акедонското фудбалско првенство е
пред својата трета третина, пред својот конечен расплет. По досега
одиграните 22 кола може да се каже дека неизвесноста е се уште присутна и
сите го чекаме продолжението за да можеме да видиме како ќе функционира
новиот систем на натпревари кој почна да се применува од оваа година.
Дали тој ќе се покаже како соодветен за македонските прилики или пак ќе
се утврди дека се уште ќе лутаме барајќи го вистинскиот модел на
натпреварување, ќе видиме многу брзо.
МОДЕЛ
Во Македонија оваа година за прв пат се применува таканаречениот
словенечки систем на натпреварување од кој се очекува дека конечно ќе донесе
едно првенство без контроверзи околу тоа кој кому продал бодови, кој кому
има за враќање и други аномалии кои беа карактеристични за досегашните
првенства. Ако експерименталниот модел кој се примени минатата година беше
катастрофален и крајно несоодветен за македонски услови, тој беше и модел
каде однапред се знаеше кој кому ќе му ги даде бодовите и кога една екипа
може да си дозволи да игра со вториот, а кога со првиот состав, тогаш од
таканаречениот словенечки модел оваа година се очекува навистина многу.
Она што ги подгрева надежите за тоа дека овој систем на натпревари ќе
биде продуктивен за македонскиот фудбал, е успехот што го постигна во
словенечкиот фудбал, кој и прв го воведе овој систем на натпревари. Сега
сите некако почнуваме да се надеваме дека и македонскиот фудбал ќе постигне
поголем квалитет кој потоа ќе се рефлектира и врз настапите на нашите екипи
и репрезентација на меѓународен план. Сите се надеваме дека во овој последен
циклус на натпревари од ова првенство ќе гледаме квалитетен фудбал,
неизвесност до крај и дека конечно таквото нешто ќе ги привлече гледачите на
терените.
Во што е суштината на овој модел на натпреварување? Имено, се игра по
трокружен систем при што бодовите кои екипите ги освоиле по првите два круга
остануваат на салдото на екипите (не како минатата година кога можеше да се
прават најразлични математики со бодовите), а во третиот, натпреварите се
така направени во последното коло да се сретнат првите две пласирани екипи
по двата круга и на терен на првиот во директен дуел да одлучат кој ќе биде
првак. Но, она што е интересно во овој систем на натпревари е тоа што никој
никому не може да гарантира дека местото што го имал по првите два круга ќе
го задржи и до крајот на третиот.
ДУЕЛ
Честа да го има најповолното место пред почетокот на разигрувањето &
припадна на "Беласица ГЦ" која на свој терен во последното коло ќе го
пречека "Вардар" и во директен дуел ќе одлучат за тоа кој ќе биде првак на
Македонија. Но, како што спомнавме, убавината на овој систем е во тоа што
никој не можа на "Беласица" да & гарантира дека ќе го задржи првото место до
крајот на сезоната. Едноставно, сите си влегуваат со свои сметки и со свои
калкулации. Така, и екипата на "Вардар" која е второпласирана и која
постојано ја следи во чекор екипата на "Беласица" влегува со единствена цел
- да ја одбрани титулата која ја освои лани. Екипи кои потајно се надеваат
дека со евентуални киксови на првите две и со освојување на бодови во
директните дуели можат да се вмешаат во борба за титулата и за излез во
Европа се уште екипите на "Победа", "Работнички" и "Силекс". Извесно е само
тоа дека сигурен патник во понизок ранг, според моменталната бодовна
ситуација, е екипата на Куманово, а во битката за избегнување на преселба во
понизок ранг се вклучени и екипите на "Пелистер" и "Брегалница Делчево" како
моментално бодовно најзагрозени.
ШАНСА
Овој систем допрва треба да ги покаже своите предности и недостатоци. За
овој систем се залагаше и самиот селектор Илиевски кој тврди дека овој
систем ќе донесе крајна неизвесност и значително поголем квалитет. Но, треба
да бидеме исто така и реални, а тоа е дека не можеме да очекуваме по само
една одиграна сезона со овој систем значително зголемување на квалитетот на
македонскиот фудбал. Со формирањето на Унијата на прволигашите и земањето на
организацијата на првенството во нивни раце и со упорно поддржување на овој
систем на натпревари полека, но сигурно се создаваат услови за подигање на
квалитетот на македонскиот фудбал. Треба да се продолжи и да се истрае во
овој правец, зашто според мислењето на многумина тој е оној кој ќе овозможи
подобар квалитет и повеќе гледачи на нашите стадиони.