СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПРЕОСТАНАТИТЕ ДЕЛА НА ДРЕВНИОТ ГРЧКИ ИСТОРИЧАР ПЛУТАРХ (5)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Во делото "Споредба помеѓу Филопомен и Фламининус" Плутарх дал уште едно премногу јасно сведоштво дека Македонците не биле никакви Грци!
  • Плутарх напишал биографија и за македонскиот крал Димитрија Први, во која изнесува интересни детали од животот на овој македонски крал.

Што се однесува до спомнувањето на Македонија и на Македонците во делото "Споредба помеѓу Филопомен и Фламининус" од страна на Плутарх, тој тоа го прави во контекст на активностите на овие двајца војсководители. Плутарх упатува пофалби кон римскиот војсководител Титус Квинтикус Фламининус затоа што ги ослободил Грците од јаремот на Македонците. За разлика од пофалбите упатени на адреса на Фламининус, Плутарх му забележува на Гркот Филопомен (кој бил еден од двајцата водечки генерали на војската на Ахајската лига), затоа што цело време се борел против Грци за време на меѓусебните грчки судири за превласт врз Ахајската лига. Овде Плутарх оставил уште едно, којзнае кое по ред, неверојатно јасно сведоштво дека тој Македонците воопшто не ги сметал за никакви Грци. Еве што запишал Плутарх во врска со дејноста на грчкиот генерал Филопомен и на римскиот генерал Титус Квинтикус Фламининус во контекст со Македонија:

"Големината на придобивките што Титус и ги обезбеди на Грција, не може да се спореди ниту со Филопомен, ниту со мнозина смели луѓе како него. Всушност, тие беа Грци, кои се бореа против Грци, додека Титус беше странец во Грција, кој се бореше за нејзино добро... Титус, откако го порази Филипа (Петти Македонски, з.м.) во срцето на Грција, ги ослободи нив и нивните градови. Ако ги споредиме борбите што ги водеа овие двајца генерали, ќе видиме дека Филопомен, иако беше ахајски генерал, отепа повеќе Грци отколку што Титус отепа Македонци за да им помогне на Грците".

Навистина живо ме интересира да дознам како реагираат денешните грчки историчари на ова сведоштво од античкиот грчки историчар Плутарх. Истовремено се чудам и на незаинтересираноста на нашите институции зошто овие извонредно вредни сведоштва се уште не се преведени кај нас.

Овде Плутарх повторно на кристално јасен дава сведоштво во полза на негрчкиот етнички карактер на Македонците. Тој го фали римскиот генерал Титус Фламининус и вели дека ниту едно дело на низа смели Грци не можело да се спореди со добрината што овој Римјанин им ја направил на Грците, затоа што тој, иако бил странец во Грција, ги ослободил грчките градови од македонскиот јарем, откако претходно "во срцето на Грција" (во битката кај Киноскефале) ја поразил војската на македонскиот крал Филип Петти. Од друга страна Плутарх го напаѓа Филопомен и го обвинува дека тој бил Грк, кој се биел против Грците (за време на борбите за превласт во Ахајската лига). Плутарх заклучува дека Гркот Филопомен отепал повеќе Грци, отколку што Титус отепал Македонци за да ги ослободи грчките градови. Со ова испаѓа дека Плутарх всушност со презир гледал на оние Грци, кои меѓусебно војувале, наместо да се обединат и да се спротивстават на нивниот заеднички окупатор - Македонија.

И во продолжение Плутарх продолжува да ја фали храброста на Титус Фламининус. Така, тој пишува дека еден војник во неговата војска (инаку Грк) изјавил дека за време на битката протиов Македонците, во еден миг, македонските војници борејќи се жестоко, прилично се доближиле до местото каде се наоѓал Титус Фламининус, но дека тој не се ни помрднал од место за да избега, туку ги кренал рацете кон небото и побарал помош од боговите.

МАКЕДОНЦИТЕ ВО УШТЕ ДВЕ КУСИ ДЕЛА

Плутарх ги спомнал Македонците и во своето кратко историско дело под наслов "Споредба помеѓу Серториус и Евмен". Во врска со идентитетот на овие две личности тој пишува:

"Едниот (Серториус, з.м.) беше Римјанин и беше генерал на Спаниардите и на Лузитанјаните кои многу години беа под власта на Римјаните, а вториот беше од Керсонија и беше војсководител на Македонците, кои беа големи освојувачи и кои во тоа време го потчинија светот".

Да спомнеме уште едно кратко историско дело на Плутарх (исто така напишано во 75 година по Христа), кое носи наслов "Споредба помеѓу Тимолеон и Емилиј Паул".

Плутарх пишува дека, ако се споредат нивните биографии, ќе се види мала разлика помеѓу овие два војсководители. Во врска со ова Плутарх пишува:

"Тие водеа војни против два моќни непријатела - едниот против Македонците, а другиот против Картагинците и обајцата постигнаа величествен успех".

Плутарх пишува и за чесноста на Емилиј Паул, кој иако од Македонија запленил огромно богатство, не гибнал ништо од тоа за своја лична корист.

