ПОЛИТИКА

Кризните региони, како по навика, и натаму нестабилни

МИРОТ КАКО ВЕЈКА НА ВЕТРОТ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Граѓанска непослушност на Албанците од Танушевци, Малино и Брест. Протераните Македонци од кумановско незадоволни од третманот на меѓународните фактори во земјава, апелираат до Владата итно и безусловно да ги исполни ветувањата дадени во предизборната кампања.
  • Половина човечки труп најден кај Џепчиште внесе вознемиреност и нова мистериозност за случајот "киднапирани".

Протераните Македонци од Кумановско најавуваат протести и блокади, во Танушевци Албанците изразуваат граѓанска непослушност, додека пронајденото човечко тело кај Џепчиште внесе нови моменти во случајот "киднапирани Македонци". Наспроти сето ова, таканаречените кризни региони поради постојаните инциденти никако не можат да се отарасат од својот непопуларен епитет и да се наречат мирни и безбедни региони.

Заканата од АНА не следи како сенка

Незадоволни од третманот на меѓународните фактори во земјава, протераните Македонци и Срби од липковските села Матејче, Опае, Ропаљце и Думановце апелираат до Владата итно и безусловно да ги исполни ветувањата дадени во предизборната кампања. Тие бараат да им се процени целокупниот подвижен и недвижен имот, па дури тогаш да прифатат изградба на типизирани станбени објекти. Во Одборот на протераните велат дека добиле закана од владиното тело од Скопје оти ако не ги потпишат трипартитните договори, матејчани ќе останат без парите наменети за реконструкција на куќите. Донацијата вредна 6,3 милиони евра наменета само за реконструкција на куќите во Матејче, ќе биде пренасочена во други кризни подрачја во светот - во Авганистан или во Ирак. Средствата се дел од 32 милиони евра, добиени од холандско-германско-италијански донатори.

Поради тоа, повеќе од 130 семејства протерани Македонци и Срби одбиваат да го потпишат договорот, без оглед каде ќе бидат пренасочени парите. Тие велат дека решавањето на нивните проблеми е обврска на државата, а не на меѓународни организации. Инаку, на 3 мај се навршуваат две години откако овие луѓе по апел на тогашната влада ги напуштија домовите, а потоа беа згрижени во колективни прифатилишта, кај роднини и пријатели во Куманово. Поради нерешавањето на проблемите тие најавија дека ќе одржат мирни протести пред Владата и пред Собранието, а ќе ги блокираат и државните институции и канцелариите на меѓународните претставници, како и меѓународниот патен и железнички сообраќај.

МИСТЕРИЈА

Иако судбината за 12-те киднапирани Македонци веќе втора година е статус кво, новооткриените остатоци од човечко тело создадоа вознемиреност кај роднините на киднапираните и случајот го преплавија со уште поголема мистериозност.

Остатоци од човечко тело биле најдени во атарот на тетовското село Џепчиште, во непосредна близина на локацијата каде што во 2001 година се вршеа ископувања и се претпоставуваше дека има масовна гробница, потврди МВР. Според информациите од полицијата, човечки коски од карлица, нозе и стапала, завиткани во ќебе, биле најдени покрај полскиот пат од Џепчиште кон селото Непроштено. Остатоците биле најдени во депонијата, во делот каде што се фрлало шталско ѓубре. Засега не се знае дали остатоците од трупот се од жена или од маж. Како што е познато, во ноември 2001 година почна ископување на депонијата кај тетовското село Џепчиште, локација на која, според сознанијата на македонската полиција, припадници на ОНА ги закопале телата на киднапираните и убиени Македонци.

НЕПОСЛУШНОСТ

Танушевци повторно ја разбранува јавноста, овојпат со искажување на граѓанска непослушност. Жителите на скопските села Танушевци, Малина Маала и Брест од саботата почнаа граѓанска непослушност и најавија дека нема да ги признаваат институциите на Македонија, бидејќи власта не излегла во пресрет на нивните барања за решавање на проблемите со државјанствата, отворање канцеларија за локална самоуправа и решавање на проблемот со патиштата до тие села.

