Трајковски ќе се правда за помилувањето

Претседателот Трајковски идната недела ќе се се обрати пред Парламентот во врска со помилувањето на Димовска. Претходно, на иницијатива на пратениците на СДСМ и нивните партнери во Коалицијата, освен претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, Претседателот беше повикан да се обрати пред Собранието и да ги образложи мотивите и околностите по кои се раководел во донесувањето на одлуката за помилување и ослободување актуелната директорка на Агенцијата за разузнување, од кривично гонење за аферата "Прислушување".

Претседателот на Парламентот, Никола Поповски, побара од Трајковски да ја повлече одлуката за помилување на Димовска и да ја разреши од функцијата директор на Агенцијата за разузнување, или да поднесе оставка.

Исто така, Трајковски на 11 април потпиша решение со кое го амнестирал Борис Станков - Коцев од Кочани кој требал да одлежи казна затвор од траење на два месеца. Тој бил негов телохранител, а во градот и во околината бил познат по своето насилничко однесување. Пред извесно време Трајковски го одбил барањето на ВМРО-ДПМНЕ да го помилува од гонење Војо Михајловски.

Љубчо дефинитивно се повлекува!?

Според весникот "Вечер", одлуката на Георгиевски да се повлече од лидерската позиција е дефинитивна. Но, останува проблемот, кој ќе го наследи.

Инаку, пред избивањето на скандалот со Димовска, Трајковски активно работел на теренот да ги врбува делегатите што ќе бидат присутни на Конгесот во Охрид за да гласаат за опцијата на Димовска и на Трајковски. Овој тандем веќе извесно време има амбиции за враќање во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа беше потврдено и со изјавата на Димовска по избивањето на аферата со аболицискиот акт на Претседателот. Доколку Трајковски и Димовска не успеат да се инсталираат во раководството на ДПМНЕ, се очекува двајцата по Конгресот да формираат нова партија која би се нарекувала Движење за евроатлантска интеграција.

Базата во Криволак - разорна еколошка бомба

Ако воениот полигон Криволак стане странска воена база или некаков тренинг-центар, на Македонија и претстои огромна еколошка катастрофа, а штетите врз земјоделските култури што доминираат во реонот околу полигонот ќе бидат непроценливи, тврдат експертите.

Тие предупредуваат дека и при сегашните вежбовни активности се загадува околината. Користењето на Криволак од странски воени сили прв пат се спомна во договорот "Партнерство за мир".

Нов директор во Заводот за статистика

Директорката на Државниот завод за статистика, Благица Новковска, со одлука на Владата е сменета од таа функција. На нејзино место на последната владина Седница е именуван Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот.

Двегодишно девојче почина при бронхоскопија

Двегодишната Христина Ивановска од Скопје починала на Клиниката за уво, грло и нос непосредно по извршена бронхоскопија. Според првичниот лекарски извештај, причина за смртта е слабост на срцето.

Мајката на починатото девојче, Соња Ивановска, тврди дека девојчето имало обична настинка, а никогаш немало проблеми со срцето и најави судски расплет на случајот.

Директорот на Клиниката за уво, грло и нос, д-р Илија Филипче, изјави дека лекарите ги преземале неопходните мерки да го спасат детето, но не ја исклучи можноста дека интервенцијата не била соодветно извршена, за што треба да потврди обдукцијата.

Гошев ја демантира инфлацијата

Курсот на денарот останува стабилен, тврди министерот за финансии, Петар Гошев, кој непосредно по враќањето од САД ги демантираше шпекулациите околу промена на владината политика во однос на курсот и инфлацијата. Останува политиката на макроекономска стабилност и стабилниот девизен курс, бидејќи тоа & е потребно на секоја економија, изјави Гошев. Тој појасни дека во Вашингтон не разговарал за промена на девизниот курс и за повисока инфлација, како и дека неговата изјава била погрешно интерпретирана.

Главен стожер на ММФ во политиката со нашата земја е цврстиот девизен курс и инфлација не повеќе од три отсто и немало никаква причина да се разговара за тие прашања, ниту пак ММФ без оглед на желбите и кога би постоеле, би ги прифатиле, истакна Гошев.

Намалени априлски плати за Георгиевски и Тачи

Комисијата за избори и именувања донесе одлука на пратениците Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Мендух Тачи од ДПА да им се одземат 20 отсто од априлските плати поради неоправдано отсуство на четири собраниски седници едноподруго, без притоа да биде известен претседателот на Собранието.

Исчезнати антиквитетни предмети од резиденциите

Од резиденцијалните објекти на Претседателот, на Премиерот и од гостинската вила што се наоѓаат во Скопје, недостасува мебел и слики, пишува "Утрински весник". Според овој медиум, од списокот на предмети нема пет до шест слики кои имаат голема уметничка вредност, а нема и столови, маси и друг вид мебел кој има антиквитетска вредност. Најголем број од предметите исчезнале во гостинската вила која досега ја користел Трајковски. Извршениот попис покажал дека предметите биле изнесувани, но кој го правел тоа и во кој правец заминувале, никој не регистрирал.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"