Уште една делба на МПЦ

(Отворено писмо до САС на МПЦ, електронските и печатените медиуми во Република Македонија)

Покрај расколот кој завладеа во Македонската православна заедница на петтиот континент по доаѓањето на Митрополитот Петар за надлежен Архиереј на таканаречената "Македонска православна епархија за Австралија и Нов Зеланд", сега на повидок е нова делба на Македонската заедница, односно на верниците и МПЦ.

Со растурање на летоци, повикувајќи го македонскиот православен народ на собрание и преку брановите на дел од македонските радио-часови на 17 март во просториите на црквата "Св. Никола" (2 Weigand Avenue, Bankstown) која е под канонска јурисдикција на Антохиската црква во квартот Бенкстеон, се одржа собрание за организирање на таканаречена "Сеправославна црква" во Австралија.

На собранието присуствувале триесетина Македонци кои се интересирале каква ќе биде поставеноста на црквата во чиј комплекс требало да има и помошни простории (сала - хол) која наводно треба да се гради во местото до самата црква кое било купено од државата за 180.000 долари, а е во сопственост на антиохиската црква.

Со собранието раководел свештеникот Митко Мачевски кој, според информациите, бил свештеник на Антиохиската црква, односно под нејзина јурисдикција. По излагањето за иницијативата, надлежниот свештеник во повеќе наврати бил запрашан од присутните за следното:

Дали владиката Петар знае за оваа работа?

Одговорот - Владиката Петар знае и има дадено благослов.

Дали на црковната зграда ќе пишува "Македонска православна црква" и под чија јурисдикција ќе биде истата?

Одговорот - Нема да пишува и нема да биде под јурисдикција на Македонската православна црква, туку под Антиохиската и тука ќе се вцрквуваат православните верници и од другите етнички заедници, на пример: Либанци, Сиријци, Македонци, Грци и кои било други православни христијани, а богослужбите ќе се прават на англиски јазик за да можеме да ги собериме младите луѓе.

Што ќе се случи ако во црквата доаѓаат повеќе верници од некоја друга етничка заедница и побараат да имаат свештеник од редовите на таа етничка заедница или надлежниот владика наименува друг свештеник?

Одговорот - Оваа е "Сеправославна црква" на сите христијани, без разлика кој свештеник ќе служи во црквата богослужбите ќе бидат на англиски јазик.

Ова сето што ни се случува на австралискиот континент е само продолжение од долгорочната стратегија на владиката Петар во растурањето на МПЦ во државата и надвор од неа. Дали може САС на МПЦ се уште да ги толерира ваквите антицрковни елементи кои се вгнездени во црквата и се кријат под светата митра. Оттука, се доаѓа до констатација дека со формирање на "Сеправославна црква" во Австралија владиката Петар би се прогласил за Архиепископ, а со тоа би успеал да ја урне МПЦ. А тоа води кон формирање на Синод на таа црква во која би влегле Јован, Петар и можеби антиохискиот Павле.

Многу брзо го заборавивте таканаречениот "Нишки договор", чии последици за навек ќе ги влечат идните генерации? Ги заташкавте срамотилоците на владиката Наум, а Егзархот Јован немате сила да го отстраните од редовите на МПЦ, бидејќи е од клонот на Петровото движење, а горди сте кога ги судите своите чеда кои делејќи од залакот на своите деца се впрегнаа да изградат цркви. Можеби затоа се виновни?

Немој да сметате дека македонскиот народ ќе можете да го лажете повеќе. Му верувате на некој, па макар бил и владика, кој работи против се она што е македонско почнувајќи со рушење на темелите на нашата Света црква, а не им верувате на 300.000 благочестиви Македонци кои се пионерите во градбата на Македонските православни цркви на овој континент и афирматори на Македонија, македонскиот јазик, литература и култура. Тие се организираа преку своите друштва и асоцијации и се изборија да светне Светиклиментовото кандило на сите континенти во дијаспората. Зарем сте заборавиле за односот на владиката Петар за време на изборот на г. г. Стефан за Поглавар на МПЦ и другите претходни поглавари.

Ги заборавите судските спорови кои се водат во Австралија. Спорот со "Св. Петка" е завршен и се очекува во наредната недела до две да се даде и пресудата. Доколку судот одлучи трошоците да се платат од страна на владиката Петар, дали САС на МПЦ не е обврзан тоа да го стори? Владиката Петар ги нема подмирено ни неговите судски трошоци со првите адвокати!

