|
ПОГЛЕДИ
Огледалце ,огледалце
ОСТРАХИЗАМ
Гог ма Гог
Д а имаше демократија во оваа земја
и Македонија да држеше до слободата на своите граѓани, македонскиот
Парламент немаше да го моли Претседателот на државата да застане зад
говорницата и да им објасни на пратениците тоа што, како што велат Хрватите
"не да се објаснити", туку на госпоѓата директор на Агенцијата за
разузнување ќе & изгласаше - острахизам... И на сметка на Македонија ќе
и платеше патување по Криволачките пустелии, оти ние немаме море, да може
десет години да ги заобиколува островите и демократијата.
Вака ситуацијата со аферата прислушување ќе ни тежи како воденички камен
на вратот, оти Македонија не е Македонија, туку Македонија е - Доста
Димовска... Ептен нескромно, ептен ступидно, ептен аморфно. Уште кога дојде
на политичката сцена во Македонија, Димовска себе се замисли и така се
постави како "Оска на Сонцето". Без неа, само темница и студенило. Оттаму и
нејзиното последно предупредување: "... Актуелизираа афера со цел политички
да ме оцрнат и со притисок да ме отстранат од директорското место во
Агенцијата, да ми ја ослабат позицијата да не можам да се вратам во
политиката, оти многумина стравуваат од моето политичко активирање!".
Може да е така. И нека е така. Тој што се плаши, нека си оди. Но, што е
со обичните граѓани, што е со нас што не заплашуваат и ни се наметнуваат
дека без нив не можеме, ќе - прокопцаме!?
Има една приказна за попот... Сум видел поп, ама ваков поп зацапан во кал,
не сум видел. Приказната е проста, како македонскиот вез, ама поучна колку
сета демократска мудрост на светот.
Му се чудам на умот на професорот Ѓорѓи Марјановиќ: Наместо да удри кај
што треба, во сукусот, тој се занимава со валидноста на потписот на
Претседателот на државата. Професоре, остави им ја таа формалност (не велам
не битна) на чиновниците. Ти влези во битка за демократијата, оти најлошо
што ни се случувало и ни се случува, тоа е нашата - тиранија!
Во "Обесчестувањето" на македонската демократија очигледно, како
Пирандело, "милуваме да учествуваме сите". Страв ме фаќа (она "оди си, ако
те фаќа" важи и за мене) кога ќе помислам до каде достигнало "Големото уво"
на Доста и за какви цели. Веднаш да се изјаснам: за секакви, само за
македонски цели - не!
Тоа е еден сложен процес за кој во нашата држава се уште никој не сака
сериозно и солидно да проговори. Кој како сака нека ме разбере, можеби
нападот на САД и Англија на Ирак беше и заради нафтата, но ми се чини
најмногу заради - демократијата... Оти за тоа не сакаме да расправаме јавно?
Каде е Македонската телевизија да го даде својот несомнено најголем прилог
токму на тоа поле кај што никој нема да & префли - партизација? Гордана
Стошиќ и Ти Горице Попова, оставете ги оние несомнено корисни дебати за
македонскиот влез во ЕУ, ама тргнете како што треба и од кај што треба, оти
патот по кој одиме за кон Европа којзнае дали ни е најдобро одбран.
Чувте и почувте овие денови: Хрватите во ЕУ до 2007 година! А, знаете ли
кај беа тие "туџмановци" до вчера? На најзадниот ред во чекалната... Само
Турција десет години "галопира" безуспешно, ама од разбирливи причини, кон
европската порта. Нам може да ни се случи она најтрагичното - никогаш!
Може ли со Доста Димовска и нејзините методи на прислушување да влезиме
во Европа? Јок! Луѓе драги, па сите ќе се плашат од "големата сестра" на
малиот претседател. Тоа Орвел го кажа, не јас. Затоа нека не ја трошиме
големата енергија што треба да ја вложиме во надчовечки напори за влез во ЕУ,
на споредни, маргинални и тривијални расправи за "сенката на магарето"!
"Сократовата одбрана" на Доста Димовска, емитувана од домашни и странски
агенции, е последната грижа што ме преокупира... Верувајте дека
сиромаштијата повеќе не е поднослива, дека корупцијата завладеа и со умот на
човекот, дека криминалот не запира. Доста Димовска сакала да се кандидира за
ВМРО-ДПМНЕ? Па нека се кандидира, ако ја сакаат!
|