Пратеникот на ДУИ, Рафиз Халити, со неколку свои сопартијци бил во скопското село Танушевци за да ги убеди жителите да ја прекинат граѓанската непослушност. Тој не успеал во намерата, а жителите на Танушевци откако му ги образложиле причините зошто ја почнале граѓанската непослушност, му рекле дека ќе чекаат одговор од власта за решавањето на нивните проблеми. По истекувањето на рокот одборот на селото ќе одлучел какви чекори ќе преземе.

Портпаролот на Министерството за одбрана, Марјан Ѓуровски, изјави дека Генералштабот на АРМ го отфрла барањето на жителите на месните заедници Танушевци, Брест и на Малина Маала за преместување на дел од караулите на македонската војска на северната граница.

Според Ѓуровски, војниците на АРМ не вршеле незаконско легитимирање на населението. Тој вели дека големо олеснување за тамошното население е отворањето привремен граничен премин кај Танушевци кое во Владата е доведено во завршна фаза. Се очекува и формално-правното завршување на постапката меѓу Србија и Црна Гора и УНМИК. Само за потсетување, војната што ја тресеше Македонија во 2001 година започна токму од реонот на Танушевци.

ИНЦИДЕНТИ

Постојаните пукотници, престрелки, убиства, опожарувања се секојдневие во Тетовско, Кумановско и Скопско.

Пет непознати, вооружени лица кај сточниот пазар во тетовското село Мала Речица нападнале и ограбила двајца вработени дистрибутери во Скопската пивара. По нападот, непознатите насилници избегале во правец на пазарот, а нападнатите случајот го пријавиле во тетовската полиција која трага по разбојниците.

Куќите на Македонците и понатаму се мета на албанските терористи. Две куќи во тетовското село Јелошник пред неколку дена биле запалени до темел од непознати сторители, а запален е и еден помошен објект. Локални жители се сомневаат дека палежот е одговор на нивниот собир во селото на прославата на Благоец и оти тоа е знак тие да не се враќаат во родните огништа. Запалени биле куќите на Иван Бојовски и на Крсто Ристовски, а запален бил помошниот објект на куќата на Илко Крстевски. За пожарите први јавиле жителите на соседното село Глоѓи, по што пожарникарите интервенирале и го локализирале пожарот, а извршен е и увид на местото.

Во Јелошник од неодамна нема постојани жители - тие се повлекоа пред константните провокации и напади на вооружени групи кои во македонските планински села вршат разбојништва.

Македонците истакнуваат дека се чувствуваат целосно незаштитени од државата и од нејзините институции. И жители од другите планински села тврдат дека државата само формално има контрола врз териториите во тој дел од државата. Оние кои се осмелуваат да престојуваат во селата Јелошник, Брезно, Варвара, Сетоле, Отуње или Јадоарце, ризикуваат да имаат блиска и непријатна средба со вооружените албански групи. Има случаи на малтретирања и ограбувања кои, поради страв од одмазда, воопшто не се пријавени во полиција, коментираат Македонците од овој крај незадоволни од недоволната безбедност која им ја овозможува државата.

БЛОКАДИ

На седми овој месец магистралниот пат Скопје - Тетово беше во прекин околу два часа, од 7 до 9 часот, од страна на терористи - поранешни членови на ОНА, кои бараа ослободување на Кренар Османи, правосилно осуден на затворска казна поради тероризам.

Блокадата беше извршена на наплатната рампа кај село Желино од околу триесетина луѓе, неколку автомобили и градежна механизација. За време на блокадата, која помина без инциденти, се пропуштаа единствено амбулантни возила.

За малиот број присутни на блокадата организаторите велат дека масовноста е битна за протести, а за блокади механизацијата. Тие не исклучија во иднина и блокирање на државните институции и масовни протести пред нив.

За понатамошните дејства ќе ја информираат претставничката на Канцеларијата на ЕУ задолжена за односи со јавноста, Кларис Пастори, изјавија организаторите на блокадите.

Според Абдул Халим Масути, претседател на Одборот за блокадата, средбата со Пастори, која се спротивставила на блокадата, била причина за само двочасовна блокада на патот Скопје - Тетово, наместо двочасовни блокади на правците од Тетово кон Гостивар и Јажинце.

Во врска со блокадите на патот Тетово - Скопје, ставот на Владата е да не се поставуваат блокади на магистралните патишта. Освен тоа, блокадите не ретко знаат да бидат проследени и со инциденти, односно човечки жртви.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"