Зарем се уште ќе стоите слепи и глуви пред вистината? Вистината е дека владиката Петар не само што треба да го нема од Австралија, туку треба да го нема ни во редовите на МПЦ. Кога можат свештенослужители и великодостојници на црквата да се пазарат и да се присоединуваат и разијдуваат со други цркви и секти, зошто тогаш му се лутите на овој и така напатен народец кој дошол со по еден дифтик, а се ви оставил таму - и цркви и ниви и манастири. Барем овде оставете го на мир да може како што сака така нека си се организира, бидејќи ни државата води сметка за него, а најмалку црквата, зашто преку ваквата поставеност сакате да го испадите народот од црквата и да го размакедончите, бидејќи црквата е единствена институција каде народот доаѓа без покана.

Му верувавте на владиката Петар дека устројството во македонските православни цркви било узурпирано и црквите приватизирани за лични интереси. Со еден збор се работело недомаќински. Ќе ве потсетиме само на следното: За судскиот спор кој САС на МПЦ го води преку владиката Петар во Сиднеј, само досега судските трошкови МПЦ "Св. Петка" ја чинат околу 750.000, а од страната на Вас господа префрлуваат преку милион долари. Во овој временски период управата на МПЦ "Св. Петка" во Рогдајл (која ја судите за недомаќинско работење) заедно со членството и верниците купија два стана во зградата веднаш до црквата (каде што имаше претходно купено четири, а сега станаа шест). Црквата моментално се реновира, а Проектот чини преку еден милион долари. Во кругот на црквата изградени се помошни простории. Изработен е иконостас во ореово дрво од копаничари во Македонија. Се очекува наскоро да се започне со зографисување на кубето и по повод 100 години на Илинден да биде дадена во употреба.

Се прашуваме дали ова е недомаќинско работење?

Дојдете покажете ни како се работи?

Архиепископот дојде во посета на Австралија и не влезе во македонските православни цркви во Сиднеј, чиноначелствуваше во онаа Петровата - протестантската која наскоро ќе биде срамнета со земја, бидејќи ќе се гради станбена зграда.

Зарем не е грев што го лажевте народот дека сте ја купиле и дека се вцрквуваат во Македонска. Се наоѓате пред голем испит, господа архиереи. Ве повикува македонскиот народ по повод 100 години на Илинден да смогнете сили и да им ставите пепел на лошите соништа што ве мачат, бидејќи сите сме исти - Вие сте наши, а ние сме Ваши без разлика колку не сакате, а Македонија ни е заедничка - ваша и наша.

Кире Циревски, Сиднеј, Австралија

Мариово заслужува подобри денови!

(Отворено писмо до премиерот Бранко Црвенковски)

Господине Премиер,

Повод за моето јавување е отвореното писмо до Вас во неделникот "Македонско сонце" бр. 454 од 14.03. 2003 година под наслов "Спас за Мариово" од господинот Ф. Мавревски од с. Градешница, Општина Старавина.

Не сум убеден дека горенаведеното писмо стигнало до Вас, затоа што верувам дека луѓето кои се задолжени да ги читаат писмата испратени од граѓаните на РМ адресирани до Вас (во кои ги изразуваат нивните мислења, пораки, проблеми, или разни молби и барања) вршат селекција на истите и писмото сигурно проценето како неинтересно и неважно, завршило во корпата за отпадоци. Можеби не сум во право, но јас така размислувам.

И јас сум Мариовец, од прилепско Мариово, роден сум во с. Чаништа, кое се наоѓа во Општината Витолишта. Исто така и нас од Општина Витолишта не засега истото прашање: "Дали ќе ни преживее Општината?". Дали Вие со Вашата Влада ќе бидете спасителот, или како што вели господинот Мавревски, егзекуторот на Мариово.

Господинот Мавревски во неговото писмо до Вас го наведува чинот на пуштањето во употреба на водоводот во Општина Старавина како настан што го одбележал столетието во Општината Старавина. Исто така, и во с. Чаништа ни се случи таков настан. Добивме асфалтен пат до селото, а со тоа и голема надеж дека нештата за Мариово почнале да се придвижуваат од мртвата точка. Морам да потенцирам дека и за нашиот случај заслугата е Ваша и на Вашата тогашна Влада. Но, освен тоа, ништо друго не се случи, а тоа е многу малку.

Деновиве читаме во весниците за новороденче во Будимерци, Општина Старавина, а пред неколку месеци имаше таков случај и во Витолиште. Тие се двата светли моменти што го одбележаа почетокот на новото столетие за Мариово кое тоне во заборавот.

