а време на одржувањето на
Саемот на книгата во Скопје беше промовирано најновото дело на м-р Виолета
Мартиновска со наслов "Книжевен континуитет" во издание на "Феникс".
Промотори на делото беа познатата поетеса Светлана Христова - Јоциќ и д-р
Васил Тоциновски. М-р Мартиновска досега објавила над 210 критики, студии,
прилози, есеи, раскази, а промовираната книга која ја има подготвувано
три-четири години претставува строг избор на нејзини текстови. Вработена е
во Народната и Универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" како
медијавелист во Старословенската збирка и Збирка за ретки, старопечатени и
специфични книги.
МС: "Книжевен континуитет" е Ваше најново дело. За каква книга станува
збор?
МАРТИНОВСКА: Книгата "Книжевен континуитет" содржи критики и есеи за
домашни и светски литерати кои го предизвикале моето љубопитство. Таа е
резултат на неколкугодишно интензивно книжевно-критичарско проследување на
современите домашни и светски книжевно-продукциски текови. Се надевам дека
со моите текстови барем малку сум успеала да продрам во есенцијата на
подзатскриените јатки на книжевните разнообразни дискурси и да ја потенцирам
или девалоризирам нивната важност. Лакуните секогаш се предизвик за
книжевниот критичар, но и за вистинските љубопитни и внимателни читатели.
Книгата е поделена во повеќе раздели кои ги потенцираат аплицираните
тематики: Народно творештво, Средновековен период, Поезија, Проза,
Книжевност за деца и млади, Книжевна теорија, Критика и есеј, Записи и
погледи. Од многубројните создадени книжевни студии, критики и есеи направив
избор кој е понуден во книгата. Секогаш е неопходно да се имаат предвид
критериумите при оценувањето на нештата и притоа да не се прави компромис со
нив. Секој компромис е обезличување на себеси, духовна беда со несогледливи
личносни порази. Но, секој е одговорен за своите постапки. Нели?
МС: Која беше Вашата основна идеја кога работевте на оваа книга и, со
оглед на одделни негативни рецензии за наши познати критичари, писатели и
историчари на литературата, дали до сега имавте притисоци од каков било вид?
МАРТИНОВСКА: Особено ми е драго што, сепак, биле забележани малку
поинакви и непрофанизирани критички видувања за наши еминентни творци во
литературата. Книжевната критика има свое неприкосновено место кое никој не
може да & го одземе. Критичарот треба да биде ослободен од лични афинитети,
субјективност, пристрасност и површност во своите судови. Треба да говори за
книжевното дело и се она што е во врска со него. Но, за многу голема жал,
актуелната современост нуди технологија на зборови, празнословие без
онтолошка тежина, бледа и проѕирна пофалбеност. Доблест е да се кажат
негативностите, но истовремено да се истакнат и успешните аспекти во делото.
Не се плашам дека ќе стекнам многу непријатели поради моите "негативни"
критики, бидејќи одамна сум решила дека Вистината е единствен некомпромисен
критериум и во творештвото и во животот. Само на тој начин можат да се
потврдат сите (не)вистински релации. Притисоци немав, бидејќи имав априорни
ригорозни договори со себеси. Среќна сум што слободно ги соопштував своите
книжевни понирања и размисли.
МС: Покрај ова, неодамна објавивте и роман за деца. Дали тоа значи дека
Вашиот интерес е само литературата за деца или во иднина треба да очекуваме
и нешто сосема друго на полето на литературата?
МАРТИНОВСКА: Романот за деца и млади "Умните измислувачи" (Детска
радост, 2002) предизвикува интерес и кај младите читатели, но и кај
возрасните. Тој е едно топло, искрено и доживеано навраќање во моето скопско
маџармаалско детство со сите свои специфичности, играрии и лудории. Но, има
и нешто необично, несекојдневно во романот. Тоа нема да го откривам.
Останува сами да го почувствувате и да го пронајдете во него. Фактот што по
неговото објавување добивам писма од млади читатели и родители од цела
Македонија ме обврзува кон овој исклучително тежок вид творештво. Децата
едноставно знаат се. Или го читаат делото или не го читаат. Или им се допаѓа
или не им се допаѓа. Последното писмо кое го добив ми го испраќа Љубица
Кацарска од Кочани, ученичка во петто одделение и во него вели: "На крајот
кога ја читав последната страница од романот ми беше многу тешко, зашто
посакував тој да продолжи уште малку, па уште малку, па пак уште малку...".
Откако го завршив романот сфатив дека сум создала споменик на едно
маалско живеење коешто за жал, во оваа урбана и супер модерна
технологизација, бавно исчезнува. Децата пред време стануваат возрасни. А
кога ќе станат возрасни, сакаат да бидат деца. Убедена сум дека деството е
фундаментот на секоја човекова личност и од него еманираат и се црпат
животните енергии. Жал ми е за луѓето без доживеано детство.
