КУЛТУРА

Лилјана Велјанова, директор на Драмски театар во Скопје, за враќањето на публиката кон претставите

СТАРИОТ СЈАЈ НА ТЕАТАРОТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • По деновите на театарот кои минаа под мотото "Во вистинскиот театар е поубаво" ја намаливме неговата цена, особено нагласено за средношколската и студентската младина, со што се приклучуваме кон општествената акција за подобра иднина на младите и отворивме можност за поголема посетеност на театарските претстави.
  • Неопходно потребно е брзо да се преземат градежните работи во гардеробите и сите помошни простории во театарот со што би се подобриле условите за работа. Многу пати се покажа дека вработените го изгубија здравјето во овој објект.

Познатиот Драмски театар во кој се одиграни голем број премиери во последниов период како повторно да заживува. Со неодамнешната иницијатива на вработените на чело со нивната директорка Лилјана Велјанова десет дена река луѓе имаа можност да погледнат претстави и тоа без да дадат ниту денар за билет. Иако некои јавни гласила негативно-критички расположени, поголемиот број ја поддржаа и ја поздравија иницијативата. По ова следуваше и намалување на цената на билетите што наиде на одобрување од љубителите на живата уметност.

Но, и покрај овие позитивни обиди на Театарот, сепак тој се соочува и со бројни проблеми меѓу кои најбитен е објектот кој сега се наоѓа во навистина руинирана состојба. Меѓутоа, за директорката Велјанова постои можност и овој проблем да се реши, доколку за него се заземат повеќе одговорни институции.

СЛОБОДЕН ВЛЕЗ

Идејата за слободен влез во театарот не е ништо ново, барем за Драмски театар. Тоа се случувало и порано. Идејата беше едногласно прифатена од Уметничкиот совет на Градски театар и се покажа дека бевме во право, вели директорката Велјанова. Ако се успее во иднина бесплатниот влез да се повторува во истиот период во месец март, кога театарските уметници го прославуваат Светскиот ден на театарот и кога во нашиот град веќе традиционално се случуваат СКОМРАХИ, тоа ќе може да се смета за своевидно празнување во чест на божицата Талија. Одѕивот беше неверојатно добар. По објавувањето за слободен влез имаше голема побарувачка на билети. Тоа никој не можеше да го претпостави. Големиот интерес на публиката е доказ дека нашите сограѓани го сакаат театарот. Не можевме да поверуваме дека за три-четири дена на билетарницата снема речиси 3.500 билети. Но, тоа навистина се случи. Беше присутна одлична публика, за нас нова, која очигледно немала можност да дојде во театар. Единствено нешто за кое жалам е тоа што сметам дека се оштетени оние граѓани кои не успеаја да добијат билети, меѓутоа во следна прилика кога повторно ќе се случуваат такви денови во Драмски театар ќе се обидеме да го регулираме на друг начин.

Причината за тоа што публиката помалку оди во театар, според директорката Велјанова, лежи и во цената на билетите, иако таа ни изгледа мала, симболична.

Во услови на вака низок стандард и социјални тензии нормално дека духовните потреби се ставаат во заден план, објаснува директорката Велјанова. Затоа треба да се согледаат општествените прилики во земјата и да се има слух за времето во кое живееме. Оваа акција за враќање на публиката се случи само како резултат од потребата задоволството од театарскиот чин да го споделиме со постојана публика. Намалувањето на цените на билетите е, исто така, само последица на размислувањето дека една од причините за тоа што публиката помасовно не го посетува театарот е и чинењето на билетот. Затоа по деновите на театарот кои минаа под мотото "Во вистинскиот театар е поубаво" ја намаливме неговата цена, особено нагласено за средношколската и студентската младина, со што се приклучуваме кон општествената акција за подобра иднина на младите и отворивме можност за поголема посетеност на театарските претстави.

Реакцијата од граѓаните кои не успеале да добијат билети беше очекувана. Како и директорката, така и вработените биле подготвени за неа. Очекувано беше и да се појават тенденциозни, злонамерни коментари, без никаква основа, паушални.