Ве молиме оставете ги мариовските општини да живеат. Помогнете им на општините и не дозволувајте овие новороденчиња поради немање на основни услови за живот, по неколку години со нивните млади родители да се иселат во градовите. Да го запреме миграциониот бран кој го испусти Мариово. Не дозволувајте двете новороденчиња од Старавина и од Витолишта да го добијат приматот на последните родени Мариовци во Мариово. Направете напори за заживување на Мариово, па иднината на овие деца да биде во Мариово, заедно со мариовчињата - повратници да ги поминат нивните училишни денови во клупите на мариовските училишта, кои сега се празни. Помогнете во заживувањето на Мариово, за овие мариовчиња во иднина да го понесат товарот за развојот на Мариово на своите плеќи за подобар живот на нивните деца во новото - идно Мариово.

Господине Премиер, замолете ги Вашите службеници кои ги читаат писмата испратени од нас граѓаните и кои селективно ги доставуваат до Вас, да го најдат писмото од Мавревски, кое сигурно е во корпата за отпадоци полна со наши писма кои не допреле до Вас, па полека и внимателно прочитајте го тоа писмо. Во него е споменат Проектот "Чебрен" и неговото огромно значење за Мариовците од општините Старавина и Витолишта. Тој напишал дека заборавил да Ви постави одредени прашања околу тоа, на кои Вие би требало да дадете соодветни одговори.

Тоа е и целта на моево јавување - да Ви ги поставам следните прашања:

Прво, дали воопшто во Вашата програма го имате Мариово како проблем за решавање?

Второ, дали се уште се размислува за реализација на Проектот "Чебрен" и кога ќе се стави на маса за решавање, ако се размислува?

Трето, дали ќе продолжите со остварување на поранешниот Проект: "Асфалтен пат до секое село, струја во секој дом"?

Се надевам дека моево писмо ќе има поголема среќа и нема да заврши во корпата за отпадоци како писмото на господинот Мавревски. А со тоа очекувам и одговор на моите неколку поставени прашања во некој од печатените медиуми со што ќе ги задоволите потребите на голем број Мариовци кои живеат низ целата територија на нашава држава и надвор од нејзините граници, а верувајте ми, ги има во многу голем број.

Ви благодарам.

Митре Стојановски, Битола

Вистината за Пописот!

Почитувани,

Слабо чувана јавна тајна е дека бројот на албанското малцинство, без лажење и крадење, е помалку од 20 отсто. Неодамнешните потврди на неименувани западни дипломати во дневниот печат се мошне показателни во тој прилог.

На крајот се зависи од самите нас. Ако се согласиме дека ги има 50 отсто, така и ќе биде, без разлика од тоа што е вистина, а што не е.

Борис Доцевски

Европа влезе во Македонија!

Е, македонски народе! Ни се исполни желбата. Не мора да одиме во Европа, таа дојде кај нас! Сега и нив ќе ги гостиме, а за возврат ќе ни свират, а ние ќе го играме она нашето... се додека еден ден не исчезнеме. Ова го пишувам со огорченост. Ве осиромашија, ве донесоа до просјачки стап и којзнае што уште може да се случи. Во моментов душата ми се кине и ме боли од солзи. Едвај го пишувам писмото, но сепак би ви напишала уште некој збор, да знаете дека тие не доведоа до пропаст. Не се Господ, па да мораме ним да им се молиме! Верувајте, има паметни луѓе. Мајка Македонија и такви раѓа. Луѓе кои се способни да му го вратат достоинството на Македонецот. Само во Третата опција е спасот!

Виолета Најдеска, Германија

Обединување на Македонците!

Повеќе од јасно е дека постоење на една сеопфатна организирана структура не е ниту практично, ниту можно, а во крајна линија контрапродуктивно. Исто така, нормално е дека сите треба да го работат она за што се најдобро позиционирани да го прават (во својот регион, домен на дејствување и во својата "специјалност"). Со тоа ќе бидат најкорисни. Нивниот пораст и просперитет за нив нормално дека ќе е на врвот од приоритетите и за сите нас е апсолутно важно да "научиме да ја играме играта". Но, да не се залажуваме дека нешто ќе може да се постигни ако се застане таму. Нели и United Macedonians се зафати со идејата да се прави форум и национален фонд?

Која е целта на овој форум? Зошто имаме потреба да се здружуваме и да разменуваме мислења? Сите имаме обврски и немаме од повеќе време за надмудрување еден со друг (да не бидам погрешно сфатен, има доста корисни написи од многу форумци). Доколку не беше природната потреба за "правење на нешто поголемо и поефективно", ќе останевме на постоечките е-маил сервиси, страници на интернет и форуми за информирање, разменување мислења, протестирање, собирање помош итн.

