За значењето на овој саем зборува фактот дека тој е еден од трите
најголеми саеми во Европа, што се потврдува и со бројот на домашните и
странски излагачи, кој е во постојан пораст. Фактот дека СР Германија е еден
од поголемите увозници на македонското вино, укажува на потребата за
континуиран настап на овој саем со максимална поддршка од страна на
Министерството за економија и Министерството за земјоделие, шумарство и
водостопанство, со цел да се зголеми имиџот на оваа индустриска гранка, а
истовремено и конкурентноста на нашето флаширано вино на светските пазари.
ПРОИЗВОДСТВО
Македонија располага со 30.000 хектари насади на грозје. Оствареното
производство на вино заклучно со месец декември 2002 година бележи
намалување за 53,8 отсто во однос на 2001 година. Ова намалување е резултат
на ниските зимски температури комбинирани со пролетните врнежи од град и
слана кои оштетија околу 80 отсто од лозовите насади во Република Македонија.
Оштетувањата поединечно изнесуваат од 30 до 100 отсто, така што некои лозови
насади се толку оштетени што од нив не се набра ни килограм грозје. Вкупните
штети се проценуваат на околу 19 милиони евра и тоа само како директна штета
од изгубениот род, помалку преработено грозје и помалку реализирано вино. За
санирање на последиците во лозовите насади ќе биде потребен период од
најмалку 3 - 5 години.
Дали и колку е исплатливо винарството
?
Најголем пласман македонското вино има на пазарите во Германија,
Југославија, Хрватска, Чешка итн. Заклучно со месец декември 2002 година се
извезени 71.766 тони со вкупна вредност од 26,16 милиони долари. Споредено
со 2001 година, извозот количински е помал за 9,4 отсто, а вредносно за 3,6
отсто.
КВОТИ
Дополнителниот протокол за вино и алкохолни пијалаци потпишан меѓу ЕЗ и
Република Македонија ја регулира трговијата со вино и алкохолни пијалаци. Со
него се воспоставени квоти за увоз во Европската заедница и тоа за наливното
вино 285.000 хектолитри (2002 година) при што секоја наредна година се
намалува за 6.000 хл (годишно), што е во интерес на флашираното вино каде
квотата изнесува 15.000 хл. и годишно се зголемува за 6.000 хл.
Атрактивната амбалажа предуслов за европскиот пазар
Важно е да се истакне дека царинските давачки во рамките на квотите
изнесуваат 0 отсто и дека виното не треба да биде субвенционирано. Увозот на
ЕЗ во РМ за флаширано вино изнесува 3.000 хл. и годишно се зголемува за 300
хл. Исто така, се напоменува дека и увозот на вино од ЕУ не треба да биде
субвенциониран. По 2005 година ќе се разгледаат можностите за дополнително
доделување на концесии помеѓу договорените страни.
ПРОМОЦИЈА
Нашето вино не е доволно промовирано на пазарите ширум светот,
забележуваат дел од сопствениците на винарски визби.
Виното има значајна стапка во извозот на Македонија и затоа вреди да се
вложи труд и пари, сметаат винарите. Нивното барање за помош од Владата го
објаснуваат со фактот дека промоцијата е скапа работа.
Имаме многу вложено, се придржуваме до европските стандарди, обновена е и
технологијата, но непознати сме како Македонија за да можеме да продадеме,
сметаат сопствениците на дел од винарските визби.
Во земјите од Европската унија годишно без царина дозволено е да се
извезува 15 тони флаширано вино.
Иако станува збор за релативно мала количина, сепак македонските винари
не можат да ја искористат целосно. Причината, според нив, е и во цената.
Треба да имате ниски цени и висок квалитет за да можете да произведувате,
но што останува за нас, коментираат винарите, додавајќи дека практично
производството на вино станува неисплатливо.
Винарите, исто така, имаат забелешка дека во случај на лоши временски
услови тие имаат несогледливи штети и последици, а освен тоа не постои и
осигурување за таков вид оштетување.
Македонското вино нема имиџ, иако има квалитет, со жалење
констатираат сопствениците на винарски визби, додавајќи дека Македонија не
може да извезе ни литар вино, доколку не ги исполнува светските параметри.