ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Упокоение на Свети Рамноапостолен Методиј Солунски – архиепископ

ПРОПОВЕДНИЦИ НА ХРИСТОВАТА НАУКА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Св. Кирил и Методиј ги чувствуваме блиски, многу блиски. Тие се наша гордост. Тие се родиле, растеле и духовно зрееле во нашата средина, твореле на наше тло, во средината на нашите прадедовци и на нивни јазик го превеле Светото Писмо и другите свети книги.
  • Оваа година се навршуваат 1118 години од "Упокојувањето на Св. Методиј". На ѕидовите од манастирската ќелија во затворот во Елванген, во негова чест, во знак на благодарност од македонскиот народ и од МПЦ, во 1996 година свечено е откриена и осветена спомен-плочата која е симбол на нашата почит.

Светите браќа Ки-рил и Методиј се славни македонски рамноапостолни проповедници на Христовата наука, просветители, учители, преведувачи на Светото Писмо и други свети книги, верни синови на македонскиот народ, бранители на македонската национална и црковна слобода.

На 14.02/27.02 Светата Црква го одбележи "Упокоението на Св. Кирил", кој на 14.02. 869 година во Рим го испуштил својот дух, разделувајќи се од својот роден брат со зборовите: "Ние заедно оравме една бразда, довршувајќи ги моите дни, јас паѓам на нивата, а ти ја сакаш гората (манастирот Олимп); сепак поради гората немој да го напуштиш учењето". По смртта на својот брат, Св. Методиј со преостанатите ученици (Св. Климент и Наум Охридски, Сава, Горазд, Ангелариј), го напушта Рим (како епископ) и доаѓа во Панонија каде германското свештенство му прави пречки во работата. Св. Методиј бил затворен, лажно обвинет дека е еретик и многу малтретиран. По интервенција на папата, Св. Методиј е ослободен од затворот и пак оди во Моравија каде ја утврдува Христовата вера. Но, германските свештеници пак го обвинуваат дека е еретик. Тој бил принуден да оди во Рим и да го брани своето дело.

Храбро заминува и во Цариград да му реферира на царот за својата работа. Таму добива посебно признание за работата. Потоа се враќа во Моравија каде во 882 година повикува двајца ученици - брзописци и во време од шест месеци го довршува преводот на Библијата.

РЕПРЕСИИ

Во местото Елванген, во близина на Штудгарт (Германија) Св. Методиј, осуден од германско-латинското свештенство, поминал околу три години во затвор (од 870 до 873 година). Во затворот бил изложен на најсурови репресии од германските епископи, за да се откаже од својата света мисионерска дејност и старомакедонската писменост. Но, и покрај сите страдања, тој не се откажал од Бога и од својот македонски народ. Се упокоил и преминал во Небесното Царство на 19.04.885 година - по нов календар (кога го славиме), во Велехрад, Велика Моравија.

Оваа година се навршуваат 1118 години од "Упокојувањето на Св. Методиј". На ѕидовите од манастирската ќелија во затворот во Елванген, во негова чест, во знак на благодарност од македонскиот народ и од МПЦ во 1996 година свечено е откриена и осветена спомен-плочата која е симбол на нашата почит. Заради неговата голема улога за православниот Македонец низ вековите па се до денес, секоја година на тоа место му се оддава почит и благодарност од нашиот народ, од народот од чии пазуви тој излегол. Со неговата, од Бога исклучителна дарба, вера и љубов, ги надмина сите тешки искушенија и остави неизбришано дело во кое ги втемели сите плодни денови на својот живот и сето свое земно чекорење кон небесното.

ДЕЛО

Светото дело на Св. браќа Кирил и Методиј го продолжија нивните ученици. Св Климент Охридски Чудотворец зборува за својот Свет учител Методиј: "Кога ќе се сетам на неговите методични зборови, нема со што да ги споредам тие духовни сладости. Со таква силина на зборот, светителот придонесе многу да се зацврсти словенската азбука и писменост, вербата во нејзината иднина и да им се затнат устите на волците на тријазичните еретици, како што велеше и самиот Св. Методиј: Тие сакаа да им го откажат правото на Словените за самостоен, културно-просветен развиток и независен културен живот".

Св. Кирил и Методиј, ги чувствуваме блиски, многу блиски. Тие се наша гордост. Тие се родиле, растеле и духовно зрееле во нашата средина, твореле на наше тло, во средината на нашите прадедовци и на нивни јазик го превеле Светото Писмо и другите свети книги. Но, тие имале духовна широчина. Тие светот не го сфатија како поделен, туку како една нераскинлива, неделива целина во која треба да се живее во правда, мир и љубов. "Ние сме далеку од помислата нив да ги присвојуваме само за себе. Напротив, среќни сме што им припаѓаат на сите народи" (говор на гробот на Св. Кирил), и на целиот свет. Св Кирил и Методиј, молете го Бога да бидеме доследни на Христовото спасително дело.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"