Заборавена куќата на Смилевскиот конгрес
Куќата во демирхисарското село Смилево, која се урна минатата недела, а
каде што пред сто години се одржал Смилевскиот конгрес, на кој се вршени
последните подготовки за Илинденското востание, воопшто не била регистрирана
како значаен објект. Дваесетина дена пред одбележувањето на сто години од
Конгресот, надлежните креваат раменици, затечени од тоа што се случи со
куќата во која заседаваа големите македонски војводи.
Јован во Бугарија препродавал возила
Финансиската комисија на Светиот архиерејски синод на МПЦ открила
документи со кои се потврдува дека моторните возила џип "нисан" и "голф"
биле сопственост на Повардариската епархија, а не на Јован кој како негови
веќе ги продал во Бугарија. Во касата биле пронајдени и 200 илјади денари во
готовина.
Канцеларија на МВР во Танушевци
Во Танушевци се отвори посебна канцеларија каде локалните жители ќе можат
да доставуваат документи за упис во матичната книга и за лична карта и
државјанство. Со тоа е прекинат ултиматумот со граѓанска непослушност што
минатата недела го најавија жителите на Танушевци, Малина Маала и Брест.
Албанците не плаќаат струја
Електростопанство на Македонија ќе започне со исклучување на мрежата на
сите потрошувачи што не ги платиле своите долгови за потрошена електрична
енергија. Меѓу селата во кои наплатата е многу мала се: Голема Речица,
Јеловјане, Липково, Слупчане, Опае, Арачиново, Горно Свиларе Патишка Река.
Од ЕСМ велат дека постојат села што воопшто не плаќаат за потрошената
електрична енергија, како што се Танушевци, Малино, Брест и Драчевица.
Поворка до Милениумскиот крст
На Велипеток спроти Велигден, Скопската епархија при МПЦ заедно со
фондацијата "Милениумски крст" ќе организира процесија на Водно под името "По
патеките Христови". Свеченоста е замислена на тој начин што поворка од голем
број црковни лица и граѓани ќе пешачат до средно Водно до крстот и
симболично ќе го отсликаат настанот кога Исус го носел крстот до Голгота.
Трибина за древно-македонската писменост
Во организација на "Антички Македонци" со седиште во Богданци, во Домот
на културата во Битола, на 12 април се одржа трибина на тема "Древно-македонската
култура, писменост, јазик и архитектура". На трибината зборуваа инж.арх.
Васил Иљов и инж.арх. Вангел Божиновски.
Хуманитарна помош за протераните Македонци
Во присуство на претставници од речиси сите македонски организации од
Сиднеј, членовите на Македонското движење за обединување и гостите во една
вечер ја завршија отпочнатата акција за собирање брашно и ориз за
протераните Македонци од своите огништа пред албанскиот тероризам. Осумте
тони брашно и ориз ќе бидат испратени од Австралија на 20 април, од страна
на Australian Macedonian Community Relief Fund Inc. од Мелбурн, а во
Македонија помошта ќе ја подели хуманитарната организација "Ѓаконија".
Пронајдени сликите на Коџоман
Охридските полицајци нашле четири уметнички слики на Вангел Коџоман во
вилата "Света Софија" во Охрид, сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, за кои претходно
имале пријава дека исчезнале од канцеларијата на поранешниот директор на ЕСМ,
Ламбе Арнаудов. Според полицијата, претресот бил извршен по наредба на
охридскиот Основен суд. Партијата очекува министерот Хари Костов да издаде
налог за упад и претрес на просториите на МПЦ.
Урната куќа на Македонец од Тетово
Во Тетово присилно беше срушена семејната куќа на Васовски, стара околу
70 години, а лоцирана во строгиот центар на градот. Божидар Васовски,
сопственик на куќата, вели дека немало судско, управно, ниту извршно решение
за рушење, а секретарот на Советот на Општина Тетово коментира дека врз
основа на извршна одлука на Врховниот суд донесена во 1999 година е одлучено
спорниот објект да се урне поради јавен интерес.
Поскап домашен импулс
Македонски телекомуникации ќе извршат ребалансирање на цените на
телефонските услуги, што во практика значи зголемување на оние во домашниот,
а намалување во меѓународниот.
Коста Трпковски, директор на Управата, информира дека треба да се одржи
првиот состанок кога подетално ќе бидат запознати со целите на формирањето
на работните групи и нивните обврски.
Започна празникот на книгата
Под слоганот "И јас подарив книга" започна петнаесеттиот Саем на книгата
кој ќе трае до 20 април. Повеќе од 150 книгоиздателства од земјава и од
странство (Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Англија и Албанија) на 3.000
квадратни метри ќе ги претставуваат најновите книжевни изданија.
|