста Пеев 46 гласа
3. Лилјана Тодорова 45 гласа
4. Атанас Вангелов 44 гласа
5. Катица Ќулафкова 42 гласа
6. Људмил Спасов 38 гласа
Нашата забелешка по однос на оваа точка се состои во тоа што Одделението
за лингвистика и литературна наука не само што не предложи ниеден од нашите
кандидати (и со право се прашуваме зошто Академијата упати такво барање до
нас кога воопшто не го почитува нашето мислење), туку и двајца негови
членови не беа воопшто запознаени, за време на гласањето, со ова писмо што
Филолошкиот факултет "Блаже Конески" го достави до МАНУ. Тоа значи дека
некој од членовите намерно не ги известил другите членови на Одделението за
резултатите од гласањето во нашата институција, факт што претставува кршење
на процедурата за гласање и дезавуирање на компетенциите на срединта во која
нашите кандидати работат и творат. Сметаме дека кандидатот Петар Атанасов,
што ние го предложивме, според добиените гласови како и според неговиот опус,
местото што го зазема во македонската лингвистика и референците во странство,
тој е оштетен со тоа што не се најде на листата на предложените кандидати од
Одделението. Просто неприфатливо е како може кандидат што добил 12 гласа
помалку во нашиот колектив од колегата Атанасов да биде едногласно предложен
од Одделението, а нему да му се оспори таа предност. Значи ли тоа дека
целиот наш колектив (74 присутни при гласањето) да има искривена слика за
предложените кандидати од Филолошкиот факултет, да не ги познава, да нема
критериуми според кои да ги вреднува? Дали Одделението при предлагањето на
кандидатите ги имаше на маса трудовите на кандидатите, да ги стави на кантар,
да ги спореди и вистински да оцени колку тие тежат или пак членовите на
Одделението дошле на состанок со готови решенија, или можеби се спогодуваа
за заемни отстапки? Особено кога станува збор за кандидатот од Институтот за
фолклор "Марко Цепенков".
2. Македонската академија на науките и уметностите, како наша врвна
научна институција, е должна да ги почитува пропишаните критериуми за избор
на свои членови, со што се гарантира нејзиниот престиж во земјата и во
странство. Меѓу тие критериуми, на прв план, се вбројува оној според кој
кандидатот треба да има издржани трудови/монографии објавени во земјата и
особено во странство давајќи на тој начин придонес во одреден домен на
науката и афирмирајќи ги нашите научни институции надвор од земјата. Сметаме
дека изборот што Одделението за лингвистика и литературна наука го направи
не е во сообразност со овие критериуми.
Кандидатот Петар Атанасов објавил монографија од 300 страници на
француски јазик во Helmut Buske Verlag
од Hamburg (Германија)
и проширена верзија во издание на Романската Академија (400) страници.
Тој не само што е цитиран во стручните списанија од разни земји во Европа,
туку и во две енциклопедии: Lexikon der Roamnischen
Sprachen (Tьbingen)
и Enciclopedia limbilor romanice (Buceresti)
што не е случај со двајцата предложени кандидати. Не би било упатно да ги
споменеме и другите негови објавени трудови за кои веќе зборувавме во нашите
рецензии, но мораме да укажеме на фактот дека ако се фрли поглед на неговите
изложени трудови во просториите на Архивот на МАНУ, ќе се констатира дека,
со исклучок на лексикографските трудови што се објавени кај нас, сите други
се објавени во странство. Вреднувањето на неговиот научен опус, угледот што
го ужива надвор од земјата, и единствен признат и незаобиколен авторитет по
однос на проблематиката што ја третира, се мотивите поради кои тој беше
поканет да соработува во изготвувањето на повеќетомната
Wieser Enzyklopдdie
des Europдschen
Ostens (WEEO) од Австрија. Му беа
доверени до обработи три поглавја: arumдnish,
meglenorumдnish
и friulanish
(Книгата е изложена во Архивот на МАНУ).
Во писмото упатено до Петар Атанасов од страна на Милош Окука, еден од
уредниците на оваа Енциклопедија (Австрија) пишува: "Хвала Вам на сурадњи,
и посебно Вам велика хвала на одличним текстовима/.../ Најлјепше бих Вас
молио да нам урадите и овај мали језик, фриулански. Господја Илиеску пише за
нас о румунском, али још нија завршила свој рад, па је не бисмо још с новим
обавезама оптеречивали, односно молили. У Вас имамо пуно поверење...".
Како потписници на нашите рецензии, ние длабоко го почитуваме достоинството
на сите кандидати и наши колеги од Факултетот, но длабоко сме убедени дека
аргументите, толку очигледни, стојат на страна на кандидатот Петар Атанасов.
Предлогот на Одделението за лингивистика и литературна наука е неправеден
кон нашиот кандидат, кон нашиот колега (што му даде најголем број гласови -
54), кон македонската лингвистика. Не помалку тој е навредлив за престижната
институција за која се смета МАНУ.
3. Петар Атанасов е наш познат лексикограф. Фактички тој е првиот што
по еден период од 20 години (по објавувањето на првите наши речници) го
раководеше проектот Француско-македонски речник, работен по
современи методи (транскрипција, фразеологија и слично). Следеа потоа цела
серија речници од доменот на францускиот јазик (во соработка со други автори)
како и Македонско-италијански и Шпанско-македонски
речник, што ги сработи сам и што за прв пат се појави кај нас.
