ИНТЕРВЈУ

Јован Корубин, професор на Катедрата по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје

СТАНУВАМЕ ДРЖАВА НА ПАРАДОКСИ И АПСУРДИ

Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Ние одамна живееме во услови на "специјална војна", но не против некој фактор однадвор, туку внатре, во државата, во политичката борба за власт.
  • За одлуката на претседателот Трајковски во врска со аферата на прислушувањето, навистина немам што да додадам кон она што го кажаа и го кажуваат определени правни експерти. Но, како и многумина, сум навистина изненаден од незрелоста на една таква одлука.
  • Случајот на Претседателот е само кулминација на една поопшта состојба кај нас. До сега сме биле сведоци на многу слични однесувања, одлуки и постапки на многу министри, државни функционери, пратеници кои, можеби, понекогаш имале и потешки последици за општеството, но поминувале без соодветната остра реакција.

Професорот Јован Корубин од Катедрата по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, предава општа социологија и социологија на масовните комуникации. Тој е еден од малкуте интелектуалци кој може отворено да каже, да просуди и да укаже на девијантните појави во нашето општество што произлегуваат како последица на некоректното однесување на македонските политичари. Во оваа прилика ги коментира најновите настани што ја потресуваат Република Македонија, а тоа се профилот на политичарите, нивниот морал, етичност и однесување. Посебно се осврнува на состојбите во МАНУ и во образованието.

МС: Господине Корубин, деновиве сме сведоци на гафовите на претседателот Трајковски, кој како носител на јавна, државничка функција, ги деградира сите слики (критериуми) или замисли на еден одговорен и професионален политичар. Како ја коментирате целокупната ситуација во која се повредени правата на оштетените, односно лицата што беа прислушувани?

КОРУБИН: Во принцип, како социолог, упатен на анализа на пошироките општествени појави, не сум многу расположен да ги коментирам дневните настани, особено не оние политичките кои многу често имаат своја скриена позадина, или мотиви кои нам не ни се познати. Тие настани, секако влијаат врз општото милје во кое живееме, на тековите во општеството, но нивното објаснување - зошто и како се појавиле - секако дека е предмет на една "ладна" и подлабока анализа. Во таа смисла, околу одлуката на претседателот Трајковски во врска со аферата на прислушувањето навистина немам што да додадам кон она што го кажаа и го кажуваат определени правни експерти, па и на судот на јавноста во врска со тоа. Тие искажувања и судови, во основа ги акцептирам освен, се разбира, оние кои се премногу еуфорични, или оние кои тргнуваат од сосема одредени политички мотиви. Можам само да додадам дека и јас, како и многумина, сум навистина изненаден од незрелоста на една таква одлука, без разлика што е конкретниот повод да биде донесена како таква и од несогледувањето какви последици може таа да има. Меѓутоа, самиот настан иницира размислувања во еден поширок контекст. Пред се, ни се приближуваат нови претседателски и локални избори. Треба, навистина и партиите и избирачите веќе сериозно и со сосема поинакви аршини да пристапат кон кандидирањето и изборот за одредените функции. Кога велам со нови аршини мислам, пред се, на менувањето на постоечката "филозофија" од која не е имуна ниедна политичка партија - дека функциите се некаква награда за одделни членови при што речиси сосема се заборава на компетентноста, знаењето и зрелоста за извршување на таква функција. Зашто, случајот на претседателот Трајковски е само кулминација на една поопшта состојба кај нас. До сега сме биле сведоци на многу слични однесувања, одлуки и постапки на многу министри, државни функционери, пратеници кои, можеби, понекогаш имале и потешки последици за општеството, но поминувале без соодветната остра реакција, како што е во моментов. Се разбира, ваквата констатација не ја намалува одговорноста на Претседателот, туку уште повеќе ја зголемува, зашто станува збор за највисока функција во која се сублимирани најзначајните државни и политички интереси и демократски принципи на раководење. Или, да се изразам вака: Колку и да дојдат до израз неговите лични интереси во ова прашање, Претседателот едноставно не смее нив да ги стави на преден план, дури и по цена на лични жртви, па дури и по цена на својот личен живот. Доколку тука не покаже своевидна државничка храброст и цврстина, тој не е за таа функција. Во еден таков контекст, ми се наметнуваат неколку прашања кои, според мене, се за размислување и тоа под итно.

