ИНТЕРВЈУ

Каролина Ристова - Астеруд, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ВО ПАРЛАМЕНТОТ СЕ СООЧУВАМЕ СО МАЖОКРАТИЈА

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Незастапеноста на жените во институција која треба да ги застапува интересите и вредностите на сите граѓани, која треба да биде симбол на народот како власт, како суверен, е деформација на демократијата. Според мене, ако во Парламентот нема 50 отсто жени, тогаш не станува збор за демократија, туку за мажократија.
  • Единствен проблем и хендикеп на жените е нивната преоптовареност, што веќе ја спомнав, и прашање е колку жената, на индивидуално ниво, е способна и подготвена да издржи. За жал, за да бидат активни во политиката, од жените се бараат многу поголеми жртви во однос на мажите.

МС: Госпоѓо Ристова - Астеруд, што сте по професија и кога активно се вклучивте во политичкиот живот?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Јас сум асистент на Правниот факултет во Скопје. По образование сум дипломиран правник и магистар по меѓународно и компаративно право (Универзитет Џорџтаун, САД), а сега полека ги привршувам и магистерските студии од областа на правно-политичките науки на нашиот Правен факултет. Нив ги започнав пред да магистрирам во САД и штета е да останат незавршени. Што се однесува до политиката, јас активно се вклучив уште во 1992 година (на 21-22 години), значи кога уште бев студентка. Тоа се совпаѓаше со самите зачетоци на формирањето на подмладокот на СДСМ, па така активно бев вклучена во овој процес. Потоа следеше ангажман во партиските органи, па ангажман во сите претходни избори, па кандидатури за избори: за советник во К. Вода (во 1996), избор во член на Советот на Град Скопје (2000) и, еве сега, со изборите 2002, избор за пратеник.

МС: Дали е лесно да си жена политичар во светот на мажите имајќи предвид дека непишаното правило вели дека политиката е свет резервиран само за мажите?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Искрено да Ви кажам, јас лично не сум почувствувала проблеми затоа што сум жена. Бидејќи сум "израсната" во партијата, јас повеќе сум имала и имам проблеми со возраста, младоста..... кога младоста ми ја употребувале како аргумент по некое прашање во смисла "млада си, ќе видиш", "слушај постари" и сл. - многу често од лица кои се "помлади" од мене по партиски стаж и политичко искуство.... Но, мојот пример не е типичен. Општо земено, сметам дека е тешко да се биде жена-политичар во Македонија, бидејќи колку и да работат жените во политиката, во директна конкуренција со мажите, дискретно, па дури и несвесно, им се дава предност на мажите. Плус, жените кај нас, во патријархалната поделба на трудот, го одработуваат лавовскиот дел на домашните работи и грижата околу децата, и ако уште се вклучени во политика, тешко ним...

МС: Колку се жените способни да бидат активирани во политиката?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Ако гледаме од аспект на образование, искуство, интелектуални способности, жените се рамо до рамо со мажите, тоа е јасно... Единствен проблем и хендикеп на жените е нивната преоптовареност, што веќе ја спомнав, и прашање е колку жената, на индивидуално ниво, е способна и подготвена да издржи. За жал, за да бидат активни во политиката, од жените се бараат многу поголеми жртви во однос на мажите.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Сосема коректна. Единствено ми пречи кога моите машки колеги пратеници се обраќаат до Парламентот со изразот "Господа пратеници". Јас не можам да се идентификувам со тој израз и имам чувство како да не ни се обраќаат нам жените во Парламентот.

МС: Покрај сите обврски, градењето кариера, каде тука се вклопува Вашето семејство? Колку време имате за приватниот живот?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Време за приватен живот имам само на државни празници, евентуално да украдам некоја сабота или недела.... Семејството ми е нетипично. Мојот сопруг, со оглед на својата работа, е постојано отсутен и е во некоја друга земја, и секој период кога е тука гледаме како семејството квалитетно да го искористиме.

МС: Како е да се биде мајка - парламентарка и дали парламентарките имаат доволно време за да се посветат на своите деца?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Верувам дека секоја мајка на мало дете прво ќе се пожали на ненаспаност. Но, верувајте, за политичарките тоа важи двапати повеќе. Јас дневно спијам едвај пет часа. Единствено преку викенд ако украдам некој час повеќе кога моите родители ќе го земат син ми кај нив. Јас гледам да издвојам што е можно повеќе време за син ми, иако, морам да признам, многу е тешко да се вратите дома од напорен и тежок ден и квалитетно да си играте и уживате во ѓаволштините на детето. Некогаш ми е многу тешко заради тоа, но од друга страна се тешам дека ова што го правам во политиката го правам за подобрата иднина на син ми и на сите други мали дечиња во Македонија и се надевам дека син ми еден ден ќе биде горд на мама.

МС: Како Вашето семејство реагира на Вашиот политички ангажман? Што кога седниците или партискиот состанок траат доцна до ноќта?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Тоа во одредени периоди често се случува, но син ми е навикнат и сака да оди и супер си поминува со баба и дедо. Значи, најголемиот товар паѓа врз моите родители. Родителите на мојот сопруг се во САД и не можат да помогнат во ваква ситуација. Кога сопругот е овде, се разбира, тој е со нашиот син, и му е вистинско уживање да си има тато - син моменти. Единствено ни е криво што во такви продолжени денови на работа, губиме како семејство од заедничкото време. Како што кажав, јас израснав во политиката, сопругот таква ме запозна и ние знаевме што не чека и нема никакви недоразбирања.

