|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ЦРВЕН КАРТОН ЗА ГРУБИТЕ СТАРТОВИ
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Побожниот евангелист уште од стартот ги прекрши божјите начела и
заповеди, воден од етиката на ѓаволот згази врз постулатите на правната
држава. Стана нелегитимен претседател на македонската држава донесен на
престолот од моќните западни служби.
- Одлуката за амнестија ниту го расветли случајот, ниту ги казни
виновниците, ниту судот остана доследен во својата работа. Аболицијата
само ги откри сторителите на мега-скандалот.
М акедонскиот Вотергејт доби своја
завршница. Предвреме, пребрзо, сосечено в корен како во старите добри
времиња на Сталин и Чаушеску. Нивните колеги, современици, без оглед на која
точка во светот се наоѓаат не ги забораваат нивните дела, нивните тактики и
методи за елиминирање на политичкиот противник или за спас на својот
пропаднат тим. Сталинизмот се уште е жив. Најлошото во сето е што се се
одвива во рамките на законските проекти, во согласност со уставните начела.
Првиот човек на македонската држава претера во дозата на примена на
демократизмот, па макар и да е во законските рамки и неговите овластувања.
Македонскиот шеф се обиде неколкупати да стане шериф на ова диво парче од
западниот Балкан, да воведе нов стил на управа каде ќе владеат "правото" и "законитоста".
АМАТЕРСКИ ПОСТАПКИ
Последниов негов аматерски и недржавнички потег со амнестирањето на
железната Доста ги прелеа чашите кои одамна беа преполнети и се закануваа да
направат вистински потоп во институциите на системот. По многу гафови,
излети и избрзани потези овој последниов не претставува ништо друго освен
продолжување на серијата промашувања од страна на Кабинетот на Претседателот
со далекусежни последици по демократското опстојување на државниот апарат.
Велам Кабинетот, а не Претседателот лично и индивидуално, поради фактот што
зад секоја досегашна донесена одлука стои тимот советници на Трајковски
составен од Пендаровски, Фрчковски и Димовска, а на моменти дури и своето
гласче го пушта и неговиот гласноговорник Борјан кој по хиерархија треба да
пренесува, а не да одлучува. Оттука се поставува прашањето - колку гласот на
нашиот Претседател е тежок при донесувањето на одлуката или целата работа ја
истерува неговиот совршен тим на советници, а потоа одговорноста за
донесеното само му се префрла на грбот на корпулентниот Борис. Тоа пред се
затоа што на крајот од соопштението за аболиција на Доста не стои потписот
на Претседателот што би требало да се очекува, туку парафот на генералниот
секретар на Кабинетот, Зоран Јолевски. Но, ништо не е за изненадување и
чудење. Нашиот Претседател четири години наназад знае да влегува во необични
и неприродни ситуации, па уште од самиот старт на неговото владение.
Рекапитулацијата на неговата претседателска кариера почнува на најдрзок и
најбезобразен начин, со измама на изборите во 99-та година. Побожниот
евангелист уште од стартот ги прекрши божјите начела и заповеди, воден од
етиката на ѓаволот згази врз постулатите на правната држава. Стана
нелегитимен претседател на македонската држава донесен на престолот од
моќните западни служби потпомогнати со инструментализираните извршители од
партиско-етничка провиниенција. Таквата етикета и грижа на совеста, доколку
ја има, ќе го следи до крајот на векувањето на земјата. Македонскиот народ
поучен од историјата и страдањата ја проголта и таа грутка сол. Следуваше
воениот виор - Тетово, Куманово, Скопско. Според Уставот и законите требаше
да имаме врховен командант на вооружените сили. Таа функција требаше да го
сопре продирањето на тероризмот во срцето на државата, да го одврати
непријателот од намерата да ја уништи земјата. Наспроти тоа, ние имавме
нерешителен и неодлучен човек кој не стори ништо затоа што блондинката од
Хаг мавташе со хартиите дека на решителните мажи нема да им избега
трибуналот. Доаѓаше времето на капитулацијата. Столбот на пропаѓањето на
македонското битие беше токму тој, претседателот Трајковски кој преку ноќ
според сценаријата на западните ментори беше поставен или подобро речено
самопоставен на позицијата посредник меѓу "двете страни" - државата и
терористите. Тој го изнаоѓаше компромисот и заедничкото решение меѓу
вратоврските и снајперистите. Претседателскиот потпис на охридскиот Договор
од една страна тежи и боли многу, а од друга страна е безвреден и не
претставува ама баш ништо. Ништо, затоа што е надвор од уставните
надлежности и овластувања, надвор од етиката и моралот што секој човек би
требало да ја има.
Но, нештата не застанаа тука. Трајковски се обиде, и што е разочарувачки
до некаде и успеа, на мала врата да ни го потпикне претседателскиот наместо
парламентарниот систем на владеење. Донесувањето одлуки на своја рака, без
консултации со владините ресурси, а уште помалку со законодавниот дом, не
воведе во модерен тоталитарен облик на управување. Марионетската поставеност
пред американскиот естаблишмент кулминираше со почетокот на ирачката криза и
улогата што нашиот Претседател и неговиот советнчки корпус си ја додели
себеси во справувањето со Садамовиот режим. Без размислување го даде
Криволак на вересија, го отстапи воздушниот простор за прелети, даде се под
наем без наемнина, без притоа да го консултира единствениот надлежен орган
по тие прашања - Собранието. И можеби најзрелата политичка личност од поново
време, актуелниот претседавач на закондавниот дом, Никола Поповски, јасно му
укажа на шефот на државата дека премногу далеку истрчал со своите утописки
погледи за глобалното светско преуредување и улогата што ние како мала и
немоќна земја би требало да ја имаме во тој лавиринт. Но, тоа беше уште еден
од редицата погубни чекори преземени без стратегија и долгорочни придобивки.