Прво, тоа е прашањето на правата и овластувањата на државните функционери кои за мене, веќе со години се ставаат пред одговорноста. Одговорноста, особено законската и моралната, а не само политичката, се кај нас подзаборавени категории. Не е, во тој поглед, во прашање само законската регулатива, туку и пронаоѓањето на механизми (вонпартиски) за соодветна оценка на одговорноста на секој функционер.

Второ, повторно се поставува прашањето за функционирањето и поставеноста на одделни сегменти на политичкиот систем кои, очигледно, не функционираат како што треба веќе подолго време. Ќе бидам искрен: многу пати, навистина, ни мене не ми е јасно кои се компетенциите на одделните функционери, односно не ми е јасно за какви тоа кохабитации се зборува во поглед на тие компетенции. До кога тоа, на пример, ќе се "пазарат" Претседателот и Владата? Тука работите се нејасни.

И трето, останувам на мислењето дека чисто пропорционалниот изборен модел ја става личноста на функционерот и политичарот на втор план, принудувајќи ги избирачите да се определуваат за партии, но не и за личности. Јас сум и понатаму цврсто убеден дека на последните парламентарни избори многу личности немаше да "поминат" доколку моделот беше поинаков. Но, и во овој случај многу општи интереси беа едноставно жртвувани заради одредени личности. Затоа и понатаму не треба да се чудиме ако доживееме слични ситуации како последната. Доколку нешто не се преземе во оваа насока, мислам дека навистина сме на пат да станеме едно општество на парадокси и апсурди, од секаков вид.

ЕМОЦИИТЕ

МС: Дали се наметнува прашањето, односно дилемата дека конечно во Република Македонија треба да се испитаат менталните склопови (мозоците), интелигенцијата на политичарите пред да се кандидираат или да стапат на исклучителна функција во Република Македонија?

КОРУБИН: Мислам дека сите оние кои од поодамна ја промовираат оваа идеја прво треба да си го испитаат сопствениот ментален склоп. Таа идеја не е далеку од некои познати идеи за суперчовекот, или да се изразам сликовито, од идејата за "клонирање" на политичари. Па, дури и да ја прифатиме, останува прашањето кој би ја вршел таа проверка!? Не е ли тоа можност за големи злоупотреби, навредувања, паушални етикетирања и слично. Таквата проверка треба да се обезбеди низ механизмите на демократијата. Всушност, на најзначајните функции треба да доаѓаат веќе проверени политички и јавни личности кои се веќе потврдени во политичкиот и јавниот живот. Има тука еден друг проблем: тоа е нашиот колективен ментален склоп кој повеќе се потпира на емоциите, отколку на рационалноста. Имено, многу сме склони да им веруваме на ветувањата, зборовите, да не ја препознаваме демагогијата од вистината, а веќе утре да се чувствуваме излажани. Во таа смисла кај нас отсуствува позрела политичка култура. Во случајов ќе бидам и малку конкретен: сегашниот Претседател е, покрај другите моменти, и наш производ. Имено, тој само со една изјава, своевремено, околу странскиот фактор кај нас, од многумина беше, емоционално, веднаш промовиран за политичка личност која ни одговара, иако како политичар не беше ни проверен, ни афирмиран. Изгледа дека уште многу искуства ќе ни требаат за да станеме порационални во изборот.