Не знам од кои причини, но тоа се случи, додава директорката Велјанова. Мислам дека тие луѓе не ги познаваат, или што е уште полошо, не сакаат да ги согледаат состојбите во културата и театарот воопшто и дека не се компетентни да даваат оценки. Од друга страна, како реагираа актерите не можам да тврдам докрај, меѓутоа мислам дека 90 отсто од нив ја поддржаа оваа акција.

ПРОБЛЕМИ

Бидејќи театарот се наоѓа во многу лоша состојба, потребна е реконструкција на објектот. Тоа не зависи од вработените во него, туку зависи од градот, општината и доколку тие излезат во пресрет, би можело да се каже дека ќе имаме театар.

Објектот е всушност монтажна барака која не е реновирана откако постои, безмалку 40 години, освен покривната конструкција и мал дел од фоајето, објаснува директорката Велјанова. Неопходно потребно е брзо да се преземат градежните работи во гардеробите и сите помошни простории во театарот со што би се подобриле условите за работа. Многу пати се покажа дека вработените го изгубија здравјето во овој објект. Состојбата на објектот не е само наш проблем, туку е проблем кој треба да се разгледува на повисоки инстанци. Треба и Владата да одлучи каков третман ќе заземе воопшто кога станува збор за театрите во Македонија. Сметам дека не е потребно да убедуваме некого и да молиме спонзори за нешто што е потребно за целата држава. Мислам дека е крајно време да се согледа објективно лошата состојба на многу од објектите во кои работат театарските уметници во Македонија, а не само на Драмски и да се преземат потребните мерки за нивна санација.

Не ретка е сликата да видиме некои од нашите познати актери како се занимаваат и со сосем друга професија. На ова директорката Велјанова вели дека за секој актер има работа.

Но, одлуката на одредени актери да се занимаваат и со приватен бизнис е нивно право, вели директорката Велјанова. Надвор од нивното работно време тие се слободни да се занимаваат со која било друга работа. А за тоа дали има превработеност во Драмскиот театар, не можам да кажам затоа што има период кога се покажа дека се потребни многу актери од другите театри.

РЕПЕРТОАР

Со доаѓањето на Лилјана Велјанова како директор на театарот, репертоарот не претрпел некои посебни промени. На репертоарот се оние претстави кои и досега се играа во Драмски театар.

Не сум за тоа тие брзо да се сменуваат и да останат како неизиграни претстави. Секоја претстава треба одреден период да "поживее" на репертоарот на театарот за да се помине неопходната проверка од страна на публиката која всушност посредно одлужува дали таа треба да продолжи да се прикажува, додава директорката Велјанова. Дополнување на репертоарот има со претстава на исклучително талентираните млади луѓе. Тоа е "Синдром Чернодрински" која на минатогодишниот Фестивал во Прилеп освои осум награди за млад актер. Мене ми беше особено мило што иницијативата потекна токму од моите млади колеги, учесници во споменатата претстава. Имаме уште едно дополнување, тоа е "Пијанистот" - претстава од Васил Зафирчев, од велешкиот Театар. Оваа претстава е од херметички тип и во ниедна средина не може да има премногу публика, но ценејќи го квалитетот и трудот кој е вложен во таа претстава, ни беше чест да се најде на репертоарот.

Постојат одредени планови за гостување надвор од Скопје, во повеќе македонски театри како и во места каде нема професионални театри, па претставите ќе се одржуваат во културните домови.

Со особено задоволство ќе гостуваме во повеќе градови во Македонија, вели директорката Велјанова. Веќе гостувавме во Прилеп и Битола, а договорено е и гостувањето во Штип и Струмица. А што се однесува до патувањата надвор од Македонија, засега ги финализираме договорите со театарот "Ателје 212" во Белград со претставите "Брачна игра" и "Поблиску", а во план е гостување во Варна во Бугарија, на Меѓународниот театарски фестивал "Варненско лето" со претсавата "Диво месо", потоа следува Скопско лето, Охридски лето.

Неодамна во театарот имаше промоција на книгата "Тунел" од Петре М. Андреевски. Директорката Влејанова вели дека и понатаму ќе се продолжи со ваков вид на промоции затоа што тоа им се допаѓа на луѓето.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"