Свесен сум дека има доста форумци кои се наоѓаат во Македонија, но во моментов можам да се концентрирам на нас коишто сме надвор. Дали имаме можности и капацитет да & бидеме од корист на Македонија надвор од дејноста на лобирање, протестирање и слично? И што е исто така многу важно - дали имаме можности да лобираме во Македонија? Право да лобираме во Македонија имаме. Понатаму, дали имаме зрелост и упорност да ја убедиме Македонија дека можеме да придонесиме многу, дека имаме искуства кои "обичниот Македонец" немал можност да ги здобие. А да не заборавиме дека и политичарите и новинарите се "обични" луѓе како сите нас.

Колку што можам јас да увидам, кај "обичниот Македонец" не постои некое релевантно мислење за нас коишто сме во дијаспората. А за ова сме виновни самите ние. Да не зборуваме на огромната расцепканост на "корисните" организации кои се потполно замрени. Ние можеме да протестираме, лобираме (?!), да собираме помош, да го одразуваме нашиот јазик и култура, а можеби и најважно на овој или оној начин да им помогнеме на Македонците на Балканот. Ако е тоа доволно, тогаш во ред. А дека "зајакот лежи" во матичната Македонија е доказ со самата состојба на емиграцијата којашто беше комплетно ампутирана во времето на "самоуправна ни Југославија".

Дали обичниот Македонец има време и можности да слушне за сите овие групи и организации кои поединечно прават доста? Колку што има слушнато досега, толку ќе слушне и во блиска иднина, а и згора на тоа новинарите ќе пишуваат: "уште една македонска организација е регистрирана во...".

Доколку повеќе самостојни организации излезат со заедничко соопштение, порака или слично, мислам дека ќе има шанса да се слушне нивниот глас и став. А ако оваа работа се прави упорно, тогаш сигурно ќе има резултати. Во оваа група не би требало да влезат само организации од емиграцијата, туку и сите заинтересирани од Македонија, а листата природно ќе се проширува.

Доколку застанеме на "тоа не се може", работите ќе се влечкаат со години. Ако тоа не се може, тогаш се може нешто друго. Станува збор за волја (ако сакате политичка) за заедничко застанување зад важните принципи околу кои јасно е дека сите се согласуваме. Сето преостанато се поединости. Доколку е возможно финансирање на разни проекти преку заеднички настап, уште подобро.

На крајот, активирањето на еден (во недостиг на друг израз) ентитет ќе има позитивно повратно влијание во пошироката емиграција. Сите идеи се во доменот на утопијата и идеализмот се до моментот кога ќе се реализираат. За вакви потфати потребно е долго време и затоа, како што велат Англичаните, треба да се отпочне "вчера".

Марјан Галевски

 

"АНА" и "АНА"

Историјата не се прави само со грди работи, таа трпи и убави нешта, но пак останува необјаснет вечниот феномен - дека секој го прави она што секогаш го правел - поправка нема.

Зошто?

Затоа што во гореспоменатиот феномен постои една грда, нечовечна извитоперена вештина која служи за уништување на вистината, вештина која човекот ја користел низ историјата и која упорно ја применувал, особено кон искоренувањето на македонскиот народ од сопствената држава, и вештина за непостоење на истата држава - Македонија. Како, кога и каде човек да ги склопи нештата, се се врти во круг и крајот секогаш е нов почеток.

Да почнам со грчката вешина. Кога персискиот цар ги поробил елинските држави, кога грчкиот народ ја минувал фазата на национална пониженост, кога Атина и Спарта биле срушени како кули од кал, тогаш на мудриот Сократ му текнало дека треба да побара помош од надвор. Го побарал Исократ - атински поет кој со своите слатки зборови требало да го замоли македонскиот цар Филип за помош на грчкиот народ, и со неговата цврста рака да го обедини истиот за да излезе од таа пониженост. Еве ги зборовите на Исократ: "Ако си достоен потомок на македонскиот народ - изврши го ова и сите ќе ти должат голема благодарност - Грците за добрите дела што ќе им ги направиш, Македонците ќе се гордеат со ваков умен и силен господар, а пак целиот човечки род ќе ти благодари, затоа што ќе го ослободиш од деспотизмот персиски".

Македонскиот цар Филип бил во жива врска со нив, ги советувал и им помагал со пари. Но, Демостен, познат оратор, бил против ваков сојуз и постојано велел: "Македонскиот цар нема ништо заедничко со Грција, со грчката култура - тој нема да ја спаси Грција, туку ќе го загуши несреќниот збркан Атински Демос. Замислите на Македонецот се со единствена цел - да ја ограби Елада".

И покрај ваквите разврски помеѓу Сократ, Аристотел и Исократ од една страна и Демостен од друга страна, и по ред збиднувања, на Коринскиот конгрес била прифатена македонската хегемонија на Грција.