МС: Во нашата земја јавна тајна е дека одредени политичари кои беа носители или ќе бидат во иднина во власта не одговараат на моралните и етичките критериуми што се бараат кај политичарите во светот. До кога лицата од улица, без изграден соодветен вокабулар, со сомнително досие ќе можат да управуваат со РМ и ќе го диктираат опшествениот живот на граѓаните?

КОРУБИН: За да се одговори до кога ќе имаме такви состојби, претходно треба да се одговори зошто го имаме тоа. Еден дел од одговорот го дадовме: ја имаме таквата ситуација затоа што на функцијата се доаѓа не според моралните и стручните квалитети, туку според партиските заслуги. Друг еден момент е што веќе од поодамна во нашето општество, во сите негови пори, е раширен т.н. масовен морален релативизам за кој јас веќе напишав нешто пошироко во новата книга која ја подготвувам за печат. Во основата на тој морален релативизам се наоѓа моралниот релативизам кој се појави во политичката и економска борба за власт и за остварување, пред се, на личните или партиските интереси во општеството, а не на она што е интерес на сите. Ние, да се изразам така, одамна живееме во услови на "специјална војна", но не против некој фактор однадвор, туку внатре, во државата, во политичката борба за власт. Во такви услови моралот се претвора во нешто ефемерно, релативно при што, како што е познато, целта ги оправдува средствата.

МС: Во исто време некако незабележително помина одглагањето за избор на нови членови, односно академици на МАНУ. Како ја коментирате целата фарса во Академијата? Дали и покрај строгите правила, завршениот конкурс, сепак пазарот и роднинските врски ќе го урнат угледот на оваа највисока научна установа која треба да дава насоки за развојот на РМ?

КОРУБИН: Немам доволно информации за состојбата во МАНУ и за изборот на нови членови. Можам само да кажам дека доколку не биде избран, во овој момент, ниеден нов член на оваа наша највисока научна и творечка институција, на тоа не гледам како на нешто страшно. За да се стане член на оваа институција треба тоа и да се заслужи и никакви други критериуми не би требало да имаат значење. Секое политизирање на МАНУ би ја довело во прашање оваа институција, иако имам впечаток дека во минатото таа не беше сосема имуна на некои "идеолошко-политички" критериуми при иборот на своите членови, но мислам дека, особено во последно време, таа фаза се надминува. Веројатно се, во таа насока, потребни извесни промени, или иновации во начинот на кандидирање за нејзини членови, во согласност со промените во целото општествено ткиво и со современите текови во науката и творештвото. Се согласувам со оние мислења кои сметаат дека МАНУ не треба да се занимава со дневна политика, па ако сакате ни со долгорочна. Не треба да се заборави искуството со Меморандумот на Српската академија на науките и уметностите и до што доведе тоа. МАНУ, како особено значајна институција, треба да влијае врз се она што е наш витален интерес како држава, но само врз основа на високи научни и морални критериуми. Последното интервју на нејзиниот претседател, во таа смисла, навистина охрабрува.

ИНДОКТРИНАЦИЈА

МС: Нешто слично се случува со високото образование. Студиите стануваат премногу скапи, а државата - Министерството за образование, нема концепт или замисла како образованието да го оттргне од политиката. Како ја коментирате целокупната состојба во образованието?

КОРУБИН: За високото образование јас уште пред некоја година реков дека не ја искористи својата шанса да се преобрази во согласност со светските критериуми. Универзитетите наместо да се претворат во современи образовни и научни институции, длабоко навлегоа во сферата на сопствената меркантилизација. Изразена е трката по проекти кои не се вреднуваат по тоа што значат за науката и образовниот процес, туку колку пари носат и тоа, најчесто, за поединецот, а не за институциите и за образовниот процес. Оваа година, конечно, се почна со остварувањето на т.н. кредит-трансфер систем на студирање, но се плашам од негово формализирање и первертирање. Големи се отпорите кон негово суштинско спроведување затоа што голем е и бројот на оние кои во него гледаат опасност за сопствените закостенети позиции стекнувани со години. Кредит-трансфер системот, всушност, внесува сосема нов начин и стил на работа, напори за стекнување на перманентни знаења од наставниците до студентите, но изгледа дека некому тоа не му одговара. Во една таква ситуација, кога веќе тој систем не може да не се воведе, многу напори се свртени тој барем да се воведе на начин кој нема многу да ги промени постоечките состојби. Во оваа смисла, мислам дека нешто слично се случува и во сите други степени на образование каде и не може да има некоја изградена концепција, кога концепциите се менуваат постојано. Мислам дека образованието е една од сферите со која досега раководеа најнекомпетентни личности.