БИОГРАФИЈАТА НА ДИМИТРИЈА

Поголем простор во своите историски дела за Македонците Плутарх посветил во биографијата посветена на македонскиот крал Димитрија (Деметриус). И овој македонски крал го имаме спомнувано во досегашниве написи. Да се потсетиме накратко на неговиот живот. Димитрија се родил некаде околу 337 година пред Христа, а починал во 283 година пред Христа. Тој бил син на кралот Антигон Први, кој пред да стане крал, бил еден од генералите на Александар Македонски. Тие обајцата учествувале во меѓусебните војни што ги воделе наследниците на Александар Македонски, кои по неговата смрт, останале да владеат со делови од распаднатата Македонска империја. Во 306 година пред Христа Димитрија го поразил Птолемеј Први (кој бил исто така генерал на Александар Македонски и кој по смртта на Александар останал да владее со Египет и со некои околни земји). Во 294 година пред Христа Димитрија го ликвидирал својот ривал за македонскиот престол, кој се викал Александар и бил син на Касандар. Но, по шест години бил симнат од престолот од страна на сојузничките сили помеѓу Пир (кралот на Епир) и Лизимах (кралот на Тракија). Тогаш Димитрија побегнал кај Селевк Први (македонски крал на Сирија - уште една област од распаднатата Македонска империја со која останале да владеат Македонците), каде останал се до својата смрт. Неговиот син Антигон Гонат се качил на престолот на Македонија.

Биографијата за Димитрија напишана од Плутарх (исто така во 75 година по Христа) почнува со податоци за неговото семејство и за неговото детство. Плутарх пишува дека некои сметале оти Димитрија не бил роден син на Антигон, туку на неговиот брат, чија сопруга (по неговата смрт) се премажила за Антигон, кој го чувал Димитрија како роден син. Но, тоа биле само претпоставки. Плутарх пишува дека Димитрија ја немал висината на својот татко Антигон, кој бил висок човек. Меѓутоа, Плутарх пишува дека Димитрија бил толку убав што (цитат): "...ниту еден сликар или скулптор кога и да е ја имал доловено неговата убавина". Плутарх ги фали и неговите човечки особини кои го краселе уште од неговото детство. Во продолжение читаме дека уште како дете Димитрија бил многу приврзан кон својот татко Антигон и дека можел да влегува кај него дури и кога тој одржувал важни состаноци.

Во продолжение читаме дека македонскиот крал на Египет Птолемеј Први почнал со освојување територии надвор од Египет, при што стигнал до Феникија. Тогаш Антигон го испратил младиот Димитрија со војска да му се спротивстави на Птолемеј. Во близината на Газа Димитрија доживеал пораз од Птолемеј. (Тоа било во 312 година пред Христа). Потоа еден од офицерите на Птолемеј, по име Кил (Циллес), посакал да му зададе конечен удар на Димитрија, но овој успеал да го изненади и да го зароби Кил заедно со уште седум илјади војници на Птолемеј. Димитрија испратил писмо до својот татко за да го праша што да прави со заробениците, а Антигон му одговорил да постапи како што сака. Тогаш Димитрија го ослободил Кил, заедно со неговите пријатели и ги испратил назад кај Птолемеј. Практично со тоа Птолемеј бил избркан од територијата на Сирија.

Во продолжение читаме дека Димитрија имал успешен воен поход против Арапите. Иако упаднал во области каде нема вода, тој успеал да ги порази Арапите, кои биле принудени да му дадат големи богатства и седумстотини камили.

Во тоа време кралот Селевк (кој тогаш владеел со кралството на Селевкидите) тргнал во поход против Индија во обид да ги поврати источините територии од своето кралство (кои претходно биле освоени од Александар Македонски, но бргу по неговата смрт се отцепиле). Ова го искористил Димитрија и извршил напад врз Вавилон,чија одбрана (поради отсуството на голем дел од војската на Селевк) била ослабена. Димитрија го освоил Вавилон (во 311 година пред Христа) и таму поставил свој гарнизон од седум илјади војници. Потоа читаме дека Димитрија повторно војувал против војската на Птолемеј, која тогаш го опседнала Халикарнас. Димитрија го спасил овој град од освојување од Птолемеј. Потоа (307 година пред Христа) Димитрија тргнал во поход кон Атина, која тогаш била под власта на еден друг Димитрија (Фалеријан), поставен таму од Касандар. Димитрија ја презел Атина, а го помилувал Димитрија Фалеријан и го испратил во Теба. Атињаните со воодушевување го пречекале Димитрија затоа што тој ги вратил нивните стари закони. На ист начин Димитрија постапил и со Мегара. Поради сето ова Антигон и Димитрија добиле големи почести од Атињаните, кои ги прогласиле за свои кралеви, па дури и за "Божествени спасители".

Димитрија имал повеќе жени. Но, Плутарх пишува дека најважно место среде нив заземала жената по име Фила. Во врска со ова читаме:

"Највисоко место и почит меѓу сите нив и било доделено на Фила, која била ќерка на Антипатер и која пред тоа била жена на Кратер, еден од наследниците на Алекдандар (Македонски з.м.) - човекот кој зад себе остави најсилни чувства на поврзаност меѓу Македонците".

Плутарх пишува дека токму поради ваквото потекло на Фила, Антигон инсистирал таа да му биде жена на Димитрија, иако во тоа време таа била многу постара од него. Но, и покрај сиот респект кон Фила и кон преостанатите свои жени, Плутарх пишува дека Димитрија имал и голем број љубовници.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"