И покрај моите повеќестрани интереси, мислам дека ќе останам лојална кон
овој вид литература. Тоа е лична неопходност која ме облагородува. Се
надевам, ќе има нови изненадувања на овој план.
МС: Магистриравте на Свети Наум Охридски. Според Вашите согледби, колку
средновековната книжевност се пресликува во нашата современа литература?
МАРТИНОВСКА: Свети Наум Охридски е недоволно разработен во
медијавелистиката. Тоа беше предизвик да го проучувам неговото оригинално
книжевно творештво. Малку е познат фактот дека тој бил оригинален
средновековен поет, автор на мошне сложен книжевен вид, канон. Со
откривањето на неговото засведочено книжевно авторство македонскиот поетски
пиедестал добива уште еден исклучително талентиран средновековен поет -
химнограф. Во овој контекст ја откривам и подадената рака на мојот ментор
д-р Добрила Миловска која успеваше да ги задоволи моите разновидни прашања
со исклучителна трпеливост, професионализам и поттик без кој овој труд би
бил сувопарен.
Средновековната литература е постојано актуелна за креативните творечки
енергии. Нејзината актуелност никогаш не престанала. Сосема е погрешна
тезата на нашите бистроумни историчари и проследувачи на книжевните периоди
дека таа е "мрачна и темна". Сјајот на оваа литература е незгаслив, а
нејзиниот погрешен и несоодветен епитет "мрачна" е поради ноторно
непознавање на оние кои така ја нарекуваат. За да се има став, треба да се
познаваат нештата, па потоа да се суди за нив. Априорни, непроверени нешта
во науката се личен пораз и непрогресирање. Брилијантните средновековни
творци ги "чекаат" вредните раце на медијавелистите за нивна презентација и
достапност на јавноста. Раскошните четиринаесетти и петнаесетти век
трогнуваат со книжевници, ракописи, книжевни центри, скрипториуми,
фрескоживопис. Нашета старомакедонска ризница е благородна, светлообразна и
високо достоинствена. Овие нејзини сушности се трајни. Современите творци
постојано се навраќаат кон средновековните извори и воопшто кон
христијанската традиција, култура и бит. Свежите "Псалми" на Михаил Ренџов и
"Света песна" на Анте Поповски тоа беспрекорно го потврдуваат. Не само
библиските текстови, туку и житијата, апокрифите, легендите, преданијата и
чудата се постојан интерес на современата македонска литература.
Архетиповите во колективната свест се неизбришливи.
МС: Матош зборуваше за "метла" во хрватската литература во негово време.
Колку на македонската литература од наше време & е потребна "метла"?
МАРТИНОВСКА: Во современи услови на брза можност на книжевна
продукција се печатат многу наслови и премногу изданија. Времето е мудра
категорија која ги потврдува вистинските творци. Ефемерните, инстант-творци
(членови на писателски асоцијации) брзо ќе бидат маргинализирани, без оглед
на бројот на нивните дела. Ако квантитетот на нештата не е проследен и
заменет со квалитет, тогаш се е јасно. Принципот на селективност е природен
принцип. Матош само експлицитно го потенцира својот став. Секогаш постоеле
многу Матошевци кои жестоко се бореле против медиокритетството и лажните
вредности. Оттука, и нашата актуелна македонска литература не е исклучок.
Потребно е само трпеливо време за метлата да си ја заврши својата работа.
Мртвите книжевни дела со напластени прашини никому не му служат. Освен на
библиографиите.
МС: Местото на македонската литерура во светски рамки?
МАРТИНОВСКА: Македонската литература има свое место во светските
текови. Тоа е процес на сопствено издигнување, но и на сопствени вредности.
Го следиме текот на светските книжевни струења и истите не ни се туѓи и
далечни. Тоа е факт кој треба да не радува. Како што треба да не радува
соспствениот препознатлив код пред светот по кој ќе не распознаваат.
Ксеноманијата е модерен и актуелен принцип на живеење кај помладите, но таа
во себе крие многу опасности од самонепрепознавање, губење на сопствените
кодови и обезличување. Срамот од себеси е најпоразителниот конфликт. Не
верувам дека подзатскривањето со туѓи, нелични својства и особини ќе ја
покрие сопствената голотија. Еднаш ќе дувне силен ветер кој повторно ќе не
разголи. Што потоа?
МС: Верувате ли во награди?
МАРТИНОВСКА: Не. Категорично - не. Не верувам во: награди од "стручни"
жирија, татковско - синовски писателски бизнис традиции, брилијантни
писателски дебитантски откровенија, славопофалбени реторики, случајности.
Верувам во: чисти, позитивни енергии, пријателства над 15 години, претешка
тежина на словото, спокојство кое постојано го посакувам, непогрешливи
родителски совети, подзатскриени духовни убавини.