Овие се само дел од начините со кои Претседателот на државата се обидува
да го протурка својот петгодишен мандат. Дали случајот со Доста Димовска и
Александар Цветков се врв на илузионистичката политика на нашиот случаен
Претседател? Тешко да се даде одговор на ова прашање. Досегашната практика
не го гарантира тоа.
ШТО Е СЛЕДНО, ПРЕТСЕДАТЕЛЕ!?
Многумина се прашуваат: Што е следното изненадување? Контрадикторноста и
непрофесионалното ангажирање на Претседателот по случајот "Димовска -
Цветков" може да се согледа во крајното ретерирање во ставовите на самиот
почеток на скандалот со прислушувањето и сега со чинот на аболицијата.
Соопштението од Кабинетот од 8 април 2003 година вели дека чинот на
аболицијата е донесен поради тоа што "случајот бил инструментализиран во
партиско-политички цели и селективно користен" и како што стои "се
камуфлирале вистинските налогодавци и извршители". Оттука прашањето е следно:
ако Димовска и Цветков не се вистински налогодавци и извршители, ако се
невини, зошто тогаш ги помилува? Колку што е познато во областа на
кривичното право, не е можно да се помилува невина личност. Со последниот
потег Трајковски ги прогласи за виновни неговите соработници, наместо судот
им пресуди и поинакво гледање за тоа нема.
Навраќајќи се две години наназад во првичната реакција по обелоденувањето
на скандалот на 24 јануари 2001 година, Претседателот ќе рече: "Ќе се
залагам за што побрзо да се расветли случајот или да се казнат виновниците и
ќе побарам судот да биде доследен во својата работа". Одлуката за амнестија
ниту го расветли случајот, ниту ги казни виновниците, ниту судот остана
доследен во својата работа. Аболицијата само ги откри сторителите на
мега-скандалот. Трајковски тоа несвесно и ненамерно го направи. Советниците
направиле превид во работите и не го предвиделе тој факт. Уште еден доказ за
аматеризмот со кој располага Кабинетот на првиот човек на државата. Што
можеме да очекуваме од човек кој треба да ги брани темелите на правната
држава, а тој ги злоупотреува своите овластувања и надлежности преку
покривање на девијациите? Претседателот стана соучесник во македонскиот
Вотергејт, ги амнестира виновниците и, замислете, тоа го направил, бидејќи
сметал оти "постапката ќе нанесе штета врз функционирањето на безбедносниот
систем". Претседателе, па зарем сметате дека заминувањето на Доста ќе ја
наруши безбедноста на државата, дека нејзината елиминација од политичката
сцена ќе предизвика штетни дејства по опстојот на Македонија? Меѓу другото,
Вие велите дека аболицијата се донесува кога е од интерес на државата. Па,
може ли екс-министерката да биде од интерес за државата кога работела против
начелата на правната држава? Контрадикторно, зарем не? Со овој потег
постулатите на правната држава не само што се доведени во прашање, туку и
сериозно се разрушени. Досега низ современата историја бевме сведоци дека
истата таа правна држава ја задушуваа корумпираните судии, обвинители, моќни
политички и партиски челници. Но, ова е првпат правдата да биде под нозете
на Претседателот на државата, под нозете на најголемиот нејзин заштитник. А,
додека македонските медиуми ударно информираа за потегот на Претседателот,
тој самоуверено, надвор од нашите граници, во Советот на Европа им држеше
предавања за правната држава на европските пратеници. Ова е политички
нон-сенс. Преседан не само во македонската, туку и во светската политика.
Можеби Наполеон бил водачот на мислите во главата на нашиот Борис. Таквите
постапки и стратешки чекори најдоа зачетоци во тоа време, а денес
современиците само ги продолжуваат. Гледаат дека се практично применливи и
корисни во даден политички момент. Тежината на овој случај станува уште
поголема кога се гледа од еден друг агол. Позицијата на Владата и Премиерот
како највисок во хиерархијата во извршната власт. Бранко Црвенковски
премногу опуштено, немоќно и пасивно ги следи новите бранувања во политиката
на македонскиот Претседател. Офанзивноста кон неговите постапки беше
очигледна само во оној период кога Трајковски беше граѓанин за
социјалдемократите и кога не беше признат за легитимен Претседател. Откако
уследи признанието, Борис зема замав и почна да гази се пред себе. На
почетокот кохабитацијата беше донекаде применлива, но последнава година е на
работ на исчезнувањето. Црвенковски ниту еднаш не знаеше професионално да
одреагира на авантурите на Борис. Ниту во времето на воената криза, ниту во
неодамнешните ветувања кон Американците, ниту сега со аболицијата за Доста.
Се се сведе на шокираност, изненадување и разочараност, а ниту еден
конкретен чекор не презеде. Дали е на повидок крајна истрошеност и
неинвентивност на политичките личности?
На почетокот на ова пишување запишав дека македонскиот Вотергејт доби
своја завршница. Неславна и срамна. Би сакал некој да ме демантира и да ме
убеди дека случајот со модерниот мрак - прислушувањето - допрва почнува за
да се истера правдата и вистината на виделина. Како и да е, време е некој да
почне да дели црвени картони за грубите стартови.
|