ПОЛИТИКА

Обиди за македонско обединување на Балканот

ЗАЕДНИЦА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Со оваа Конференција почнува заокружувањето на процесот на македонското помирување и обединување на Балканот. Учесниците на Конференцијата утврдија Резолуција за формирање на Заедница на Македонците во Бугарија како работна заедница за меѓусебна размена на информации, соработка и координација меѓу македонските организации во Република Бугарија.
  • Македонците во Бугарија на Конференцијата одржана во Ново Село утврдија и Резолуција за унапредување на нивната положба и правата во Бугарија.

Во струмичко Ново Село на 5 април оваа година се одржа Прва национална конференција на Македонците во Република Бугарија на која присуствуваа претставници на повеќе македонски организации од Република Бугарија и пошироко. Меѓу позначајните предвидени активности на Конференцијата се: Формирање и регистрација на македонски културно-информативни центри во поголемите населени места во Република Бугарија каде што живеат Македонци: Софија, Благоевград, Петрич, Гоце Делчев, Кочан и други; Формирање и регистрација на Заедница на Македонците во Бугарија; Формирање и регистрација на македонски православни црковни општини во сите населени места каде шо живеат православни Македонци и Македонска православна епархија за Бугарија под јурисдикција на Македонската православна црква; формирање и регистрација на македонски друштва во сите населени места каде што живеат Македонци од исламска вероисповед во Република Бугарија и соработка со Сојузот (Заедницата) на Македонците со исламска религија во Република Македонија.

Меѓу активностите на Конференцијата се и преземање мерки за учество на Македонците на локалните, парламентарните и претседателските избори во Република Бугарија, а исто така и одржување на Втора национална конференција на Македонците во Република Бугарија. Учесниците на Конференцијата се подготвуваат и за одбележување на значајни датуми од македонската историја.

РЕЗОЛУЦИИ

Учесниците на Конференцијата утврдија Резолуција за формирање на Заедница на Македонците во Бугарија, како работна заедница за меѓусебна размена на информации, соработка и координација меѓу македонските организации во Република Бугарија. Нејзиното седиште е предвидено да биде во Благоевград. Основни цели на Заедницата се заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски историски и државен идентитет, континуитет, наследство, простор и ентитет; Заштита и афирмација на човековите и граѓанските права и слободи; Развој на демократијата итн. Заедницата презема мерки за формирање и регистрација на македонски културно-информативни центри во населените места во Република Бугарија каде што живеат Македонци; Презема мерки за решавање на прашањето на образование на македонски јазик за Македонците во Бугарија; Заеднички ги претставува интересите на Македонците пред институциите на власта на Република Бугарија и пред меѓународните органи, организации и заедници. Тела на Заедницата се Собрание и Претседател, а Заедницата има грб и знаме.

Учесниците на Првата национална конференција на Македонците во Република Бугарија, одржана во Ново Село, утврдија и Резолуција за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Бугарија. Меѓу позначајните активности предвидени во оваа Резолуција се: преземање мерки за заштита и спречување од уништување на македонското културно-историско наследство и споменците на културата на македонскиот народ во Бугарија; Формирање културна автономија на Македонците во Република Бугарија, посебно во делот на Пиринска Македонија; Организирање на попис на населението со меѓународен мониторинг и остварување на право во пописните листи да се стави и графата за етничката припадност, а во таа смисла, покрај другите, да биде и графата со етноминот Македонец; Помош од буџетите на Република Бугарија и Република Македонија за организирање на културни манифестации на Македонците во Бугарија; Избор на Македонци - пратеници во Парламентот на Република Бугарија; Право на слободно користење на македонските национални симболи на сите прослави, празници, спортски натпревари, манифестации и одбележувања; Право на враќање на одземените имоти во Република Бугарија и Република Грција во владение, сопственост и наследство на Македонците и право на праведен надомест на претрпена штета, односно изгубена добивка; Право на образование на македонски јазик во основното, средното и високото образование и создавање услови за остварување на тоа право; Отворање на основни училишта на македонски јазик во сите населени места во Република Бугарија каде што живеат Македонци; Итно изготвување на учебници за македонски јазик, историја, географија; Обезбедување програми на македонски јазик во државната радиотелевизија и на локалните државни телевизиски и радио-станици, отворање на локална радио-станица на македонски јазик во Благоевград итн.