МС: Во нашава земја се повеќе се случува средношколците да ги решаваат меѓунационалните односи на улица. Колку е опасна оваа работа, односно колку е опасен концептот на сегрегација што се обидува да заживее во Куманово при што одредени политичари се обидуваат децата Албанци да ги одвојот од средношколците Македонци?

КОРУБИН: Политиката одамна навлезе во образованието и не треба да не чудат наведените појави. Со младите најлесно се манипулира и од училниците потоа се се пренесува и на улица. Во таа смисла и концептот на сегрегација на учениците е, се чини, првата стапка кон целосна сегрегација во општеството и државата. Тоа е добро смислен концепт кој оди кон индоктринација на младите, а ако ја индоктринирате иднината на земјата, тогаш лесно ќе ја остварите и намислената цел во таа иднина. Затоа мислам дека и покрај сите ризици и непријатности кои можат да произлезат од заедничкото школување и школите со мешани паралелки, мора да се опстои на тој концепт на кој особено треба да се инсистира и кај албанскиот фактор. Е, тука политиката и политичарите можат многу да направат, но во една позитивна смисла. Но, само преку одредена државна политика, а не во училниците.

МС: И ако вака продолжи да се развива моралното паѓање на општеството во РМ, нели е време да дојде нова генерација на политичари кои би ги истиснале неинвентивните кадри и т.н. советници на Претседателот? Колку за одредени состојби во РМ се виновни некои Ваши колеги од Универзитетот и од факултетите?

КОРУБИН: Доаѓањето на нова генерација на политичари е од поодамна потребна. Но, политичари кои ќе бидат, така да речам, едуцирани во духот на традициите на развиените демократии во светот и кои, што е многу важно, би биле растоварени од многу баласти на минатото и од постојните расколи во македонското политичко ткиво. И, конечно, кои во политиката нема да гледаат само средство за сопствена промоција и остварување на личниот интерес. Тие нешта, во развиените демократии, не се исклучени, но треба да бидат стекнати со придонесот што се дава за општите цели кон кои стреми државата. Такви личности постојат, но јас лично не го гледам начинот на кој таа смена на политичка генерација може да биде извршена. Тоа, пред се, зависи од тоа колку ќе успееме, во наредните години, да го реафирмираме плурализмот кој доживува сериозна криза. Во моментов имам впечаток дека се засилуваат оние сили кај нас кои повторно настојуваат да го вратат некогашниот монолитизам и автархичност на општеството и тие сили не се за потценување. Од друга страна, пак, надминувањето на таквата состојба зависи од модернизирањето на самите партии и од внесување на "свежа крв" во нив. Доколку успеат тоа да го направат, можеби и има некоја шанса за модернизација и на политичката стварност. И, конечно, тука е и прашањето на тоа како од страна на самите партии и избрани функционери во креирањето на политиката да се вклучат и оние кои не се членови на партија, но кои можат да го дадат својот придонес во експертска смисла. За некои политичари кои потекнуваат од универзитетската средина не би можел да речам дека се мои колеги, затоа што тие одамна не се тоа. Некои од нив веќе од поодамна ги заборавија основните професорски и интелектуални квалитети и навлегоа во водите на чистиот политички прагматизам чии плодови ги почувствувавме и деновиве.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"