МС: Дали сметате дека жената од биолошки аспект (поради предодреденоста да се грижи за репродукцијата) е хендикепирана во градењето на својата политичка кариера?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Бременоста и засновањето семејство, особено во наши услови, може да бидат хендикеп за градење на политичка кариера за жените од помладите генерации. Затоа и досега претежно во политиката гледавме жени од постарите генерации кои овие работи веќе ги завршиле. Но, сметам дека партиите веќе треба да се навикнуваат на членки кои во одредени периоди можеби ќе ја намалат или ќе стагнираат во активноста, а на тоа да не се гледа со прекор или да биде уназадување и негирање на сета претходна работа на таквите членки, или пак, отфрлање на идниот потенцијал на тие членки. Друг проблем е колку брачните партнери и поширокото семејство ќе ја поддржуваат жената и натаму да се занимава со политика. Постои голем притисок врз младите жени, откога ќе затруднат, да се откажат од политиката и да им се наметне убедување дека се лоши мајки ако продолжат со политика. Значи, мајчинството може да биде сериозен хендикеп само ако се нема разбирање од средината и семејството. Од друга страна, градењето на политичка кариера треба да биде на подолг рок, па оттука и секоја личност, вклучително и секоја жена, треба да си ги планира фазите во животот. Не треба многу да се брза во политиката, да се заземаат високи позиции премногу млад, бидејќи тогаш политиката ќе почне целосно да ви го контролира животот, може да ви ја одземе шансата за семејство. Од искуство ви кажувам, ова е големо искушение во политиката. Токму заради бременоста и мајчинството, ова важи два пати за жените и тоа е факт на животот! Инаку, моето лично искуство беше позитивно. Бев советник во Советот на Град Скопје кога бев бремена, се породив меѓу две седници, и не пропуштив седница на Советот. Единствено ме копка следното: кога се правеа кандидатските листи за локалните избори 2000 година, ниту јас, ниту во партија знаеја дека сум трудна. Сега ме копка дали партијата ќе ме кандидираше ако се знаеше дека сум трудна? Сепак, јас докажав дека можете да бидете трудна, да имате бебе и тоа да не пречи во вашата политичка работа. Можеби потребни се повеќе вакви примери за да ги рушиме предрасудите и да сфатиме дека со толеранција се може да се постигне и усогласи.

МС: Може ли да се биде успешен и на двете полиња - во кариерата, но и во градење на успешно и здраво семејство?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Јас сум оптимист по ова прашање. Но, потребна е голема амбиција, убедување, енергија, работа, толеранција од средината и љубов и поддршка од семејството. Над се, потребна е добра организација и подготвеност да си ги димензионирате политичките амбиции со потребите на семејството. Некои политички функции се споиви со младо семејство, некои не се и вие сте тие кои одлучувате кога на што ќе се нафатите. Народната мудрост вели: "Се во свое време".

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

РИСТОВА - АСТЕРУД: За жал, многу малку. За разлика од порано, имам многу малку време да пазарувам, да шетам по продавници за да си купувам нова облека. Сакам нова гардероба, кога ќе си купам нешто ново што ми се допаѓа, ми влијае на подобрувањето на расположението. Не одам по козметичари (иако може треба да одам), а едвај наоѓам време за да одам на фризер. Најмногу ми е криво што немам време да спортувам. Порано и повеќе одев пешки, но сега и тоа ми е луксуз. Сакам да симнам некое кило, но тешко ми оди.

МС: Присуството на жените во Парламентот кај нас, но и во светот, да речеме бележи благ подем во споредба со минатото?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Незастапеноста на жените во институција која треба да ги застапува интересите и вредностите на сите граѓани, која треба да биде симбол на народот како власт, како суверен, е деформација на демократијата. Според мене, ако во Парламентот нема 50 отсто жени, тогаш не станува збор за демократија, туку за мажократија. Ваквата состојба треба да се менува и треба упорно и трпеливо да се работи да се сменат работите, да се надминат вековните предрасуди, да се обезбеди подобра организација на општеството за на жените да им се овозможат подеднакви услови со мажите. Ова оди бавно, но не треба да се откажуваме. Жените кои имаат позиции во политиката имаат најголема одговорност во овој поглед.

МС: Порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

РИСТОВА - АСТЕРУД: Сакам да истакнам на крајот дека верувам оти за да бидете политичар треба да зреете, да стекнувате и животно и политичко искуство. Не сум приврзаник на теоријата дека прво треба да се докажете во некоја друга кариера, па потоа да влезете во политиката. Вие можете да бидете супер во друга професија, но да бидете лош политичар. Напротив, сметам дека политиката има некои свои специфичности, свои правила, своја вештина која треба да се совлада. Затоа сметам дека секоја млада жена која сака да се вклучи во политика треба да се вклучи што е можно порано, во политичките подмладоци, и во политиката да се гради како политичка личност. Исто така, кога се носи одлука да се влезе во политика треба да бидете начисто зошто влегувате. Можеби ќе ме сметате за патетична, но јас верувам дека за да ви се "исплати" да бидете во политиката, треба да имате идеали и да бидете голем патриот. Само така цената што ја плаќате од аспект на личниот живот, личниот мир и семејната приватност, е исплатлива на долги стази. Само чувството на самопочитување и вредност дека правите нешто вредно во животот и за својата земја може да ви ги компензира сите тешки моменти и стресови во политиката, сета енергија и време што ги вложувате, сите плукања, понижувања и ниски удари што ги доживувате од колеги, медиумите, па и од гласачите (се разбира, мислам на совесните и чесните политичари). Не верувам дека на луѓето кои влегуваат во политиката од кариеристички причини, заради привилегии и слично, им е полесно. Според моите сфаќања, кога имате погрешни мотиви во политиката, тоа мора да е ужасен живот, ужасно обесчовечување, ужасна празнина.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"