Македонците на Конференција утврдија Резолуција за пописот на населението во Република Бугарија во која тие велат дека не ги прифаќаат пописните резултати за бројот на Македонците во Република Бугарија и бараат од меѓународната заедница, ООН, Советот на Европа, ОБСЕ и ЕУ да ја принудат Република Бугарија да организира попис со меѓународен мониторинг.

Во утврдената Резолуција за името на Македонија се вели дека Македонците во Република Бугарија нема никогаш да прифатат промена, додавки, придавки или повеќекратна употреба на името и целосно ја отфрлаат референцата ПЈРМ. Исто така, тие не ги прифаќаат разговорите за двојно или какво и да е друго име за Македонската православна црква.

На Конференцијата беше усвоена и Резолуција за политичко-безбедносната состојба во РМ и на Балканот. Во неа беше изразена загриженост за развојот на настаните и нарушувањето на безбедноста во Косово и Република Македонија, потоа целосно се отфрлаат сите облици на насилство, екстремизам и тероризам заради постигнување на политички цели. Од НАТО и од КФОР бараат да ја обезбедат границата меѓу Македонија и Србија во делот на Косово и да го спречат прелевањето на албанските вооружени групи од Косово во Македонија и да ги преземат сите мерки за нивно неутрализирање.

Македонците на Конференцијата изразија незадоволство од работата на македонскиот амбасадор во Бугарија во поглед на заштитата на положбата и правата на Македонците и побараа од Министерството за надворешни работи на РМ да преземе соодветни мерки во врска со овој проблем. Учесниците на Првата национална конференција на Македонците во Република Бугарија, односно пратениците на членките на Заедницата на Македонците во Бугарија на Првото заседание на собранието на Заедницата на Македонците во Бугарија, утврдија програма за одбележување на значајни датуми, настани и личности од македонското културно и историско наследство: 4 февруари - раѓањето на Гоце Делчев, 22 април - убиството на Јане Сандански на Роженскиот манастир, 4 мај - убиството на Гоце Делчев, 12 септември - Ден на геноцидот во пиринскиот дел на Македонија, 2 август - Ден на македонската државност, 10 август - Ден на македонското помирување и обединување.

ПРАВА

Со оваа Конференција се заокружува процесот на македонското помирување и обединување на Балканот. Имено, на 4 август 2001 година во Скопје одржана е Првата балканска конференција за положбата и правата на Македонците, а на 23 декември 2002 година во Скопје е одржана Втората балканска конференција за положбата и правата на Македонците на која учествувале рекордни 100 пратеници од 60 македонски организации од шест балкански држави. На 28, 29 и 30 април 2001 година во Охрид е одржана Прва национална конференција на Македонците во Република Албанија, врз основа на што на 24 март 2002 година во Тирана е формирана Заедницата на Македонците во Албанија во која се обединија сите македонски организации во Албанија. На 17, 18 и 19 јуни 2002 година во Охрид одржана е Конференција за малцинските права во Република Албанија, со претставници на Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Ромите и Египтјаните.

На 24 и 25 август 2002 година во Скопје одржана е Прва балканска конференција на Македонците со исламска религија, на која присуствуваа Македонци со исламска вероисповед од Турција, Бугарија, Грција, Македонија, Албанија и Србија (Косово). На 28 март 2003 година извршено е обединување на Студентското друштво на Македонците од Албанија и Студентското друштво на Македонците од Република Бугарија "Пирин" во единствено Студентско друштво на Македонците од соседните земји на Република Македонија. Наскоро се очекува да се одржи Прва национална конференција на Македонците во Србија и Црна Гора на која треба да се формира Заедница на Македонците во Србија и Црна Гора и Прва национална конференција на Македонците во Република Турција на која треба да се формира Заедница на Македонците во Турција. Со тоа, заедници на Македонците ќе бидат формирани во Албанија, Бугарија, Србија и Црна Гора и Турција.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"