ПОЛИТИКА

Македонската Армија подготвува единици за Заливот

"СКОРПИИ" И "ВОЛЦИ" ВО ПОСТВОЕН ИРАК

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • "Скорпиите" и "Волците" му покажаа на Премиерот дека се подготвени за мисијата во Ирак.
  • Тие демонстрираа активности на совладување на терористи и активности во мировни операции.

Во касарната "Јане Сандански" во Штип, војниците на Првата пешадиска бригада "Скорпии" и Единицата за специјални намени "Волци" поддржани од Военото воздухопловство и Противвоздушната одбрана, презентираа активности во борба против тероризмот и активности од областа на мировните операции.

Касарната "Јане Сандански" во Штип

Концептот на вежбата беше замислен на следниот начин: Според проверени разузнувачки податоци во напуштеното населено место, кое беше претставено со контејнерите на полигонот, е лоцирана терористичка група во чиј состав е еден од организаторите на терористичките акции во поширокиот регион.

Акцијата започна со запоседнување на линијата за поширока блокада на просторот на која се распоредуваат составите при што се обезбедува целосна контрола на комуникациските правци кои водат кон локацијата на групата. Потоа следуваше движење на единиците кон линијата за потесна блокада. Во текот на движето беа прикажани дел од можните ситуации и тоа работа на воено-полициско одделение при заробување на важна личност во текот на нејзино наидување со моторно возило, чистење на ровови и сообраќајници со едно пешадиско одделение и движење на едно пешадиско одделение до остварување на борбен контакт со непријателот.

РОВОВИ

Набљудувачите на вежбата ја проследија постапката на пешадиското одделение во текот на чистење на ровови и сообраќајници. Постапката ја презентираше пешадиското одделение од пешадискиот баталјон. Одделението беше групирано во три групи. За време на движењето беа користени природните и вештачките објекти за заштита и дејство. Во текот на активностите постоеше координирана акција за огнена поддршка на групите. По пристигнувањето на првата група до првиот ров започна чистењето со прострелување и употреба на рачни бомби. Од реката Брегалница кон населеното место започна движење на пешадиското оделение до остварување на борбен контакт со непријателот. Со оглед на тоа дека е можно дејство на непријателот, движењето се врши по групи, во скокови и со користење на сите природни и вештачки објекти за заштита и дејство.

Револтирана толпа

Заробување на важна личност

Беше проследена потесната линија за блокада. Таа претставува линија на дострелот на успешното дејство на пешадиското вооружување и од неа се става под контрола целиот простор на блокада. Во текот на движето на единиците за блокада по одлука на командата која раководи со акцијата се вклучија единиците за поддршка. По целосното завршување на блокадата беше проследена завршната акција за заробување или ликвидација на диверзантско терористички групи. Работеа два тима од одредот за специјални дејства. Во акцијата, покрај пешадиското вооружување, беа користени рачни фрлачи на гранати и рачни бомби, а во зградата за која се претпоставува дека се наоѓа организаторот на терористичките акции во регионот беа користени шок и флеш бомби. Целта е првиот терорист да биде заробен, а не убиен. По завршената акција доаѓа санитетска екипа за да им даде помош на повредените и ранетите, а потоа полицијата ја презема контролата во населеното место.

МИРОВНА МИСИЈА

Во презентацијата на активности во мировна мисија беа презентирани медицинска евакуација, упатување на конвој и работа на контролна точка.

Вежбата ја следеа: премиерот Бранко Црвенковски, министерот за одбрана Владо Бучковски, началникот на Генерал штабот Методи Стамболиски, како и претставници од странски воени мисии во државава.

По завршувањето на вежбата, премиерот Црвенковски, истакна дека од покажаната вежба можеме да констатираме дека АРМ во целост е на ниво на задачите и обврските што се поставени пред неа. Тој потенцира дека Владата наскоро ќе упати предлог, а Парламентот ќе треба да донесе одлука за испраќање единици во постконфликтен Ирак.

Во Ирак најверојатно ќе заминат четворица лекари и петмина техничари, како и 24 до 30 војници за одржување на редот и мирот.

Напад на населено место запоседнато со терористи

Справување со терористи

Македонските војници подготвени за Ирак

Чистење ровови


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"