а МХК "Злетово" или како сега се
вика, нема човек кој не слушнал во нашата Македонија, па и пошироко, и тоа
не само од напатените велешани, туку и од оние кои "водат грижа" за
здравјето на луѓето - еколозите во Велес на чело со поранешната
претседателка на Еколошкото друштво "Вила зора", која патем речено сега се
претвори во Партија на зелените и од која како профит се уште нема ништо на
повидок, иако е коалиционен партнер; лекарите кои, по некоја навика, се се
повеќе пратеници и претседатели на партии отколку она за што се платени од
ресорното Министерство и слично. Од штетното дејство на оваа фабрика за
производство на олово во Велес резултатите почнаа во последно време да
излегуваат на повидок - процентот на заболени е се поголем, па затоа и
гласот против неа е се позачестен. Од неа ќе се откажат и нејзините
вработени, бидејќи од фабрика која ја хранеше Југославија останаа само
ѕидишта и кој знае колку години имаат старите филтри кои скоро цела руда ја
испуштаат во воздухот.
За Топилницата и загаденоста од неа во овој момент толку.
Во Велес денес на повидок е нова еколошка катастрофа - рендгенот во
болницата. Еден ден, еден пријател ми вели: "Нешто не ми е добро, треба да
одам да се снимам, да видам што е. Како тргнало, од Топилницата сите ќе се
испоразболиме". Сретнувам двајца познати и наместо да ми отпоздрават и тие:
"Еве до рендген малку".
Некој ден наминав накај Медицинскиот центар во посета на мои роднини.
Кога таму на првиот кат - луѓе, луѓе, како никогаш до сега, чекаат ли чекаат.
Си разговараа, но некако не ми изгледаат за болни. Но, ништо, си го
продолжив патот, иако остана во мене нешто како прашање, како некаква
нејаснотија. На враќање пак поминувам покрај првиот кат и пак истата слика.
На излегување скоро се судрив со една моја поранешна сосетка и на прашањето
што тука, ми вели: "Еве бев на рендген". Си мислам "Што е ова, сите на
рендген?!".
Да биде чудото поголемо, двајцата познати кои пред некој ден наместо
отпоздравување ми рекоа "еве до рендген малку", пак ги сретнувам и на моето
прашање каде, пак тие: "Еве до рендген малку". Е сега, мојата љубопитност
порасна до тој степен што бараше одговор. Што е она поради што луѓето се
затрчале секој ден на рендген како да е тоа некоја играчка?! И не требаше
долго да ја дознаам вистината. Во Велес денес одат на рендген (со исклучок
на оние кои навистина се болни) сите оние кои бараат некое директорско или
какво било работно место, зашто рендгенолог-лекар е претседателот на
Општинската конференција на СДСМ за Велес. Оние кои го познаваат многу или
малку, одат на муабет, а оние кои малку или воопшто не го познаваат за да
стапат во контакт со него се изложуваат на рендген снимање. "Па што, ми вели
еден, штетите по здравјето од рендген зраците се помали од она што ни го
прави Топилницата, а нејзе ја трпиме веќе триесетина години".
И така, кој сака нешто во Велес - право на рендген. Дали еднаш или два
пати во неделата или во месецот ќе се снимаш и не е толку важно, важно е да
успееш. А да биде оваа вистина малку повеќе трагикомична, ќе речам дека
цената и на преостанатиот кадар (сестри, болнички, чувари итн.) кои се
членови на владејачкта партија или блиски до директорот на Болницата, кој е
оној прочуен и важен рендгенолог, многу порасна. И тие се важни за да се
стигне до него - рендгенот. Па заради тоа и ним треба да им се заврши патем
некоја работа, ако е во доменот на оној што ја дотуркал до нив. И така
наеднаш нив ги знаат сите во градот.
А болницата велешка е приказна за себе - по заслуги или не, само, колку
да има смени и замени на се што било на некое макар и на не толку важно
место, се заменува - се заменуваат главните сестри, сменските стануваат
споредни, чуварите "од прва одат во втора" и што ли уште не. Но сепак,
рендгенот е најважен. Ако сакаш да постигнеш нешто во животот - право на
рендген, зашто поинаку не ја бидува.
Но, сепак, моето прашање останува: Каде сте еколози - народот изгоре!