За оваа вистина зборуваат старите Грци - историчари Аријан и Плутарх, "Споредбени живописи". Строго ги одвојуваат Македонците од Грците. Еве што вели Плутарх: "Александар Македонски кога се лутел пцуел на македонски јазик, а не на грчки. Пред битката со Цар Дарија тој им одржа говор на Македонците на нивниот јазик". Бидејќи не биле ист народ, Плутарх ги одвојувал во секој поглед. Културата и науката јасно ја одвојувал, македонската од грчката, а посебно пишувал за славата што ја постигнале македонските цареви Филип и Александар, и оваа слава јасно била изговорена од организаторот Демостен - дека славата и успехот на походот е на Македонците, а не на Грците. Заради оваа вистина, и се друго што е речено од страна на Грците дека Античките Македонци се Грци е само лага, повторувана со векови и вешто пласирана поради огромната завист, омраза, алчност и апетит за приграбување на туѓа слава и туѓа земја. Заради ова Грција се здружувала со секого, дури и со ѓаволот, но секогаш против Македонија. А, кога Римјаните ги поробиле, Грците просто се стопиле од среќа и место Елини се нарекувале Ромејци, така гордо изговарале "Его име Ромјос" наместо срамот да ги издаде. Но, овие луѓе немаат срам. Македонското царство го прикажуваат како свое, за истото да го направат со Византиското царство, да го прикажат како свое и од Грци да станат Византијци.

Денешниве Грци политичари, пак, по примерот на своите предци кои со леснотија го менувале своето име, сметаат дека така лесно нас Македонците можат да ни наметнат ново име, демек заборавиле чии потомци сме ние, демек ние сме ја заборавиле нашата и нивна историја. Не, историјата не се заборава и тешко на оној кој ја заборавил својата историја, а и потешко на оној кој нема своја историја. Денешниве Грци, бесрамни и заборавени, со расипничка "вештина", дозволија Грчката новинска агенција "АНА" да ја преземе одговорноста за убиството на името на Македонија. Во исто време друга расипничка вештина, друга "АНА", ја презема одговорноста за убиството на македонскиот народ "Шкипоља 5".

Да не ја потценуваме науката и историјата, со нив ги разубавуваме и разбираме светот и животот. А кога историјата се искривоколчува, тогаш злобата и мракот царуваат, и во ваков мрак се развива, не како што некој мисли "нова", туку напротив многу стара наука - "клонирањето". Грција може со гордост да се пофали дека е мајка на "клонизмот". Таа (Грција) со клонирање од бели Македонци направи да се раѓаат црно-пути Грци. Тоа е таа нивна "вештина" која ја прифати "белиов свет", овој лажен свет полн со мудреци кои утре ќе скокнат на вратите од Јужна Африка и ќе им речат: "Вие не сте она што сте, Вие сте со црна-пут, Вие сте Грци и од сега ќе бидете Елади. Тешко на луѓето со црна-пут".

Но, да се вратиме на двете "АНИ" кои бесрамно ја преземаат одговорноста за нивните убиства, клонирани "АНИ", против вистинската, света, исконска Македонија. "АНИ" наметнати за светските водачи преку кои ја остваруваат својата алчна цел.

Македонските политичари, пак, мека лулка, за нивните цели, со одземена свест и совест, компромис ќе бараат за името свое и за името на својата земја. Компромис затоа што се слепи, само затоа што не ја познаваат историјата на својата земја, само затоа што феноменот "вештина" за нив е непознат, само затоа што не знаат јавно да ги прашаат Грците зошто се плашат од името Македонија, само затоа што не знаат да им згрмат на Албанците дека ова е Македонија, само затоа што не сфаќаат дека по секоја потпишана спогодба Македонија и македонскиот народ е се повеќе и повеќе онеправдан, само затоа што им залетнала дебела коска во грло, коска која народот ја нарекува предавство.

Грците јавно да му кажат на македонскиот народ и на светот зошто се плашат и го негираат името Макеоднија, а Албанците исто така јавно да кажат што им недостасува во Македонија. Грците немаат срам, а Албанците немаат историја, и така двете бесрамно & се натоварија на Македонија.

"АНА" и "АНА"! И двете да се составите, пак сте помали од името Македонија. Не случајно зборот Македонија е толку долг, доволно голем за да си ја покрие целата физиономија.

Народе македонски да се освестиме - мигот е време кое брзо минува, а ние остануваме пред историјата. Зарем ќе дозволиме Македонија да клечи пред две клонирани АНИ?

Љупка Ципушева


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"