Според тоа, тој се смета како еден од основоположниците на модерната
билингвална македонска лексикографија. Работата на речник претполага солидно
познавање на соодветните јазици, а таквото знаење е акумулирано во тек на
цел еден работен век.
Канадскиот лингвист Пјер Скалижер вели: "Најголемите криминалци не
треба да се убиваат; дајте им да работат на речници за да ја искушат
најстрашната мака". Точно таа мака е и причината што до денес немаме
толковен речник на македонскиот јазик. Не поезијата, туку точно овој речник
се смета за "трезорот" и "архива" на нацијата. Затоа лексикографската
активност не треба да се потценува, туку високо да се вреднува.
Сакаме да укажеме дека целата оваа лексикографска активност и продукција
на Петар Атанасов е од огромно значење за Македонистиката. Билингвалните
речници не само што го збогатуваат нашиот јазик, туку преку нив тој се
пробива надвор од нашите граници, се зацврстува неговата позиција во
славистичките и други научни кругови како посебен словенски јазик (наспроти
континуираното негово негирање во некои од тие кругови). Очигледно е дека,
во овие бурни времиња, ние имаме поглема корист од нив одошто Французите,
Италијанците, Шпанците или некои други народи со долга лексикографска
традиција.
4. Петар Атанасов е познавач на поголем број јазици (француски,
италијански, романски, шпански, голем број од словенските јазици) и
дијалекти (аромански, мегленоромански), а доволно ја познава и структурата
на балканските несловенски јазици (грчки и албански). Таквиот лингивистички
багаж (што предложените кандидати не го поседуваат) му овозможи на проф.
Атанасов во последните неколку години да биде поканет да држи предавање од
Балканистика на Ориенталниот институт при Универзитетот во Наполи.
Македонистиката има голема потреба од кадар од ваков профил, зашто не
случајно македонскиот јазик има толку различна структура од преостанатите
словенски јазици. Тие промени се вршени во еден балкански контекст и многу
од нив можат да се објаснат само со познавање на балканската јазична
реалност. Прилозите на П. Атанасов, иако третираат романистичка
проблематика, тие строго се движат во една македонистичка, односно
балканистичка рамка.
5. Имаме сигурни сознанија дека еден од предложените кандидати (Севим
Пиличкова) од страна на Одделението е во блиски роднински врски со академик
Блаже Ристовски. Несомнено, тоа е една од причините што тој кандидат е
избран едногласно (со 4 гласа), зашто според опусот, според учеството на
меѓународни конгреси, според објавените трудови во странство, како и според
цитираноста на кандидатот во странската специјалистичка литература,
кандидатот Пиличкова во никој случај не може да се ривализира со кандидатот
што ние го предложивме. Колку и да е сурова оваа забелешка, таа се темели на
конкретни факти. Доволно е само да се отвори деветтомната германска
енцикопедија ( LRL)
посветена на романските јазици за да се констатира дека Петар Атанасов е
цитиран 36 пати во неа, потоа во романската со ист профил (ELIR),
како и во серија лингвистички списанија во Романија, Италија, Германија и
други земји. Ретко може да се пофали и наш лингвист кој редактирал поглавја
(3) во странски енциклопедии како што е случај со П. Атанасов (во
WEEO, Австрија). Не чуди
како е возможно почитуваните академици Блаже Ристовски и Милан Ѓурчинов
(обајцата нелингвисти) што ја предложиле Севим Пиличкова, навистина сето тоа
да го заобиколат, да го премолчат. Навистина навредливо за проф. Петар
Атанасов и за другите неприфатени кандидати - лингвисти од нашиот Факултет
од стрна на еден отсек во МАНУ што се нарекува и сака да биде Одделение за
лингвистика и литературна наука.
6. Лингвистичката наука не е исто што е и литературната наука по
однос на волуменот на испишаните страници. Во лингвистиката изразот е
скучен, ограничен, нема поетски занес, нема верглање како што често
среќаваме кај литератите. Тука фактите се строги и на мал број страници се
изнесуваат значајни информации. Таков труд е Историја на македонскиот
јазик на доајенот и почитуваниот академик Блаже Конески. Наспроти
сето тоа, кандидатот Петар Атанасов има испишано неколку илјади страници
речнички материјал и во вид на монографии и статии. За неколку
дијалектолошки текстови тој употребил азбука од сто различни букви, па
дневно можел да испише на компјутер едвај страница до страница и половина.
Светот знаеше ова да го цени и да му даде должно признание. Затоа, го молиме
Одделението за лингвистика и литературна наука како и Претседателството на
МАНУ да ги примени вистинските научни критериуми што доликуваат на една
ваква врвна национална институција од што ќе произлезе и правилното
вреднување на опусот на нашиот кандидат, проф. д-р Петар Атанасов што го
предлагаме за редовен член на МАНУ. Се надеваме дека ќе го уважите нашиот
приговор за што однапред ви благодариме.
Ве молиме истиот да го дистрибуирате до сите членови на МАНУ.
Со изрази на високо почитување,
Проф. д-р Живко Цветковски и проф. д-р Зозе Мурговски, предлагачи на
кандидатот проф. д-р Петар Атанасов за редовен член на МАНУ
|